Достапни линкови

Лицата со попреченост во Битола пеат на англиски и спортуваат


Хумани битолчани им помогнаа на штитениците на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост Порака од Битола да добиваат курсеви по пеење, англиски јазик и спортски активности.

Младата Елена Петровска и другите членови од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола запеаја и на англиски јазик за да докажат дека и тие имаат талент.

„Ќе ја пееам ‘Hero’ (Херој) од Витни Хјустон, исто така ‘Цреша’ од Тоше Проески, ‘Малку љубов’ заедно со моите другари. Пресреќна сум оти можам да пеам и да настапувам пред публика“, рече Елена.

На младите бесплатно им помогнаа други хумани битолчани.

„Се подготвуваа неколку месеци со музиката, за англискиот јазик многу ни помогна Симона Јовеска од Школото за странски јазици Лотус. Анастасија Центар ни помогна со обука на децата за пеење и се надевам дека настанот ќе биде одлична можност да се подигне свеста дека овие дека можат да ги развиваат своите таленти како и другите луѓе“, рече Оливера Петровска.

Но, дали има услови да го развиваат талентот во пеење, цртање, фотографирање?

„Немаме спонзорства за да ги развиваат своите таленти, многу е тешко, но се бориме. Ова само е проект, а надвор од него има можност само ако си платиме приватно, друга можност нема. Мојата ќерка осум часа дневно посветува на пеењето. Ќе мора да оди на приватни часови ако сум јас во можност“, рече Оливера Петровска, мајка на Елена.

Симона Јовеска е професорка по англиски јазик, која годинава овозможи беплатни курсеви за лица со попречености.

„Добар дел од штитениците на Порака веќе имаат присуствувано кај нас на различни обуки за англиски јазик и компјутерски вештини. Курсевите започнаа во февруари и ќе завршат до крајот на јуни, но позади нас имаме неколку месеци на одлично дружење и учење“, рече Јовеска.

Покрај пеењето, во рамки на прокетот „Можеме и сакаме да пееме“ што е дел од кампањата „Попреченоста е само прашање на перцепција“, а во организација на Здружението на лица со интелектуална попреченост „Порака“ се одржаа и спортски игри. Лица со попречености заедно со ученици од основните и средни училишта во Битола се натреваруваа во трчање на 100 метри, додавање топка, шутирање во мали голчиња и кош.

„Акцентирање на нивните таленти. Немаат друга можност освен во нашиот клуб, каде не како обврска и работа, туку како хоби се пее, спортува и се прават изработки“, речеЈуле Трајчевска, претседател на „Порака“ од Битола.

Таа се надева дека проектот ќе биде предизвик за целосна инклузија и вклученост во општеството за лицата со интелектуална попреченост да имаат квалитетен и исполнет живот.

„Образованието е еден од аспектите каде најмногу можеме да придонесеме за инклузивното вклучување и се разбира и пошироката средина која ќе им овозможи на лицата со попреченост да ги развиваат своите таленти. Креирањето на амбиент во кој лицата со попречености ќе ги остваруваа своите основни човекови права е наша обврска како општество. Не е никаква привилегија, туку неприкосновено човеково право“, рече Марија Младеновска Димитровска стручен соработник психолог во СОУ „Таки Даскало“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG