Достапни линкови

Тротинети има, за инфраструктура и закон ќе почекаме


Граѓанин на Скопје на тротинет
Граѓанин на Скопје на тротинет

Низ улиците на Скопје можат да се видат сè повеќе граѓани кои возат електрични тротинети. Корисниците велат дека со нив многу полесно се движат низ сообраќајните гужви. Надлежните најавуваат законски мерки за тротинетите наесен, а активистите прашуваат како ќе се третираат батериите кои ги користат.

За само еден ден и половина откако беше објавен, заврши и вториот јавен повик за субвенции за електрични тротинети и велосипеди од страна на Град Скопје. Интересот за овој тип алтернативен транспорт е сѐ поголем, велат од Градот и додаваат дека на годинешниот повик за тротинети се појавиле дупло повеќе апликанти од лани.

„На минатиот јавен повик доделивме над 3000 субвенции за велосипед, и сега е голем интересот за велосипеди, но очигледно е дека расте и за електричните тротинети кои сега на пример се истрошија за ден и половина. Лани имаше поднесено околу 100 барања за субвенции за електрични тротинети, а оваа година над 200“, информира Ваљон Салиу, портпарол на Град Скопје.

Мартин Богатиноски секој ден оди на работа од Волково до Центар со електричен тротинет. Вели дека користењето на овој вид превоз му го олеснува движењето во сообраќајот и многу го скратува времето кое му е потребно за да стигне до работното место, кога тоа би го правел со автомобил или јавен превоз.

„Многу ми е полесно со тротинетот, но сепак има и некои проблеми со кои се соочуваме, бидејќи сообраќајната инфаструктура во градот не е предвидена за тротинети. Има патеки за велосипеди, а не за тротинети, тие имаат помали тркала, а има многу големи дупки на патеките. Патеката на Кејот на Вардар е премногу оштетена, целата е испукана и на секои две минути треба да застануваш и да го креваш тротинетот“, раскажува Богатиноски.

Тој додава дека не ретко пешаците нервозно реагираат на нив, бидејќи пак честопати тие ги користат велосипедските патеки, кои стануваат претесни кога на нив ќе се појават и тротинетите.

Од полицијата велат дека овој вид на превозно средство не е регулирано со закон и се третира како учество во сообраќај на велосипеди и според постојните закони се прават редовни проверки. Досега нема регистрирано прекршок или сообраќајна несреќа во која учествувал електричен тротинет.

„МВР оформи работна група која работи на измени на законот за сообраќај со цел да се дефинира како ќе се третира ова ново превозно средство. Искуството од земјите во ЕУ каде на големо се расправа за ова најчесто се оди кон тоа да се третираат како велосипеди, но тука се создава проблем што поради габаритноста на овие возила се зазема целата велосипедска патека и тоа прави проблем за движење на велосипедите. Но, во секој случај експертите ќе се изјаснат и она што ќе биде најдобро решение ќе се преточи во закон и ќе се спроведува на територијата на Република Северна Македонија“, изјави Тони Анѓеловски, портпарол на МВР.

Активистите за животна средина го поздравуваат користењето на ова средство, кое не ја загадува животната средина, но се сомневаат дека тоа ќе даде значителни резултати во намалување на аерозагадувањето.

„Самите тротинети се возат само во сончеви и топли денови, кога домаќинствата не учествуваат во вкупното загадување на амбиенталниот воздух, па тоа остава отворено едно друго прашање: што во текот на зимските месеци, колку ќе се функционални и кој ќе биде нивниот импакт во зима? Од друга страна се наметнува и прашањето во врска со самите батерии на тие тротинети кои се сметаат за потенцијална опасност, бидејќи се третираат како опасен отпад. Значи по експлоатацијата на тие батерии се поставува прашањето што со тие батерии понатаму, каде ќе се депонираат, како ќе се третирани понатаму и сл“., вели Кирил Ристовски од невладината „Флорозон“.

​Првиот јавен повик се однесуваше на граѓаните кои од први јануари купиле тротинет во Македонија, а ќе трае сè до исцрпување на буџетот, кој изнесува 1,5 милиони денари, или не подоцна од 30 ноември. Градот ќе надомести дел од средствата за набавка во износ од 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Во однос на велосипедите пак, Градот Скопје покрива 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За да добиете субвенции за велосипеди, пак, потребно е да исполнувате неколку услови: да сте жител на Град Скопје, досега да немате добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопје и велосипедот да го купите од денот на објавување до денот на завршување на јавниот повик.

И грчкото Министерство за транспорт и врски деновиве објави низа мерки за ракување и употреба на електричните тротинети со цел да се воведат основни правила поврзани со безбедноста. Ракувачите треба да бидат над 15-годишна возраст или над 12, доколку се во придружба на полнолетно лице и задолжително да носат кацига. Конкретните превозни средства се поделени во три категории, зависно од брзината што може да ја достигнат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG