Достапни линкови

Јункер: не е лесно да ме смените


Лидерите на ЕУ повторно ќе се состанат на 30-ти јуни за да се договорат кој треба да ги наследи највисоките работни места во Унијата. Тие и во вториот обид синоќа во Брисел не успеаа да постигнат согласност за новите претседатели на Европската комисија, на Европскиот совет и на европарламентот, како и за новите шефови на европската дипломатија и на Европската централна банка.

Евролидерите кои во Брисел разговараа зад затворена врата, без помошници и без телефони, не ги надминаа несогласувањата околу тоа кој треба да ја води Европската унија во наредните години.

Евролидерите без согласност за новите шефови на ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск најави дека третиот обид на евролидерите ќе биде на 30 јуни.

„Европскиот совет имаше целосна дискусија за номинациите, земајќи ги предвид моите консултации и изјавите дадени во рамките на Европскиот парламент. Ниеден кандидат немаше мнозинство. Европскиот совет се согласи дека треба да има пакет што ја одразува разновидноста на ЕУ. Повторно ќе се состанеме на 30-ти јуни.“

Според правилата на Унијата, земјите-членки избираат кој ќе ја води Комисијата, а Европскиот парламент мора да го одобри тој избор.

Но, парламентот сега се обидува да игра поцврсто, инсистирајќи на тоа дека само кандидатите на лидерите на партиите кои учествуваа на изборите во минатиот месец се подобни за таа функцијата.

За Европската унија, претседателството на Европската комисија е една од клучните работа.

Комисијата дејствува како надзорник на конкуренцијата во рамките на Унијата, ги надгледува националните буџети и предлага политики од климатските промени до технолошката регулација, големи области во кои членките се борат со низа предизвици.

Жан-Клод Јункер, чиј мандат како шеф на Комисијата истекува кон крајот на октомври на прес конференцијата по состанокот изјави:

„Забележав со задоволство, забава, дури и радост дека се чини оти не е толку лесно да ме замените“.

Јункер изјави и тоа дека на состанокот се разговарало и за најновите несогласувања меѓу Турција и Кипар околу најдените големи наоѓалишта на гас во близина на кипарскиот брег.

„Ние сме целосно солидарни со Кипар. Она што Турција го прави во територијалните води на Кипар е целосно неприфатливо. Комисијата е задолженада предложи мерки што треба да се преземат што е можно поскоро.“

Кипар се закани дека ќе ги загрози кандидатурите за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија ако блокот не преземе дејства против Анкара.

Турција вчера испрати уште еден брод со што ја интензивира работата околу истражувањата на наоѓалиштето.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG