Со високи мермерни столбови и покриви во форма на пагода, куќи изградени од богати Роми красат многу села во Романија.
Распространети во една од најсиромашните членки на ЕУ, овие згради, се проценува дека ги има неколку илјади, најчесто се многукатници, бидејќи соседите се натпреваруваат кој ќе биде повисоко.
Костица Станчу, вели:
„Ромите талкаат низ цела Романија. Кога ќе видат прекрасна куќа, сакаат да поседуваат таква. На почетокот сите замоци имаа малку кули, но потоа беа заменети со посовремени покриви.“
Шарените декорации, како и знакот на американскиот долар или логата на некои германски автомобилски марки, можат да се видат на некои од фасадите како симбол на богатството.
Романскиот архитект Рудолф Граф вели дека, иако често се исмејува како „апсолутен кич“, стилот на „ромските палати“ не треба да се отфрла.
„Парадоксално тоа одразува дел од историјата на Романија, за разлика од современата архитектура што ја спроведува самата држава“, вели тој.
Покривите, особено со нивните фрагменти и искривени скали кои потсетуваат на азиските храмови, се само истакнување на типичните архитектонски елементи во земјата.
Копија на судницата
Стиловите се разликуваат од регион до регион. Во централна Романија, куќите се инспирирани од католичките цркви, додека во југозападната тие ги копираат нео-класичните структури, а на исток и југ од земјата нео-романската традиција главно на некогашните аристократи.
Но, како што вели Граф, и покрај нивните варијации, сите тие имаат една заедничка цел: да го покажат „престижот и успехот“ на оние што живеат во нив.
На моменти, структурите можат да ги реплицираат постојните јавни згради, како што е онаа со посебна приказна во селото Бузеску, на 100 километри јужно од главниот град Букурешт.
Дан Финту, богат член на ромската заедница, кој загина во сообраќајна несреќа во 2012 година, го моделирал неговиот дом во судницата каде што во 90-тите бил осуден на затвор за измама.
Злато и сиромаштија
„Изворите на финансирање за овие палати се нејасни“, вели Граф.
Многу од сопствениците на овие куќи во Бузеску рекоа дека заработиле пари од старо железо и сè уште го прават тоа како занимање; други пак, заминале во странство на работа.
Лидија, жител на Бузеску вели:
„Парите не доаѓаат како порано. Како можете да заработите пари ако останете дома? Не можете, па нема друга опција освен да си заминете од дома.“
Крајот на комунизмот, пак, доведе до послабо правно опкружување во кое било полесно да се заработат пари. Ромите исто така беа во можност да го потврдат својот идентитет по падот на режимот на диктаторот Николае Чаушеску кон крајот на 1989 година.