Земјите членки на Европската унија не успеаја да се договорат за датум за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија, а на прашањето ќе се навратат најдоцна во октомври. Ова е исходот од Советот за општи работи на Унијата кој се одржа денеска во Луксембург. На прес конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и романскиот министер за европски работи, Џорџ Чиамба во својство на земјата претстадавач со ЕУ неколкупати изразија жалење за одлуката и неколкупати го споменаа во позитивно светло Договорот од Преспа.
Жалам што земјите членки на Европската унија денеска не ја потврдија препораката на Европската комисија да отвори преговори со Северна Македонија и со Албанија, рече Хан.
„За жал малцинство земји членки не беа во можност да ја поддржат јасната препорака на Комисијата да се почнат преговорите со Албанија и Северна Македонија”, рече Хан.
Конкретно во последната верзија се наведува дека „Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор кој претставува значајно постигнување и позитивен пример за регионот и пошироко”.
Во однос на датумот во сегашниот текст се повторува заклучокот од 26 јуни 2018 година во кој советот силно ги поздрави Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија и ја зема во предвид препораката на Комисијата за почнување на преговорите со Северна Македонија врз основа на позитивниот заклучок и направениот напредок.
„Поради ограниченото време и важноста на прашањето Советот ќе се врати на прашањето со јасна и суштинска одлука што е можно поскоро, но не подоцна од октомври 2019 година”, се наведува во денешниот заклучок.
На прашањето дали има гаранции дека сигурно во октомври ќе има одлука Хан рече дека не може да даде никакви гаранции.
„Но, јас ги слушав многу внимателно нашите земји членки. Беа полни со почит за Северна Македонија. Имаше многу јасно фер и чесно објаснување од германскиот министер Рот кој ни кажа дека имаат институционален проблем со тоа што германскиот Бундестаг нема време да донесе заклучоци”, рече Хан.
Претходно министерката за надворешни работи на Хрватска Марија Пејчиновиќ Буриќ која учествуваше состанокот рече дека од одредени причини имало држави кои не се согласиле Северна Македонија и Албанија да почнат преговори овој јуни како што, како што вели таа, било договорено на состаноците минатата година.
„За жал не се направи голем напредок, дури и бројот на држави кои имаат одредени забелешки за тоа можноида се зголеми. Ние секако се заложувавме тие преговори да се отворат со Албанија и со Северна Македонија”, рече Пејчиновиќ Буриќ.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто пак не донесувањето на датум го нарече срамна одлука, тврдејќи дека централноевропските земји дале голема поддршка и сите барале веднаш да се донесе одлука, посебно земјите од Вишеградската група, но дека западноевропските земји имале аргументи против.