По недела дена од реализацијата на проектот „Грац го среќава Скопје“ на австрискиот ансамбл ЦАЈТФЛУС, откажаниот концерт на Македонска филхармонија, 42-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, зад кое барем досега стоеше Сојузот на композиторите на Македонија, продолжува со остварување на дел од планираната програма. На мускули и само со ентузијазам, ама некако оди.
В сабота во 20 часот, на сцената на Музеј на македонска борба, е планирано да се одржи перформансот на светски познатата летонска пијанистка Лаума Скриде. Добитничката на наградата „Бетовенов прстен“ за нејзините интерпретации на германскиот класичен и романтичен репертоар, на ова прво свое гостување во земјава ќе се претстави со дела од композиторите Мехмет Џан Озер, Петерис Васкс, Петар Јованов, Сорен Нилс Ајхберг, Софија Губајдулина, како и од македонските автори Борис Светиев, Гоце Коларовски и Ана Пандевска.
Родена во Рига, во 1982, Лаума Скриде е најмладата од трите ќерки во музичко семејство. Почнала да свири пијано на петгодишна возраст, станувајќи ученик на авторитетната Анита Паце во Музичката школа „Емил Дарзин“ во родниот град. Потоа студирала со Фолкер Банфилд на Универзитетот за музика и театар во Хамбург.
Од својата единаесетгодишна возраст учествува на бројни меѓународни натпревари, меѓу кои и натпреварот „Марија Каналс “во Шпанија и Меѓународниот натпревар по пијано во Кливленд (САД), на кои освоила и неколку награди.
Според критиката на Баварскиот информативен сервис, изведбите на Скриде се „чудесно чувствителни, со прекрасен тонски квалитет и секогаш со врвнa виртуозна кондиција“. Комбинирани со брилјантна техника, ова се квалитетите со кои Лаума, како солист и камерен музичар, ги плени слушателите на извиканите концертни сали по светот.
Настапувала со оркестри како Велшкиот национален оркестар на Би-Би-Си, Оркестарот на Алстер, Унгарската национална филхармонија, Филхармонијата на Бремен, Филхармонискиот оркестар од Хајделберг... и други. Соработувала со диригенти како Педро Халферт, нам добро познатиот Кристијан Јарви, Корнелиус Мајстер и други славни имиња. Како многу баран камерен музичар, во 2008 година Лаума Скриде, заедно со својата сестра и виолинистка Баиба, Хариет Кријг и Лиз Берто, го основале СКРИДЕ КВАРТЕТ кој оттогаш постојано патува по Стариот континет настапувајќи во големите центри и на прочуените фестивали.
Сестрите Лаума и Баиба од поодамна настапуваат во дуо, а критиката со бирани зборови ги поздрави нивните изведби во салата Вигмор во Лондон и на Прашкиот пролетен фестивал.
Во октомври 2011, заедно со Кралскиот дански оркестар од Копенхаген и Шведскиот камерен оркестар, дуото за прв пат го изведе Двојниот концерт од Ханс Абрахамсен, дело што било специјално компонирано за оваа двојка. По неговата изведба „страствената енергија, младешката издржливост и музичката чувствителност“ станале заштитни знаци на дуото СКРИДЕ.
Згора на ова Лаума Скриде често се искачува на сцена со врвни инструменталисти како виолончелистот Даниел Милер-Шот, Сол Габета и Јулијан Стекел, како и Јорг Видман, Кристијан Тецлаф и квартетот АРМИДА.
Конечно во 2007 година, таа ја доби и наградата ЕХО КЛАСИК за млад уметник за својата изведба на клавирскиот циклус „Das Jahr for Sony“ од Фани Хенсел.
И, да се вратиме повторно на програмата на овој концерт. Лаума Скриде во Скопје ќе ги свири македонските композитори Светиев, Коларовски и Пандевска. Притоа со нагласено внимание се очекува изведбата на композицијата „Landscape Atmosphere ( Bells on my piano, Crystal Drops, White pearls)“ што Ана ја напиша во 2015 година и која неколкупати досега беше изведена од нејзината соработничка, македонската пијанистка Дуња Иванова. Премиерно на електро-акустичниот концерт на Пандевска и Дарија Андовска во камерната сала на Македонска филхармонија, потем во Даут пашин амам и во Паркот на Франкофонијата.
Ана Пандевска вели дека нејзе ѝ е укажана особена чест и дека навистина е радосна што една уметница како Скриде се решила на својот концерт да посегне по нејзината композиција, амбиентална музика со забележително импресионистичко влијание, тргнувајќи од самата програмност и насловот на делото па се до музичките техники и стилот на пишување.
„Ова дело го пишував во еден тежок период во кој секојдневно се случуваа протести и демонстрации по улиците на Скопје. Општествените случувања беа интензивни и напорни за сите нас. Во еден таков период сакајќи да ги тргнам мислите макар на момент од сивилата што ни се случуваа, решив да побегнам во имагинарни природни убавини, далеку од урбаниот начин на живот создавајќи музика. И така се роди ова ново дело, кое в сабота публиката повторно ќе може да го чуе овојпат во изведба на еден врвен странски пијанист каков што е Лаума Скриде од Летонија“, вели Пандевска.