Достапни линкови

Загадувањето големо, а сè помалку луѓе се возат со автобус


Скопје лани тестираше автобус на плин
Скопје лани тестираше автобус на плин

Бројот на патници во градскиот превоз од 2015 до 2018 година е намален за 20 проценти, во ситуација кога истражувањата покажуваат дека сообраќајот е еден од главните фактори за загадување на воздухот.

Градските власти во Скопје најавија набавки на нови автобуси пред една година, но скопјани нема да ги видат уште најмалку половина година. На почетокот на минатата година, ЈСП тестираше електрични и плински автобуси, а градоначалникот Петре Шилегов изрази надеж дека до крајот на 2018 ќе бидат набавени 20-30 нови автобуси. Сепак, за нив ќе треба да се почека до крајот на оваа или до почетокот на наредната година.

Новите автобуси ќе се купуваат со кредит од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Банката минатиот месец ја распиша првата фаза од тендерот, а конечниот избор треба да се изврши во јули годинава. Фирмата што ќе го добие тендерот ќе има рок од 9 месеци да ги испорача автобусите, што значи дека скопјани веројатно ќе почнат да се возат во нив во 2020 година. Град Скопје очекува за тие пари да набави меѓу 30 и 40 автобуси на плин.

Градоначалникот Шилегов, по потпишувањето на договорот со ЕБОР, рече дека две третини од новите автобуси ќе бидат зглобни, а една третина единечни нископодни автобуси, кои трошат помалку и загадуваат 10 пати помалку од сегашните автобуси на ЈСП.

„Ова ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во нашиот град, ќе даде сериозен импакт во деценискиот проблем со загадувањето, имајќи предвид дека со новата стратегија и со новите возила, јавниот транспорт во Скопје ќе биде и многу побрз и многу поефикасен што автоматски ќе го направи многу поатрактивен за користење од страна на нашите сограѓани“, рече Шилегов пред неколку месеци.

Прашање е дали обновата на возниот парк ќе може да ги врати луѓето во автобусите. Во ситуација кога истражувањата покажуваат дека сообраќајот е еден од главните фактори за загадување на воздухот, сè повеќе луѓе се возат со автомобил, а сè помалку со автобус.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на превезени патници во градскиот превоз е намален за 20 отсто само во последните четири години. Ако во 2015 година, годишно во градски превоз се превезле скоро 52 милиони патници, минатата година биле превезени само 42 милиони патници. Пред три децении, пак, со јавен превоз се превезувале скоро четири пати повеќе, односно по 150 милиони патници годишно.

Професорот по јавен градски превоз Никола Крстаноски се сомнева дека проблемот со јавниот превоз во Скопје може да се реши само со автобуси. Тој инсистира дека, покрај автобусите, неопходно е воведување на брз и капацитивен јавен превоз, како на пример брз трамвај. Не се потребни кампањи за јавен превоз, ако луѓето забележат дека можат удобно, брзо и точно да стигнат со јавниот превоз, тие самите ќе се откажат од автомобил, вели тој.

„Важно е да се постигне поголема брзина. Значи, брзината на превоз мора да биде поголема. Неодамна гледав некои податоци и во врвен час на некои од линиите во јавниот градски превоз во Скопје има просечна брзина од под 14 километри на час, што е недозволиво, тоа е премногу ниско и не е конкурентно. Да речеме еден Лондон, кај автобускиот сообраќај, има просечна брзина на автобуски превоз од 22 километри на час“, вели тој.

Крстаноски вели дека изградбата на трамвај во Скопје може да помогне.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG