Достапни линкови

Консензусот за законот за ЈО ќе се бара во Собранието


Најдобра опција е консензусот да се прави во Собрание, велат од Министерството за правда откако работните групи не постигнаа договор за законот за ЈО. Според упатените, аферата „Рекет“ го демотивирала процесот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не прифаќаат скриена амнестија во законот за инволвираните во Рекет.

За Законот за јавно обвинителство ќе се расправа во Собранието, откако работните групи на власта и опозиција не постигнаа договор пред сè за судбината на СЈО, која се решава во овој закон, кој е со европско знаменце и е ставен на собраниската седница на 27 август. Од усвојувањето на законот за кој е потребно двотретинско мнозинство зависи и датумот за преговори со ЕУ. Од Министерството за правда велат дека изнаоѓање на консензус за законот ќе се бара во Собранието.

„Најдобра опција е консензусот да се прави во Собрание. Пратен е текстот и добро е сите пратеници што имаат забелешки да поднесат амандмани“, велат од Министерството за правда.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека идниот законски текст за ЈО не треба да содржи скриена амнестија за сите оние кои се учесници и кои го поддржувале случајот „Рекет“.

„Така што апсолутно дали законот ќе биде донесен навреме или не, зависи од желбата на власта дали смета дека е потребен еден јавен обвинителски систем кој ќе одговори на корупцијата и криминалот или не. Да заклучам, носењето на законскиот текст на ЈО можеби е предуслов за добивање на датум, но главен услов е борбата со високата корупција и криминалот која не се покажува во моментов. Така што Рекет влијае на недобивањето датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ“, вели Стоилковски.

На прашањето дали ќе поднесат амандмани на седницата, Стоилковски порача дека законот мора да биде донесен со консезус.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири смета дека аферата „Рекет“ го демотивирала процесот на изнаоѓање на решение за иднината на СЈО.

„Сега кога Рекет изби на површина целиот авторитет на СЈО е деградиран, институцијата исто така, така што јас не гледам мотив ни кај опозицијата ни кај власта да се изнајде решение кое ќе биде во функција на зацврстување на институционалната подлога за борба против организираниот криминал и високата корупција. Без интервенција на странскиот фактор на мотивирање на политичките чинители јас не верувам дека партиите ќе може да изнајдат некое конкретно решение затоа што аферата Рекет ја направи целата борба против организираниот криминал и високата корупција бесмислена, затоа што една институција без доверба не би можела да се нафати на една ваква сериозна задача“, вели Незири.

Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека камен на спомнување не е шефицата на СЈО, Катица Јанева, чиј мандат истекува на 15 септември.

„Каменот на сопнување во текот на преговорите за законот е барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики. Другите прашања се прашања за кои има мегдан за разговор“, изјави Дескоска во интервју за Независен весник.

Последен пат работните групи за законот на власта и опозицијата имаа средба минатиот месец. ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме излезе со нов предлог-закон за Јавно обвинителство.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG