Зад затворени врати пратениците од собраниската комисија за избори и именувања дебатираат за дали треба да биде разрешена специјалната обвинителка Катица Јанева која е во притвор како осомничена за предметот „Рекет“.
Претходно, Советот на јавни обвинители не го декласифицираше извештајот со кој се препорачува разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Со тоа Советот го одби барањето на шефот на Комисијата за избори и именување Илија Димовски кој е осомничен во предмет на СЈО, седницата да биде јавна.
Во одговорот на Советот, повикувајќи се на Законот за кривична постапка, се вели дека извештајот треба да се разгледа на состанок зад затворени врати за да не и се наштети на истражната постапка. Димовски дури го повика шефот на Советот на обвинители, Ацо Колевски и сите пратеници кои имаат безбедносни сертификати да присуствуваат на состанокот.
Пред седницата, пратеникот Илија Димовски побара да се работи зад затворени врати, бидејќи извештајот содржел многу детали од истрагата.
„Седницата ќе биде затворена затоа што станува збор за класифициран материјал иако јас сметам дека за извештајот од Советот на јавни обвинители за разрешување на Катица Јанева треба да се расправа на отворена седница“, изјави Димовски.
Според процедурата, примероци од Извештајот ќе им бидат поделени на сите членови на комисијата, тие ќе го разгледаат, па потоа ќе гласаат. Предлогот за разрешување на Јанева треба да се донесе со просто мнозинство, а конечната одлука треба ја донесат пратениците на пленарна седница со двотретинско мнозинство, која треба да ја закаже претседателот на Собранието Талат Џафери.
Костадин Костадинов од СДСМ, пред почетокот на седницата побара Илија Димовски да се иземе од седницата поради тоа што е осомничен во предмет на СЈО и поради можноста за конфликт на интереси. Димовски се заблагодари за укажувањето и возврати дека по таа линија многу политичари од СДСМ ќе треба да се иземат од истите причини.
Димовски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за разрешување на Јанева.
Откако комисијата до вечер на полноќ ќе донесе одреден заклучок, тој потоа ќе треба да биде разгледуван во Собранието на пленарна седница каде што со двотретинско мнозинство ќе се одлучува за разрешувањето на Јанева. Како придружен документ на заклучокот до пратениците ќе биде доставен и мислењето на четирите најголеми партии.
Но, претседателот на Собранието Талат Џафери вчера именува само три релевантни партии: ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. За четвртата рече дека не може да се одреди, бидејќи опозициските Алијанса и Социјалистичка партија имаат еднаков број пратеници – по тројца, додека повеќе партии имаат по двајца пратеници.
Доколку пратениците ја разрешат Јанева, таа би требало, според стариот закон, да биде вратена во гевгелиското основно јавно обвинителство затоа што се уште не е донесен новиот закон за Јавно обвинителство. Потоа се отвораат и правните врати на Советот за јавни обвинители за да и го одземат мандатот на обвинител, односно да не може повеќе да се занимава со професијата обвинителство. Таква одлука може да донесе Советот поради истрагата за предметот „Рекет“ и основаното сомнение на Обвинителството за нејзините постапки во злоупотреба на службена должност и тргување со влијание.
На само еден ден пред собраниската комисиска расправа за разрешувањето на Јанева, таа од притвор испрати писмо со кое дополнително ги усложни состојбите.
Јанева до СЈО и Јавното Обвинителство испрати полномоштво со кое ги овластува обвинителите од нејзиниот досегашен тим да ги предадат сите предмети на државниот јавен обвинител, вклучувајќи ги судските предмети, истрагите и предистражните постапки.
Обвинителката Фатиме Фетаи на новинарско прашање пред почетокот на рочиштето за предметот „Монструм“ изјави дека „не треба да не интересираат ситници и моментни настани“, односно треба да се гледа поголемата слика, повисоката цел. Таа вели дека во моментов треба да се изнајде начин со кој нема да се дозволи спречување тие што се огрешиле пред законот да одговараат.
„Во однос на судбината на нашите предмети, независно дали ние ќе продолжиме да ги застапуваме тие предмети или други обвинители сепак таа одлука би била подобра од кое било друго решение кое го посакуваат одредени политичари во моментот, а тоа е преку вешто искористување на одредени правни празнини и злоупотреба на нивната политичка моќ да дојдат до решение кое што ќе значи целосно или делумно одбегнување на кривичната одговорност. Со други зборови не е битно дали ќе гони Фатиме, Вилма или некоја трета Костадинка, но е битно тој што се огрешил пред законот да се соочи со последиците од дејствијата коишто ги има преземено,“ изјави Фетаи.
Правниците беа децидни дека нејзиното писмо е правно неважечко затоа што со самиот факт дека е две недели во притвор таа е суспендирана од обвинителската функција.