Достапни линкови

Економијата пред политиката во неделниците


Министерот за финансии, Драган Тевдовски
Министерот за финансии, Драган Тевдовски

Главна тема во магазинот Капитал е зголемувањето на кредитниот рејтинг на земјава од страна на агенцијата Фич. Фокус пишува дека економијата забрзува, ама нема причини за славење, а Глобус анализира за датумот за старт на преговорите со ЕУ.

Капитал - Подобрениот кредитен рејтинг од страна на Фич

Во рубриката „Во фокус“ во бизнис магазинот Капитал главна тема е зголемувањето на кредитниот рејтинг на земјава од страна на агенцијата Фич, за прв пат по 13 години, од ББ на ББ+, со стабилен изглед. Неделникот објаснува дека подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму, како што ги наведува зборовите од прес-конференцијата на министерот за финансии, Драган Тевдовски, уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати - со други зборови, подобар животен стандард за граѓаните. „Подобрениот кредитен рејтинг исто така ги намалува и трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите“, го цитира неделникот министерот Тевдовски. Во извештајот агенцијата Фич наведува дека подобрите стандарди на владеење ја поддржуваат имплементацијата на реформите и ја зголемуваат довербата дека земјата нема да се врати на политичката парализа меѓу 2014 и 2017 година и нотира дека ова влијаело за натамошен напредок кон членство во НАТО и кон отворање на преговорите за членство во ЕУ, што, пак, ја поддржува довербата на инвеститорите и дејствува како сидро за реформи и макроекономска стабилност. Според Фич, меѓутоа, остануваат ризиците главно од политичка природа. Секое отстапување што ќе ја попречи Северна Македонија од нејзиниот пат кон ЕУ може да доведе до влошување на економските изгледи и да предизвика намалување на рејтингот, го пренесува Капитал предупредувањето на агенцијата Фич во извештајот по повод зголемувањето на кредитниот рејтинг на земјава.

Фокус - Eкономијата забрзува, ама нема причини за славење

„Eкономијата забрзува, ама нема причини за славење“, ги наведува неделникот Фокус предупредувањата на консултираните домашни експерти кои по првите позитивни економски параметри предупредуваат дека нема простор за еуфорија и дека ова е само првиот од многуте чекори за реално закрепнување на економијата. Според економските законитости, потребен е континуиран раст на БДП од 6 отсто во наредните четири години, за ефектите директно да се почувствуваат од граѓаните и домашните компании, ги пренесува Фокус мислењата на домашните експерти од областа на економијата.

Глобус - Датумот за ЕУ

Од економија на политика, иако и првото и второто се поврзани и се во меѓусебна зависност. Онлајн магазинот Глобус го поставува прашањето: „Вредеше ли да се притиска со оставка од страна на премиерот Зоран Заев, упатена до лидерите на ЕУ, ако сè уште нема сигурен датум за старт на преговорите со Унијата или таа стратегија сепак вроди со плод, што би го потврдила како правилен коцкарскиот манир на премиерот?“ Авторот на текстот смета дека веројатниот октомври како датум е сепак резултат на фактот што некој се труди на Албанија, одвнатре, до толку да ѝ го влошува ликот во европското огледало, што вториот вагон кој требаше да влезе во бриселската станица сепак ќе биде раздвоен. Така, пишува Глобус, одговорот на прашањето за инсистирањето на датум во јуни или јули едноставно се реши надвор од нас, со редоследот на потезите кои се случуваат во непосредната околина.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG