Достапни линкови

Ако нема цензус сите опции се на маса


Архивска фотографија - гласање на претседателски избори во Битола
Архивска фотографија - гласање на претседателски избори во Битола

Излезноста во првиот круг од претседателските избори од речиси 42 отсто ги засили стравувањата дека во вториот круг в недела можно е да не се оствари потребниот цензус од 40 отсто. Според уставните експерти, во таков случај ќе мора да се распишат нови избори и тоа во рок од 40 дена.

На пет дена до вториот круг претседателски избори никој не може со сигурност да го одговори прашањето дали в недела ќе ги има потребните 40 отсто излезност за да се избере претседател. Ако тоа не се случи, тогаш според Уставот, функцијата претседател на државата ќе ја врши претседателот на Собранието Талат Џафери. Но, се појавија и недоумици до кога тој може да ги извршува двете функции и како ќе се излезе од политичката криза потоа; со промена на Уставот или со организирање нови избори за претседател, евентуално заедно и со парламентарни избори.

Поранешниот судија во Уставниот суд Трендафил Ивановски е дециден дека решението се нови избори за претседател на државата. Тие, тврди тој, треба да се распишат веднаш откако ќе се констатира дека нема цензус. Тој цитирајќи неколку членови од Уставот, вели дека тие мора да се одржат во рок од 40 дена од кога ќе му престане мандатот на Иванов, кој истекува на 12 мај, што би значело дека Џафери двете функции би ги вршел некаде до втората половина на јуни, кога би се одржале нови избори за претседател.

За ова објаснување Ивановски се повикува на членот 81 од Уставот во кој се наведува дека „доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“, а подолу во истиот член пишува и дека „во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.“

„Во овој дел под кои било причини може да се смета и неизбирањето претседател во рокот во кој требало и тогаш се врши изборот во рок од 40 дена“, вели Ивановски.

Според него, не е можна ниту варијантата да се менува Уставот за да се намали цензусот, или, пак, да се промени начинот на избор на шеф на државата и тој да се бира во Собранието, оти вели дека постапката на уставни измени е доста долга.

„За да нема политичка криза, бидејќи нема кога да се оди на промена на Уставот, треба да се оди директно на повторување на изборите, оти со повторување на изборите се запазува рокот од 40 дена“, вели Ивановски.

Ако партиите се одлучат на ваквата опција тогаш повторните избори, ако нема цензус, би се одржале кон крајот на јуни. И кампањата на кандидатите и на партиските лидери сега, во последните денови до гласањето, во голем дел е концентрирана токму на повици да се излезе и да се гласа.

Како влог за тоа премиерот Зоран Заев споменува предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уверено тврди дека цензус ќе има, а дека новиот претседател ќе била нивната кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова.

Во интервју за телевизијата 21 претседателот на Собранието Талат Џафери ги повика граѓаните на масовна излезност в недела, додавајќи дека ако не биде постигнат цензус од 40 отсто на 12 мај тој ќе треба да ја преземе функцијата претседател на Република Северна Македонија. Во изјави за медиумите деновиве, тој пак не се повика на Уставот, туку на Изборниот законик, за распишување на нови избори, цитирајќи дека „од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG