Достапни линкови

Бизнисмени тврдат не биле рекетирани, но ги бараат парите назад


Бизнисменот Силјан Мицевски пред да даде исказ за случајот „Рекет“.
Бизнисменот Силјан Мицевски пред да даде исказ за случајот „Рекет“.

По бизнисменот Силјан Мицевски, на сведочење во обвинителството е и бизнисменот Ардијан Амзоски. И двајцата се поврзуваат со случајот „Рекет“, но тврдат дека осомничениот Јовановски не изнудувал пари од нив, туку им се допаѓала идејата за бизнис.

Во Обвинителството за организиран криминал и корупција се редат исказите на бизнисмени кои се поврзани со случајот „Рекет“, но се уште не се знае дали истрагата ќе биде проширена и дали од нив биле изнудени пари. Во меѓувреме Управата за Јавни Приходи ги чешла фирмите поврзани со осомничениот Бојан Јовановски, БМЈ медиа груп, Меѓународен сојуз и 1ТВ.

Бизнисменот Ардијан Амзоски денеска за прв пат ќе дава исказ во обвинителството, а неговото име заедно со името на бизнисменот Силјан Мицевски се појавува во сведочењето на бизнисменот Орце Камчев. Мицевски еден ден пред Амзоски по негова иницијатива втор пат даваше исказ пред обвинителката Вилма Русковска која ја води истрагата и во која осомничени се Бојан Јовановски, Зоран Милевски и шефицата на Специјалното Јавно Обвинителство, Катица Јанева.

Во првата страница од сведочењето на Камчев во која се опишува како тој договара со Јовановски да не биде гонет од СЈО за случајот „Империја“ спомнува дека двајцата бизнисмени биле рекетирани од Јовановски преку неговата невладина организација „Меѓународен сојуз“ со изговор тие да инвестираат во старечки домови.

„Јас сфатив дека се работи за земање рекет од страна на Бојан, затоа што тој претходно веќе двајца луѓе измамил со истиот договор за лиценца за старечки домови и тоа едниот Силјан Мицевски од Битола и уште еден од Струга сега не можам да се сетам на името, но знам дека е роднина на Фијат Цановски. Се работеше за идентична сума 2+2 милиони евра“, вели Камчев во исказот даден во СЈО.


Мицевски и Амзоски негираат дека биле измамени, односно дека им се допаѓала идејата за старечките домови.

Амзоски вели дека нема што да додаде и се повика на соопштението испратено до медиумите, според кое неговата фирма „Дрим Билдинг“ склучила договор за стратешко партнерство и деловна соработка со Меѓународниот сојуз и со тоа се обврзала да плати околу 260 илјади евра. Од „Дрим билдинг“ најостро ги отфрлија и сите шпекулации дека му платиле на Јовановски за специјалната обвинителка Јанева да го повлече обвинението против нив за случајот „ТНТ“ на СЈО.

Мицевски пред распитот изненади со изјавата дека 720 илјади евра уплатил на сметката на Меѓународен сојуз, иако претходно пензионерката Лилјана Тодоровска, членка на невладината организација сведочеше дека на нејзина сметка на име на авторски хонорар легнале парите за реализација на проектот.

„Не сум дал пари на пензионерка. Пари сум дал на Меѓународниот сојуз на Јовановски и нормално дека ќе си ги барам назад“, рече Мицевски.

Дека исплатата легнала на сметката на Тодоровска беше потврдено и од Финансиска полиција која потврди дека пред неколку месеци го истражувала потеклото на парите, но тогаш не нашла ништо спорно. Претходно и самиот Мицевски го тврдеше истото, но сега се премисли.

Од обвинителството пред тие да бидат повикани на прашање на РСЕ дали бизнисмените чии имиња се поврзуваат со случајот ќе дадат исказ и дали ќе се истражат наводите за нивно рекетирање не сакаа да откријат детали.

„Обвинителството прибира вербални и материјални докази и за сите детали што нема да и наштетат на постапката ја информира јавноста. Оценката на обвинителот што раководи со предметот е кое лице, во кој дел од постапката и во кое својство ќе биде повикано да даде исказ во обвинителството“, наведоа од Обвинителството за организиран криминал и корупција.


Пред обвинителството по втор пат сведочеше и поранешниот директор на Телеком, Жарко Луковски кој се спомнува во аудио снимките во разговорите меѓу Камчев и Јовановски кои ги објави италијанскиот веб сајт „Ла Верита“. Луковски кој е под истрага на СЈО за случајот Базни станици, како што може да се слушне во разговорите, исто така преговарал да не биде гонет, како и бизнисменот Дејан Панделески, за кој засега не е познато дали сведочел. Панделески е дел од управниот одбор на Бетон Штип кој е под истрага во случајот „Империја“.

Клучното прашање е се уште без одговор. Каде завршиле парите?

Милион и пол евра кои ги исплатил Камчев за да биде пуштен во притвор и да му биде вратен пасошот, како и речиси милион евра од Мицевски и Амзоски.

Русковска кратко соопшти дека се уште се работи на финансиската истрага и дека само за дел од парите исплатени од Камчев се знае каде се.

„Па нешто знаеме, за нешто работиме. Не може да дознаете зошто сепак се работи за истражна постапка и не може во јавноста да се изнесуваат детали за истата“, рече Русковска.

Од Управата за Јавни Приходи вршат контрола дали имало даночни затајувања во фирмите поврзани со Јовановски. Од управата согласно нивните надлежности може да ги проверуваат приливите на пари, врз која основа тие се префрлени, како и работењето на фирмите. Од таму не ја исклучуваат можноста и за проширување на контролите и на други поврзани фирми со случајот. Од УЈП не одговорија дали се испитува од кого и на кој начин се влезени приливите на пари на фирмите поврзани со Јовановски. Парите кај и да завршиле, бизнисмените најавија дека ќе си ги бараат назад.




  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG