Достапни линкови

Речник за зачувување на тетовското „таќе, ваќе“


Тетовецот Дарко Гавровски подготвува книга за тетовскиот дијалект за да ги зачува од заборав добро познатите „таќе, ваќе, руќе, ноѓе“. Книгата е насловена „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика“.

Да се зачува барем во книга препознатливиот тетовски дијалект, ова е идејата на тетовецот Дарко Гавровски. Тој посочува дека иселувањето веќе го прави своето, па ваквиот говор сè помалку го има.

„Сè помалку може да се најдат стари тетовчани со стари тетовски корени, заради тоа што најголем дел од тетовчани се селеле во Скопје, на нивно место доаѓале од селата кои имаат подруг говор, од градскиот тетовски говор. Тетовчаните постари се иселуваат во поголемите градови, во Скопје, во Белград, се иселувале. Така што мал број на луѓе ова го зборуваат. Сè поретко може да се сретнат низ Тетово класичните „таќе, ваќе, руќе, ноѓе“. Сè почесто селските варијанти- таке, ваке, руке, ноге ...Така што мислам дека ова е и последен обид да се зачува овој говор“, вели Дарко Гавровски.

Тој е пред крај со подготовката на енциклопедиското дело насловено „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика“. Има над 7000 зборови, сите со богато објаснување за потеклото, значењето и употребата.

„Можам да кажам дека ќе биде најлуксузното издание за еден говор во рамките на целокупниот македонски дијалектолошки јазичен корпус. Заради тоа што е енциклопедиско издание во кое ги има сите досегашни историски истражувања на тетовскиот говор, граматика, фонетика, морфологија на тетовскиот говор и богата лексика од над седум илјади зборови на тетовскиот говор со објаснета етимологија, потекло на говорот значи, опис, но не само краток опис, туку целосно како се употребувал тој збор во Тетово. Пример абаџија, кои биле најстарите абаџии, историјатот на абаџиството или ако е некоја црква историјатот на таа црква, со карти на Тетово, со слики од поголемиот дел на предмети непознати досега, пошироко непознати и исчезнати, така што мислам дека ќе биде книга која ќе остане за наредните генерации како завештание, за да може да остане како аманет за идните генерации“ објаснува Гавровски, кој веќе ја има издадено книгата Тетовски древности во 2009.

Податоците за ова дело се собирани над 20-тина години.

„Интересот е на мојот татко кој почна да собира во една- две тетратки стари зборови, но само зборовите. Тоа беа стотина зборови, потоа јас ги проширив до седум илјади зборови со објаснувања. Лесниот дел беше да се соберат тие зборови. Се собираа од стари луѓе. Еден збор па го потврдувам дали е така, тој збор или стари маала, каде се наоѓале Кокушоо ќуше или Фејзоо сокаче, значи и градската топонимија е пишана тука. Потешкиот дел беше да се објаснат тие зборови, зашто има зборови кои знаеме како се користат, но тешко е да се објаснат. На пример гргара, како ќе го објасниш зборот гргара, правење...плакнење на устата или целиот процес. Објаснети се тука игри, детски игри, како се играле, правилата на играта, старите слави, колкав број, која слава колку куќи ја слават. Видови на бои“, објаснува Гавровски.

Користена е библиографија од над 600 извори.

XS
SM
MD
LG