Ако се земат во предвид идејата водилка, пројавениот ентузијазам и желбата барем за миг да се надмине монотонијата на секојдневието, тогаш Куманово и генерално македонската културна сцена се на убав пат да добијат уште еден меѓународен фестивал. Во случајов како „Филмај“ зад чија промоција, онака својски и се разбира на мускули, застана тамошниот Фото-кино клуб „Козјак“. Неговите членови се осмелија како организатори да го потпишат овој фестивал на краток филм на кој изненадувачки како за прв пат на отворениот конкурс се пријавиле 45 остварувања на творци од осум држави – САД, Турција, Холандија, Германија, Грција, Бугарија, Србија и од нашата земја.
Говорејќи за проектот Драган Денковски во името на оние кои се зафатија со исправање на нозе на Фестивалот знае да каже дека „Филмај“ идејно се води од неколку постулати. Дека тие сметаат оти било што може да е дел од филмската приказна, без оглед колку однадвор или настрана е од видливата и чујна содржина на филмскиот кадар. Дека „Филмај“ преку своето постоење има намера да поттикне неконформистичко размислување со идеи кои потекнуваат од надвор, од кутијата и конечно дека тој се начнува како Меѓународен филмски фестивал „воден од мислата дека големите промени се постигаат всушност преку низ од мали чекори“.
Од таму не случајно актерот и режисер Ивица Димитријевиќ, во случајов и член на жирито на „Филмај“, ќе рече дека „било кој и било каде ќе се направи еден фестивал, само под услов да почива на здрава идеја и да е сериозно организиран може да биде само една придобивка за културната средина, па ево во случајов и за Куманово како град“.
„ „Филмај“ во Куманово претставува почеток на една долга културна приказна. Јас верувам во овие луѓе што пробуваат од петни жили да го направат овој Меѓународен фестивал. Како за прва година малку е се поскромно направено во смисла на тоа што во разговорите со нив тие истакнаа дека би било убаво да имаме и повеќе категории, да не биде само на краткометражни филмови...ама бидејќи беше доцна сето тоа да се направи оваа година, рековме ајде вака да започнеме па потоа ќе видиме како ќе одиме на следните изданија“, вели Димитријевиќ.
Тој и со дополна дека „како и секогаш енузијазам има, ама пари нема“. Дека никој и овде не говори за ништо друго освен за организациски работи и дека всушност е „дегутантно да се зборува за состојбите во културата оти знаеме кај сме и како стојат работите“.
Инаку, Димитријевиќ заедно со режисерот и монтажер Мартин Иванов и Драган Денковски, од вкупниот број пријавени филмови одлучиле наградите да им припаднат на неколкумина творци. Така признанието „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија ќе му биде доделено на Ото Ројшел за веќе славениот „Риски“, наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра кинематографија ќе оди кај Росен Савков од Бугарија за неговиот филм „Тими“, а плакетата „Козјак“ за најдобро сценарио и припадна на нашата Лидија Мојсоска за нејзиното дело „Награда“.
Згора на ова дополнителни дипломи како посебни признанија за стореното во нивните кратки филмови жири комисијата одлучила да им додели на: „Хакие – Хаки: Живеејќи како маж“ на Анабела Ангеловска, „Запирка“ на Сезер Салихи, „Мишко“ на Ханис Багашов и „Заб“ на Ајдин Ислами.
Мислам дека овие филмови кои ги избравме имаат што да кажат и што да понудат. Иако се тоа краткометражни филмови сметам дека се тоа сериозни филмски остварувања. Критериумите при изборот беа да биде тоа добар филм со јасна, храбра и чиста идеја за тоа што сака да го каже без разлика на тоа што е. Затоа меѓу наградените има и еден документарен филм. Тоа е одличен филм. Не сме ние први што сме го наградиле. „Риски“ се има закитено со награди на многу фестивали по светот. Ова подразбира дека ние не сме откриле топла вода, туку дека сме ги запазиле истите критериуми при оценувањето на делата како на други веќе етаблирани филмски манифестации како „Филмај“, појаснува Ивица.
Кон ова само уште информацијата дека сите седум наградени или пофалени филма ќе бидат прикажани оваа среда, на 29 мај во 19.30 часот, во салата на Занаетчискиот дом – Куманово ( поранешното кино „Напредок“), а влезот за публиката е слободен.