Достапни линкови

„Рекетот“ се отплеткува, обвинение за три месеци


Обвинителката Вилма Русковска која го води случајот Рекет во кој осомничена е и специјалната обвинителка Катица Јанева.
Обвинителката Вилма Русковска која го води случајот Рекет во кој осомничена е и специјалната обвинителка Катица Јанева.

Месец и половина по отворањето на истрагата за случајот Рекет обвинителството излезе со повеќе детали, а УЈП најави и конкретни контроли. Според правници, сега истрагата треба да се забрза.

Специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева ноќта ја помина во Истражниот затвор Скопје откако судија на претходна постапка при Кривичниот суд одлучи да ѝ одреди 30-дневен притвор.

За три месеци Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да ја заврши истрагата и да поднесе обвинение.

„Ако сметаме до колку може да бидат осомничените во притвор, инаку истрагата може да трае шест месеци, можеме да бараме и продолжение на истрагата, но ако сакаме да опстои притворот и понатаму, во рок од три месеци мора да биде подигнато обвинение”, рече обвинителката Вилма Русковска.

Од она што досега го откри обвинителството, Јанева е третиот осомничен во случајот Рекет. Првите двајца - Бојан Јовановски и Зоран Милески во притвор го поминуваат веќе вториот месец. Тројцата, според скицата што може да се направи по пресот на Основното јавно обвинителство, земале милион и пол евра од осомничениот бизнисмен Јордан Камчев и неговата сопруга за олеснителни околности во случајот Империја кој го водеше Специјалното јавно обвинителство.

Јанева, според обвинителството, со незаконски дејствија прибавила предмети и мебел во вредност од околу 5000 евра. За тоа има докази, а за другото финансиската истрага е во тек, велат од обвинителството.

„Конечно се разбудија органите на кривичниот прогон. Дали требаше да се чека толку долго и така да се одвива е друга работа, меѓутоа од кога веќе почнаа можеме да се надеваме дека ќе се одвива во согласност со потребите и со борбата против криминалот”, вели поранешниот судија во Уставниот суд Трендафил Ивановски.

Што се ќе донесе „Рекет“

„Истрагата за „Рекет“ продолжува, ќе видиме каде ќе не одведе”, ова го најави и обвинителката Русковска.

Она што во јавноста, пак, постојано се шпекулира е преку прекари за актуелни политичари од владејачкото мнозинство за кои во дел медиуми и опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека биле блиски со осомничениот Јовановски.

„Притворањето на Катица Јанева е договорен театар со кој треба да се прикријат трагите кои водат кон Илинденска и Зоран Заев”, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од нив државниот обвинител Љубомир Јовески тврди дека нема ниту една индиција дека парите завршиле кај домашни или странски политичари.

Двајца од нив, пак досега беа повикани да дадат изјава во обвинителството - градоначалниците на Карпош и на Битола Стефан Богоев и Наташа Петровска.

Медиумите пишуваа дека преку неговиот Меѓународен сојуз, Јовановски сакал да гради европски центар за возрасни лица во тие две, но и во други општини.

Истрага и во Меѓународен сојуз, БМЈ Груп и 1 ТВ

Од крајот на неделава и Меѓународниот сојуз Скопје влегува во истрага преку Управата за јавни приходи. Директорката Сања Лукаревска најави контроли кај физички и правни лица поврзани со случајот набројувајќи ги Меѓународниот сојуз, 1ТВ, БМЈ груп и сите останати даночни обврзници за кои преку анализите утврдиле дека постоеле одредени деловни односи и соработка.

„Овие најави за истраги, можно е да бидат врзани во истото кривично дело, во истата постапка, или да бидат други постапки, но мислам дека е сосема наместо УЈП и Финансиската полиција кои ги имаат сите индикатори во содејство со обвинителството да ги преземаат сите акции”, вели Ивановски.

Инаку, според објавите во медиумите, за почесен претседател на Меѓународниот сојуз е избрана потпретседателката на Собраниетои пратеничката од СДСМ Фросина Ременски. На интернет страницата на сојузот пак се наведува дека во управниот одбор се: Бојан Јовановски, Јасна Мандиќ, Илија Пенов, Катерина Ристиќ, Светлана Савиќ, Искра Новаковска, Енвер Малиќи, Владо Богоев и Ѓорги Калешов. Покрај Ременски, во политички води и членот на управниот одбор Енвер Малиќи, кој е заменик градоначалник на Скопје.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG