„Сè ќе биде ок“, вели гласот за кој многумина тврдат дека е на специјалната обвинителка Катица Јанева во еден од снимените разговори кои ги лиферуваше италијанскиот медиум „Ла Верита“ по објавувањето на истрагата за предметот „Рекет“. Но оваа максима носи голема неизвесност со оглед на тоа што во јавноста се доживува како можна вмешаност на Јанева во изнуда на пари од осомничениот Орце Камчев во предметот „Империја“.
Во медиумите таа преку писмени соопштенија потврди дека тоа е нејзиниот глас, но се правдаше дека со тие разговори сакала да го врбува Камчев да сведочи во други предистражни постапки на СЈО.
Јанева денеска во Јавното обвинителство е повикана да даде исказ во својство на сведок, велат од Обвинителството. Таа денеска одговара на прашањата на обвинителката Вилма Русковска за нејзините сознанија околу предметот „Рекет“. Во овој предмет за трговијата со влијание и перење пари засега осомничени се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески познат под прекарот Кичеец. Тие веќе втор месец како се во притвор.
Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека својството во кое е повикана Јанева во Обвинителството може да се смени во текот на истрагата во зависност од доказите до кои ќе дојдат обвинителите.
„Значи може да биде и сведок, може подоцна во зависност од тоа што ќе се прибере во предистрагата, да биде и предмет на истрага. Така да, тоа својство најдобро го оценува обвинителот кој што ја води истрагата, сака да дојде до информации за неа или за некој други осомничени. Во овој случај бидејќи е повикана како сведок претпоставувам дека обвинителката сака да дојде до информации за други осомничени во истрагата „Рекет“, објаснува Илиев.
Дали за неа ќе има истрага и каква ќе биде таа за неа зависи од други докази, а не од нејзиното денешно сведочење, додава Илиев.
Досега во Обвинителството искази дадоа обвинителките Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, обвинителот Бурем Рустеми и шефицата на кабинет на Јанева, како и осомничениот Зоран Милески- Кичеец и Лилјана Тодоровски, пензионерка која добила 720 илјади евра за идејата за европски центри за возрасни лица, во име на невладината на Боки 13 Меѓународен сојуз.
Според снимените разговори кои беа објавени Камчев преку Боки 13 и Зоки Кичеец се обидува за милион ипол евра да си ја купи слободата и да го затвори предвреме предметот Империја чија истрага обвинителките Стефанова и Јанева ја отворија во ноември минатата година.
Опозицијата обвини дека власта намерно го одолговлекува расчистувањето на случајот „Рекет“, бидејќи, како што вели, „поголем број бизнисмени биле рекетирани и сумата што била побарана и добиена од нив била над 20 милиони евра“.
Сега на осомничениот Камчев, притворот му е укинат, пасошот вратен а оној кој е во притвор е Јовановски. Во меѓувреме бизнисменот Камчев се повлекол од раководните позиции во „Орка Холдинг“, според податоци од Централниот регистар.