Достапни линкови

Пандевска, Иванова и СВЕТЛОСТ со „Квази бурлеска“ на Скопско лето


„Квази бурлеска“ е насловено делото за пијано и инструментален состав на композиторката Ана Пандевска чија премиера во изведба на Дуња Иванова и СВЕТЛОСТ е планирано да се случи во среда, на 3 јули од 21.30 часот, во паркот „Ибни Пајко“ во рамките на актуелното Скопско лето.

По исклучително успешниот мартовски концерт на кој посегна по творештвото на современиот француски композитор Јан Тирсен и потем неодамнешната звучно-визуелна инсталација „Зелено во етерот за зелено Скопје“, македонската пијанистка Дуња Иванова е исправена пред нов сериозен предизвик. Пред нешто што не е само новина за неа туку и воопшто за современата македонска музика. Таа, заедно со колегите од музичкиот колектив СВЕТЛОСТ, оваа среда, на 3 јули во 21.30 часот, во паркот „Ибни Пајко“ во рамките на актуелното Скопско лето, премиерно ќе го изведат делото „Квази бурлеска“ за пијано и инструментален состав, од композиторката Ана Пандевска. Така тие заедно се искачуваат едно скалило погоре во нивната плодна соработка во која досега последната страница беше концертот „Зимски пејсаж“, изведен на 18 декември минатат 2018 во екстремно студени услови во Паркот на франкофонија во Скопје.

Во пресрет на овој несекојдневен перформанс, Иванова знае да каже дека „Квази бурлеска“ е едно исклучително дело на композиторката Ана Пандевска кое за ден-два ќе ја има својата прва јавна изведба. Својата премиера. Таа појаснува дека идејата за него дошла сама по себе кога го гледале минатогодишниот одличен концерт на ФАЈТИНГ ВИЛДМИЛС. И веднаш и спомнала на својата пријателска и омилена композиторка да се осмели, да се охрабри да создаде едно такво дело со класична форма како клавирски концерт со оркестар, но наместо оркетар да биде наменето за состав.

„Ана како и во минатото така се сега, се нафати и од неа излезе целата таа музика за „Квази бурлеска“. За неа е сосема доволен еден мал мотив, една идеја, за да направи исклучително музичко дело кое е веројатно првото од ваков вид во историјата на македонската композиција и се надевам дека ќе поттикне и понатаму една поголема инвенција во тие творечки музички кругови. Концертот ќе биде снимен и се надеваме дека подоцна по проверката на добиениот аудио материјал и неговата евентуална пост продукција ќе успееме да го заокружиме и да го претставиме во форма на носач на звук“, вели Дуња Иванова.

Дуња Иванова
Дуња Иванова

Авторката Ана Пандевска, пак, дополнува дека уште тогаш разговарале во која насока би се движел еден ваков спој на музичари. Од една страна оние кои се со класична музичка наобразба, наспроти другите кои и припаѓаат на џез и рок провиниенцијата и на сето тоа згора како основна појдовна точка современ композитор. Дури дека на почеток имале и мали проблеми околу изборот на бенд со кој би ја започнале соработката, но еве на крајот се излегло како што го замислиле. Како што пожелувале. Според неа СВЕТЛОСТ е трио кое има извонредна музичка дисциплина и креативност. Дека тие зад себе имаат доста експериментални проекти што нејзе како на композитор многу и одговарало. Таа смета дека и покрај тоа што се трио СВЕТЛОСТ звучат како да е состав од 10 члена, бидејќи секој од нив паралелно свири уште некој инструмент или има додатоци со кој го збогатува звукот. Конечно дека на интензивните проби сите заедно се надополнувале во идеите, посебно во деловите каде има повеќе слобода за импровизација.

„Појдовната точка за создавање на ова дело ми беше фузијата на повеќе стилови преплетени во еден израз. Можам да најавам само дека како и во повеќето мои композиции може да се почувствува амбиенталната музика, минимализмот, џез, електроакустични па на моменти и рок елементи. Се надевам дека публиката ќе ужива, онака како што и ние уживаме додека се спремаме за концертот. Делото трае околу 30 мин, составено од 3 става. Кулминацијата на делото е во третиот став, до неа се стига постапно бидејќи првиот став е амбиентален и постапно се развива формата каде кулминира на крајот. Интересни се ритмичките фигури кои се појавуваат од свинг, драм енд бејс, трип-хоп и многу други, но и перкусивните играчки кои бојат на амбиенталните делови како и начинот на кој кореспондираат со пијаното и останатите инструменти од составот“, смета Пандевска.

Ана Пандевска
Ана Пандевска

И, кога сме веќе тука збор два за авторите на проектот.

Ана Пандевска е автор е на солистички, камерни, хорски и симфониски дела кои опфаќаат различни музички правци и жанрови, како минимализам, фолклор, џез, електроакустична и амбиентална музика. Како редовен член на СОКОМ добитник е на повеќе награди за класична композиција.

Дуња Иванова е магистер по пијано и доктор на филозофски науки. Како солист настапувала во Њујорк, Париз, Сараево, Тирана, Рагуза, Приштина... на големите културни манифестации и фестивали како, Охридско лето, Денови на македонската музика, Скопско лето. Музика вива, „Браќа Манаки“, Струшки вечери на поезијата, Нов културен бран, а кај почироката културна јавност во земјава е позната и по своите посвети на музиките на значајните творци какао Збигнев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли и други.

СВЕТЛОСТ
СВЕТЛОСТ

СВЕТЛОСТ, пак, е музички колектив основан во 2014 година и флексибилен ансамбл, кој основното трио Нинослав Спировски (кларинет, сопран и тенор саксофони), Кристијан Новковски (тапани, удиралки) - Дени Омерагиќ (контрабас, бас гитара и електроника) го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили. Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект - најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика.

Конечно, „Квази бурлеска“ е во продукција на „Слобода филм“, со финансиска поддршка на Министерството за култура на РСМ и општина Центар, а се одржува како дел од годинешното јубилејно 40-то издание на манифестацијата Скопско лето.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG