Достапни линкови

Вести

МОСТ: Излезноста до 16 часот е 34,8 отсто, забележани помали неправилности

Прес конференција на МОСТ во вториот круг од претседателските избори 2019
Прес конференција на МОСТ во вториот круг од претседателските избори 2019

Одзивот на гласачите во вториот круг од претседателските избори до 14 часот бил 26,3 отсто, до 15 часот 30,6 проценти и до 16 часот бил 34,8 проценти, соопшти невладината организација МОСТ.

Според податоците на МОСТ, на гласачко место во Куманово, гласач гласал и сакал да го напушти гласачкото место без да биде обележан со невидлив спреј, поради што била повикана полиција, по што лицето било обележано со спрејот, а на гласачко место во Чешиново Облешево, настанала расправија меѓу двајца набљудувачи на различни кандидати. Едниот го обвинил другиот дека им асистира на гласачите во која просторија да го остварат своето гласачко право. Во расправијата се вклучиле и други набљудувачи на кандидатите, по што интервенирала полицијата и ги легитимирала двајцата кои се расправале и ги отстранила од гласачкото место. За време на целиот настан гласањето се одвивало без проблеми.

„На гласачко место во Прилеп, околу 13.30, во период од 10 минути, двајца членови на избирачкиот одбор биле отсутни, при што набљудувачи на кандидатите присутни на гласачкото место ги обележувале гласачите со спреј и гласањето се одвивало без проблем, а настанот не бил заведен во записникот“, информираше МОСТ.

види ги сите денешни вести

Деветмина уапсени по протестите во Нови Сад

Градското собрание во Нови Сад, ден по протестите, 6 ноември 2024 година
Градското собрание во Нови Сад, ден по протестите, 6 ноември 2024 година

Поради нереди на протестот во Нови Сад, девет лица се уапсени на барање на Вишото и Основно јавно обвинителство во тој град, се наведува во заедничкото соопштение на двете обвинителства.

Според соопштението, од деветмината уапсени за нереди на вчерашниот протест, шест лица се осомничени за сторено кривично дело - Насилничко однесување на спортски настан или јавен собир, едно лице за кривично дело - Уништување и оштетување на туѓ имот, едно лице за кривично дело - Напад врз службено лице при вршење на службена должност и едно лице за кривично дело - Предизвикување општа опасност.

Во соопштението се додава дека сè уште трае потрагата по сторителот на кривичното дело- Оштетување на угледот на Република Србија, додека интензивно се работи на утврдување на идентитетот и на други лица за кои постојат основи на сомнение дека имаат сторил кривично дело -Напад врз службено лице при вршење на службена должност, односно кривично дело -Уништување и оштетување туѓ имот.

Обвинителството посочува дека во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност, кое било вршено со истурање фекалии од цистерна пред Градското собрание на Град Нови Сад, на место каде што биле собрани поголем број луѓе, предизвикана е опасност од ширење на инфекција, а на лице место е извршен увид при што вработени во Институтот за јавно здравје од Војводина земале мостри, чија анализа е во тек.

„За време на протестот имаше насилство и уништување имот, како и оштетување на самата зграда на Градското собрание од повеќе лица, заштитната ограда на блиското градилиште на подземната гаража, службениот влез во просториите на Кривичниот суд во Нови Сад и просториите на Српската напредна странка на Булеварот на ослободувањето, каде што беше искинато и знамето на Република Србија, а учесниците на протестот нападнаа неколку полицијски службеници“, изјавија од Обвинителството.

Немирите избија по протестот на 5 ноември, на кој се бараше одговорност од властите за смртта на 14 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во тој град. По првичниот собир пред железничката станица во Нови Сад, демонстрантите во протестна колона пристигнаа пред Градското собрание.

Тогаш групи мажи, главно со маски и качулки, почнаа да фрлаат камења и други предмети кон седиштето на градската власт. Тие ја скршија влезната врата и прозорците, а полицијата одговорила со солзавец од Градското собрание.

Судирите траеја речиси три часа, а продолжија и на улиците во близина на Градското собрание.
Полицијата приведе дел од учесниците во нередите, а опозициските партии и некои невладини соопштија дека се уапсени и мирни демонстранти.

Грузискиот суд го одби барањето за поништување на резултатите во 14 изборни единици

Грузиската опозиција, која одби да го признае резултатот, организира големи протести
Грузиската опозиција, која одби да го признае резултатот, организира големи протести

Судот во централниот грузиски град Гори на 6 ноември ја отфрли петицијата на набљудувачите на изборите со која се бара поништување на резултатите во неколку изборни единици во градот каде што биле забележани прекршувања на доверливоста на гласовите за време на парламентарните избори на 26 октомври.

Опозицијата, која одби да го признае резултатот, организираше големи протести во Тбилиси откако партијата Грузиски сон (блиска до Москва), која беше на власт во изминатите 12 години, победи со 54 отсто од гласовите и покрај наводите за изборна измама.

Проевропската претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили, исто така, одби да ја признае валидноста на резултатите, обвинувајќи за масовна измама и руско мешање.

Поддржувачите на грузиската опозиција масовно на улиците на Тбилиси
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00

Коалицијата на мониторинг организации позната како „Мојот глас“ соопшти дека нејзините набљудувачи од 1131 изборна единица изјавиле дека има повеќе од 900 случаи на прекршување на изборните процедури.

„Мојот глас“ поднесе претставка до судот во Гори против Централната изборна комисија (ЦСК) со која се бара поништување на резултатите во 14 градски единици каде што биле документирани прекршоци.

Но, претседавачкиот судија Нино Гогатишвили одби да ја прифати петицијата по пет часа сослушувања, поради што претставниците на „Мојот глас“ изјавија дека ќе се жалат на одлуката во Апелациониот суд.

На 5 ноември, опозицијата организираше трет ден протести со стотици луѓе кои се собраа пред Апелациониот суд, кој треба да преиспита две пресуди - таа во Гори и другата во градот Тетрицкаро во врска со нерегуларностите за време на гласањето на 26 октомври.
Демонстрантите потоа маршираа низ главниот град на Грузија, каде сообраќајот запре во делови од градот.

Во Тетрицкаро, судијата Владимир Кучуа пресуди во корист на приговорот поднесен од граѓанската група наречена Здружение на млади правници, одлучувајќи да го поништи резултатот на 30 избирачки места врз основа на доказите презентирани од групата.

Централната изборна комисија ја оспори неговата одлука, прогласувајќи ја за неоснована, што ја натера опозицијата за возврат да ја оспори одлуката на комисијата пред Апелациониот суд.

Кучуа беше поздравен од опозицијата како редок и храбар судија кој се спротистави на владејачката партија.

Десетици луѓе се собраа пред зградата на Апелациониот суд во Тбилиси напладне на 6 ноември пред расправата за случаите. Но, на претставниците на опозициските партии не беше дозволено да влезе во зградата, на што реагираше и претседателката Зурабишвили.

АфД ќе ги исклучи нејзините членови поврзани со екстремистичка група

Поддржувачи на екстремнодесничарската АфД
Поддржувачи на екстремнодесничарската АфД

Раководството на Алтернатива за Германија (АфД) - германската крајнодесничарска партија, која е втора според анкетите, ќе се состане денеска (6 ноември) за да започне процедура за протерување на членовите поврзани со екстремистичка група, соопшти АфД.

Соопштението се однесува на „членовите погодени од мерките на јавниот обвинител“, потврдувајќи ја врската меѓу партијата и осумтемина осомничени уапсени во голема полициска акција вчера.

Во соопштението не се наведува кои се членовите, ниту пак колкумина биле погодени од операцијата.

Цел на акцијата беа „Саксонските сепаратисти“, мала група водена од расистичка идеологија и теории на заговор, кои се обучуваа за воени дејствија за уништување на модерната германска држава.

Според германските медиуми, еден од осомничените е Курт Хетеш, политичар на Алтернатива за Германија во источната покраина Саксонија, каде партијата тесно победи на покраинските избори одржани во септември. Тој беше избран за член на советот во градот Грима, во близина на Лајпциг, се наведува на официјалната веб-страница на градот.

АфД рече дека тоа е „итен и сериозен случај“ и додаде дека веднаш ќе им ги одземе правата за членство додека арбитражниот трибунал не донесе конечна одлука.

„Без оглед на чие име дејствувала организацијата „Саксонски сепаратисти“, таа нема место во нашата партија на слободата, мирот и националниот суверенитет“, наведува Алтернатива за Германија.

Русија изврши нови напади врз Украина, расте бројот на жртви во Запорожје

Украинската воздушна одбрана собори руско беспилотно летало над Киев, мај 2023 година
Украинската воздушна одбрана собори руско беспилотно летало над Киев, мај 2023 година

Украинската противвоздушна одбрана собори 38 од 63 беспилотни летала лансирани од Русија рано на 6 ноември во девет региони - Одеса, Миколаев, Киев, Суми, Кироворад, Житомир, Черкаси, Чернихив и Запорожје, објави Киевското воздухопловство на Телеграм.

Дваесет и два други беспилотни летала беа изгубени откако нивните навигациски системи беа заглавени од украинските единици за електронско војување.

Во меѓувреме, гувернерот на југоисточниот регион Запорожје изјави дека бројот на жртви по рускиот ракетен напад врз неговиот регион се искачи на седум мртви и 25 ранети.

Русија ги засили своите напади врз украинските градови и енергетската инфраструктура како што се приближува третата зима од почетокот на војната.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека нејзината воздушна одбрана соборила три украински беспилотни летала над регионите Курск и Ориол.

Зеленски: Со нетрпение ја очекуваме ерата на САД под водство на Трамп

Володимир Зеленски и Доналд Трамп (фотоархива).
Володимир Зеленски и Доналд Трамп (фотоархива).

Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку социјалната мрежа Икс испрати честитки за, како што вели, „импресивната победа“ на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Тој вели со Трамп имале одлична средба во септември кога детално разговарале за односите на Украина и САД, стратешкото партнерство, Планот за победа и начинот како да се стави крај на руската агресија, а сега со нетрпение го очекува неговото претседателствување.

„Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп на пристапот ’мир пред сила‘ во глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да донесе мир во Украина. Се надевам дека заедно ќе го спроведеме тоа на дело. Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на претседателот Трамп“, вели Зеленски додавајќи дека Украина очекува двопартиска поддршка од САД.

Во честитката тој посочува дека Украина е посветена на развивање политичка и економска соработка што ќе донесе корист за двете нации.

„Украина, како една од најсилните европски воени сили, е посветена на обезбедување долгорочен мир и безбедност во Европа и во трансатлантската заедница со поддршка на нашите сојузници. Со нетрпение очекувам лично да му честитам на претседателот Трамп и да разговараме за зајакнување на стратешкото партнерство на Украина со САД“, вели Зеленски.

Честитката дојде набргу откако Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“.

Мицкоски му честиташе победа на Трамп

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски му ја честиташе победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Честитката од премиерот на Северна Македонија стигна веднаш по обраќањето на Трамп пред поддржувачите во Палм Бич, Флорида, каде прогласи победа на изборите.

„Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, вели Мицкоски во честитката.

Тој додава дека „Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион“.

Честитки до Трамп од регионот испратија и српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Меѓу првите се огласи и унгарскиот премиер Виктор Орбан нарекувајќи го ова „најголемиот камбек во политичката историја на САД“.

Трамп: Америка нема видено ваква политичка победа

Доналд Трамп прогласи победа.
Доналд Трамп прогласи победа.

Ова е најголемото политичко движење во историјата. Никогаш во Америка немало вакво движење. Ќе ја излечиме Америка, порача републиканскиот кандидат Доналд Трамп прогласувајќи победа на изборите во САД против неговата ривалка, демократската кандидатка Камала Харис.

Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“, а вети и дека следува „златно доба за Америка“.

„Со секој здив ќе се борам за вас, за вашите семејства, за иднината… Нема да запрам додека не испорачаме силна и безбедна Америка“, рече Трамп.

Тој се заблагодари на поддршката од гласачите, потенцираше дека како републиканци ја вратиле контролата над Сенатот, како и дека веројатно „ќе ја задржат контролата и во Претставничкиот дом“.

Демократите разочарани, поддржувачите на Трамп воодушевени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Во обраќањето, тој ја спомена и миграцијата, која беше една од клучните теми во неговата кампањата. Како што рече, луѓе треба да доаѓаат во САД, но тоа да го прават легално.

Заблагодарувајќи се на својот тим, тој во говорот ги спомена неговите деца и сопругата Меланија Трамп, а имаше и низа пофални зборови за милијардерот Илон Маск велејќи дека „тој е гениј“ и таквите мора „да ги заштитиме“.

Неговиот потпретседателски кандидат, Џеј-ди Венс во краткото обраќање порача дека ова е „најголемиот политички камбек во историјата на САД“.

„Под лидерството на Трамп нема да престанеме да се бориме за вас, за иднината на вашите деца. Ќе имаме и најголем економски кампбек во историјата“, рече Венс.

По ерупцијата на вулканот, Индонезија ќе пресели илјадници луѓе

илустрација
илустрација

Индонезија трајно ќе пресели илјадници жители од околината на вулканот што еруптираше во последните денови, при што загинаа девет лица, соопштија официјални лица во среда (6 ноември), пренесува АФП.

Властите го подигнаа нивото на тревога на планината Левотоби Лаки-Лаки на највисоко ниво по неколкуте ерупции од неделата вечерта, велејќи им на локалните жители и туристите да го избегнат кратерот во радиус од седум километри.

Повеќе од 2600 семејства кои живеат во областа околу вулканот на популарниот туристички остров Флорес добија совети да се преселат трајно, се вели во соопштението на Агенцијата за ублажување на катастрофи (BNPB).

„Планината не може да се помести. Мораме да се движиме. Мораме да расчистиме радиус од седум километри“, рече шефот на агенцијата Сухарјанто.

Тој додаде дека владата ќе им помогне на локалните жители да се преселат во нова област или да изградат куќи на земјиште што веќе го поседуваат.

Одлуката е „еден од долгорочните чекори за ублажување“ во пресрет на идните ерупции, рече портпаролот на БНПБ, Абдул Мухари.

Левотоби Лаки-Лаки еруптираше три пати во текот на ноќта во понеделникот (4 ноември), исфрлајќи пепел до два километри на небото, пред повторно да еруптира во вторник.

Инаку Индонезија, огромна архипелашка нација, доживува чести ерупции поради нејзината локација на Пацифичкиот „Огнен прстен“, област со интензивна вулканска и сеизмичка активност.

Трамп ја однесе победата и во Пенсилванија, според проекциите

Поддржувачи на Трамп во исчекување на неговото обраќање.
Поддржувачи на Трамп во исчекување на неговото обраќање.

Републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп, победи и во трета од вкупно седумте сојузни држави кои се сметаа за клучни за исходот од американските претседателски избори.

Републиканецот победил во Пенсилванија која му носи 19 електроски гласови, според пренесуваат Ројтерс и Асошиејтед прес.

Претходно, Трамп беше проектиран за победник и во Северна Каролина и Џорџија, кои имаат по 16 електори.

Наскоро се очекува тој да се обрати пред своите поддржувачи во Палм Бич, Флорида.

Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.

Победник е тој што ќе стигне до 270 електорски гласови.

За останатите четири одлучувачки држави Аризона, Мичиген, Невада и Висконсин, сè уште нема проекции.

Резултатите од останатите сојузни држави се според очекуваното и предвидувањата од анкетите.

Неколкумина уапсени на протестите во Израел, поради смената на министерот Галант

илустрација
илустрација

Израелската полиција уапсила неколкумина учесници на синоќешните протести во Ерусалим и Хаифа поради одлуката на израелскиот премир Бенјамин Нетанјаху да го смени министерот за одбрана Јоав Галант.

„Тројца демонстранти се приведени во Ерусалим поради напад на полицијата и пробивање на бариерите во близина на улицата Аза каде демонстрантите се собраа пред резиденцијата на Нетанјаху, се вели во соопштението на полицијата“, пишува израелскиот весник „Тајмс оф Израел“.

Потврдено е дека автопатот 1 кон главниот град, кој демонстрантите го блокираа со камења, повторно е пуштен за сообраќај.

Полицијата во Хаифа соопшти дека две лица биле уапсени, меѓу кои и еден демонстрант осомничен за намерно подметнување пожар на автопатот.

„Некои од демонстрантите се судрија со полицијата, а во одреден момент почнаа да се движат кон автопатот за да го попречат сообраќајот“, се вели во соопштението на полицијата во Хаифа.

Во Тел Авив полицијата ги засолни демонстрантите додека тие протестираа против одлуката на премиерот на автопатот Ајалон, кој беше блокиран неколку часа.

Нетанјаху вчера (5 ноември) потврди дека Галант е разрешен, и дека него ќе го замени министерот за надворешни работи, Израел Кац.

Иако, според Нетанјаху, постоела „продуктивна соработка“ во првите месеци од војната, „последниве месеци се појавија значителни разлики во стратегијата меѓу него и Галант“.

Премиерот на Израел изјави дека „Галант донел одлуки и давал изјави кои се спротивставуваат на одлуките на владата“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG