Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески информираше дека притворот за Јанева е побаран, бидејќи истрагата за случајорт „Рекет“ е проширена и врз специјалната обвинителка која денеска претходно беше приведена по наредба на Обвинителството.
Обвинителката Вилма Рускоска вечерва по излегувањето од Кривичниот суд изјави дека сметале оти во овој момент е неопходно да се одреди притвор за Јанева, а сопред извештаите, таа од вечерва ќе биде спроведена во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, а оти по барање на нејзиниот одвокат утре ќе присуствува на погребот на нејзината мајка во Гевгелија.
Специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева попладнево пристигна во Кривичниот суд. Таа со полициска придружба од нејзиниот дом се упати кон судот, каде беше изведена пред судија од претходна постапка за да одлучува по барањето на Основното јавно обвинителство за одредување мерка притвор. Во гаражите на судот влезе со автомобил.
Месец и половина по отворањето на случајот Рекет, обвинителството ја прошири истрагата и побара притвор и за специјалната јавна обвинителка Јанева.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на прес-конференција рече дека постои сомневање дека јавната обвинителка ја злоупотребила својата службена положба и овластување, за што прибавила и имотна корист во значителна вредност.
„Од досега обезбедените вербални и материјални докази во истрагата Јавното обвинителство утврди дека основите на сомневање се издигнаа на степен на основано сомневање дека јавниот обвинител сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување”, рече Јовески.
Тој објаснуваше дека истрагата досега утврдила дека обвинителката влијаела да се изврши дејствие поврзано со еден од осомничените во случајот Империја кој го отвори СЈО. Таа преку веќе осомничените двајца во Рекет, Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец кој веќе се во притвор, влијаела да му се олесни мерката притвор на еден од осомничените во Империја и тој да стане заштитен сведок.
Јовевски рече дека осомничените во Рекет добиле торба полна со еден милион евра, а претходно неговата сопруга им исплатила половина милион евра. Tој прецизираше дека обвинителката со незаконски дејствија прибавила предмети и мебел во вредност од околу 5000 евра, но не одговори конкретно дали знаат каде е торбата што се виде и на снимките на Ла Верита.
“Тоа е едно од централните прашања со кои уште од отворањето, истрагата се занимава и повеќе детали околу тоа во овој момент не може да соопштиме”, рече Јовевски.
Претходно беше извршен и претрес во домот на обвинителката Јанева по што таа со полициска придружба беше во просториите на Специјалното јавно обвинителство. Таму, како што рече обвинителката Вилма Русковска, која што го води случајот Рекет бил одземен службениот компјутер на Јанева. Во меѓувреме се проширија информации дека се вршат претреси и во домови на политичари, што Русковска го негираше.
„Не е точно дека се апсат политичари, нема барање за претрес на домови на политичари, можеби е по барање на друго Обвинителство и за друг случај“, рече Русковска.
Јовески, пак, уверува дека постапуваат неселективно во расчистувањето на случајот.
“Досега обезбедените докази потврдуваат дека се работи за исклучиво кривично-правен настан и затоа случајот не треба да се политизира или пак да се поврзува со учество на лица од други држави. Нагласувам дека нема ниту една индиција дека незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари”, рече Јовевски.
Прашан што ќе значи притворот на Јанева за работата на СЈО, тој рече дека СЈО се уште има мандат и доколку јавниот обвинител е спречен да ја извршува работата, Советот на Обвинителите треба да назначи в.д. обвинител. Според законот јавните обвинители немаат имунитет.
Инаку истражната постапка за случајот „Рекет“ обвинителство ја соопшти на 15 јули, наведувајќи дека на 2-ри мај ја почнале предистражната постапка за Јовановски и Милески во која, како што рекоа, собрале повеќе вербални и материјални докази. Тогаш беше соопштено дека од 2018 година до месец април оваа година, Јовановски искористувајки го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а Милески ги договарал средбите и контактите.
На 8 август, пак, италијанскиот весник Ла Верита на својата интернет страница ја објави првата видео и аудио снимка на која се гледаат Јовановски и Милески во домот на Камчев, а потоа во друга снимка се слушна и гласот на обвинителката Јанева.