Достапни линкови

Бројот на првоодделенци во Куманово се намалува


За наредната учебна година запишани се 184 ученици помалку во однос на лани, велат од Секторот за образование. Според податоците, една третина од децата кои треба да тргнат во прво одделение не се запишале на училиште.

Миграција на млади кумановски семејства во странство, како и преселби од еден во друг градски реон, но веројатно и недоволното ажурирање на податоците за децата од нивното раѓање до тргнување на школо, како и некои други причини кои им се познати на родителите, го намалиле бројот на првоодделенците, велат надлежните во Секторот за образование во Куманово. За наредната учебна година запишани се 184 ученици помалку во однос на лани, а енормно намален број е во две општински основни училишта, „Вук Караџиќ“ и „Толи Зордумис“. Според Жика Крстевски раководител на Секторот за образование од регистрирани околу илјада и 500 деца родени во 2013-та и јануари 2014-та година, за упис на училиште недостасуваат околу 500 деца.

Податоците покажуваат дека досега најголем број на запишани првоодделенци има во „Кочо Рацин“и тоа 144, потоа следува училиштето „Браќа Миладиновци“ со 132, 114 во „Крсте Мисирков“ , 112 запишани првачиња во „ Христијан Т. Карпош“. Во „Толи Зордумис“ од 87- те планирани првачиња по реон запишани се 47, а најмалку се запишани во „Вук Караџиќ“, само шест деца од планираните 57, земајќи ја предвид реонизацијата.

Крстевски потсетува дека вакви варијации имало и во минатиот период, поради што се надева дека првачиња ќе се запишуваат и во септември. Според него податоците се доставени до Министерството за образование на РСМ и до општинскиот Совет.

Крстевски посочува дека и покрај тоа што законската реонизација постои, сепак дел од родителите своите деца ги запишуваат во централните градски училишта, каде што пак понекогаш се случува и прекубројност во паралелките.

„Во одредени училишта се намалува бројот на учениците, а во училиштата во централното градско подрачје имаме дури и поголем број од максимално утврдениот број што е казниво и за што оваа година со Државниот просветен инспекторат имаме упатства да ги провериме сите училишта за да не се оптоваруваат со 35 , а има случаи и со 37 и со 39 ученици“, вели тој.

Жика Крстевски раководител на Секторот за образование во Куманово.
Жика Крстевски раководител на Секторот за образование во Куманово.

Крстевски очекува дека овој проблем ќе се надмине со новиот Закон за основно образование, според кој бројот на ученици во паралелките би бил од 20 до 30. Дотогаш и Државниот просветен инспекторат веројатно ќе ја согледува состојбата.

Некои од родителите своите деца ги запишуваат во централните училишта од за нив практични причини, како што е близина на целодневен престој, на нивните работни места, или пак поради планирани преселби во друг градски реон.

Меѓутоа, од бројот на запишаните ученици во првото полугодие минатата учебна година заминале 60-ина поради преселби во странство, а според најавите во летниот период таа бројка ќе се зголеми.

Марина Манојловска директорка на ООУ „Браќа Миладиновци“ не го крие задоволството од бројот на запишаните првоодделенци.

„И оваа година на ниво на Општина Куманово нашето училиште има најголем број запишани првоодделенци. За жал само во селото Студена Бара уписот е намален во рамките на предвиденото, но со оглед на иселувањето, останува да очекуваме следната година состојбата да се смени. Инаку во самиот центар и во реонските училишта запишани се 145 ученици“, вели Манојловска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG