Достапни линкови

Лидерска средба за СЈО, но и за можни предвремени избори


Лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, март 2019.
Лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, март 2019.

Законот за ЈО ќе биде главната тема на утрешната средба меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Се очекува, според најавите, Мицкоски да го покрене и прашањето за предвремени избори.

Лидерска средба на која ќе се расправа за законот за Јавно обвинителство ќе се одржи утре во Собранието. Утре продолжуваат и разговорите на работните групи за законот.

До обидот да се најде решение за судбината на СЈО доаѓа на пет дена пред истекот на мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Законот треба да биде усвоен до 15 септември и неговото донесување е клучно за добивањето на датум за преговори со ЕУ во октомври.

Едно од клучните барања на ВМРО-ДПМНЕ веќе е исполнето, а тоа е државното јавно обвинителство да ги преземе сите предмети на СЈО.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кога ги презентираше барањата на опозициската партија повика и сите обвинители од СЈО да се вратат во матичните обвинителства.


Професорот Никола Дујовски смета дека е корисно и добро за демократијата, лидерите на политичките партии да седнат и да разговараат. Според него, на власта и се потребни гласовите од опозицијата. Законот за јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство.

„Без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде тешко, меѓутоа очекувам да се постигне консензус, кој нема да биде исполнување на се што ќе побара ВМРО-ДПМНЕ“, вели Дујовски.

Министерката за правда Рената Дескоска по средбата на работните групи во Собранието во петокот изјави дека по преземањето на предметите на СЈО остануваат посветени на донесување на законот.

„Остануваме сега посветени на потребата од донесување на законот. Тоа е планот А, план Б веќе нема потреба затоа што континуитетот на предметите е обезбеден со она што се случи, така што тоа е реалноста“, рече Дескоска.

Таа изрази и надеж дека опозицијата ќе се врати на преговарачките позиции што поскоро. Мицкоски најави дека на средбата ќе го покрене и прашањето за одржување предвремени парламентарни избори.

„Но, дали ќе се постигне договор под условите кои ВМРО-ДПМНЕ ги диктира, имајќи ја предвид нивната сила во македонското Собрание, не верувам дека Заев ќе биде доведен до таа мера и уценет за да треба да прифати предвремени избори. Тоа едноставно може да се случи само доколку се оцени дека е добро за развојот на општеството, но сигурно одлуката нема да биде донесена пред одлуката на Европскиот совет во однос на нашиот почеток на преговори“, смета Дујовски.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески изјави дека примопредавањето на предметите од СЈО во државното јавно обвинителство ќе се врши предмет по предмет. Според него, процесот нема да трае долго и обвинителството има капацитет да ги превземе и да постапува соодветно по предметите.

Комисијата за избори и именувања претходно предложи разрешување на Јанева, која е осомничена за случајот „Рекет“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG