Достапни линкови

Владата меѓу датумот, реконструкцијата и ДДВ-то


Медиумите пишуваат за одложувањето на датумот за преговори со ЕУ, реконструкцијата на Владата и за мерката поврат на ДДВ за граѓаните.

„ЕУ не определи датум за почеток на преговори со Македонија“ – наслов во електронското издание на Нова Македонија по дводневниот министерски состанок на шефовите на дипломатиите членките на ЕУ во Луксембург, со додавка од изјавата на еврокомесарот Хан дека е уверен оти „во октомври ќе има одлука за почеток на преговорите со Македонија“. „Македонија очекува датум оваа есен, ниту една земја-членка не била против преговори“ – наслов во Слободен печат и изјавата на премиерот Зоран Заев дека земјата добила писмена гаранција за датум за почеток на преговорите наесен, а за тоа се согласиле сите земји. Независен одложувањето во Луксембург го најави со следнава насловна страница: „Септември стана октомври за ЕУ – Македонија пак доби одлагање“. Вечер провокативно од состанокот на министрите за надворешни работи на членките на Унијата: „Еве вака гласаше Европа, и не една туку седум земји се против“, користејќи го статусот на Антонио Милошоски на неговиот ФБ профил. Слободен печат објавува дека романското претседателство на Унијата реагирало на шпекулациите дека седум членки биле „против“ преговори со Македонија. Информациите се демантирани и на вебсајтот на Министерството за надворешни работи на Луксембург, пишува истиот весник.

„Статус кво на Балканот не е одржливо“, ја пренесува Нова Македонија пораката на Твитер на американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот. Порталот на истиот весник наведува дека „Вашингтон сè погласно ги критикува европското колебање и тромавоста во однос на евроинтеграциите на Балканот, вклучувајќи и на Македонија“. Слободен печат објавува мислења и на ЕУ стручњаци, како на Роза Балфур од Германскиот Маршалов Фонд, на пример, која смета дека „Одложувањето на датумот за Македонија е грешка“ и дека „Македонија е жртва на внатрешната политика на ЕУ“ и дека „не верува дека Унијата би ризикувала во октомври да го загуби целосно својот кредибилитет во регионот во кој е најпопуларна“.

Порталите на Слободен печат и Независен ја цитираат изјавата на премиерот Заев: „До петок планирам да ги доставам предлозите за реконструкција на Владата во Собрание“. Нова Македонија информира дека „Пописот чека датум за комисија“, поточно ставање на дневен ред на новиот предлог-закон за пописот во собраниската комисија кој, според препораките на ОН треба да се спроведе во сите земји членки догодина. Весникот додава дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму има забелешки за начинот на кој се планира да се изведе пописот, а од Владата тврдат дека е работен според стандардите на Евростат.

Сите електронски изданија на печатените медиуми објавија дека од 1 јули стартува ветениот пред изборите проект на СДСМ за поврат на 15 отсто од ДДВ на граѓаните. Фискалните сметки ќе се испраќаат скенирани во УЈП, а исплатата на вратениот ДДВ ќе се врши на трансакциските сметки на секои 3 месеци. Вечер ја коментира најавата за ова со друг наслов: „Поврат на ДДВ е мајтап на годината – за 1.000 денари сметка, 27 денари ќе ви вратат“. Вечер објавува и анкета на Институтот за политички истражувања Скопје: „Мицкоски ја врати ВМРО-ДПМНЕ на голема врата – ако утре има избори власта ќе се смени: ВМРО-ДПМНЕ 21.2 отсто - СДСМ 19.5 проценти“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG