Тринаесетгодишната Марија Јанчевска со кариера во пеење, глума, манекенство, во нашата рубрика Генерација Z што можете да ја следите и на Јутјуб и на Инстаграм, вели: „Престанете да се давите во политика“, четиринаесетгодишниот Даниел Јанков активно се занимава со планинарење, досега искачил 36 планински врвови, сега се подготвува да го освои Мон Блан. Во истата рубрика, тој им порачува на младите да спортуваат и да бидат активни. А на повеќемина млади им го поставивме прашањето: „Што би направиле да сте претседател?“, актуелно во време на претседателските избори и предизборни кампањи кај нас, но за „вфилковки“ прашањето е глупаво, па на Инстаграм напишал: „Двапати размислете пред да ставите ваква глупост“.
На нашата ФБ страница пак, Ордана Николова постирала: „Ќе си купам станови на Водно како Иванов“, а Сашо Стаменковски ќе ги аболицира „сите што се во минус на картица!“ Ванчо Коде е најдуховит: „Ќе седам на Водно како мечка во дупка“, вели, и „не правам со никој муабет така што немат никој на што да ми замерит“, па на крајот на постот ставил Смешко кому му течат солзи од смеење.
Аналитичарите што ги консултира нашево Радио за зголемената појава на говор на омраза по социјалните мрежи од партиските кампуси за време на претседателската кампања иако кај кандидатите доминира академски речник, сметаат дека со оцрнување на противникот не се добиваат нови гласови, туку може да се намали излезноста, Трендафил Багремовски со свој коментар: „Празните зборови и лошата глума на кандидатите и политичари поддржувачи – веќе толку пати слушнати и видени кои го потврдуваат немањето перспектива за државата, е тоа ја намалува излезноста на тие малкуте кои сè уште не се иселија“.
На една од предизборните трибини, актерот Драган Спасов – Дац на премиерот Заев му подари метла, како порака дека треба да се зафати со чистење на државните и локалните функционери, а по нашиот текст „Избори со спартанска завршница – со метлата или на неа“, Аце Христовски постирал: „Метлата требаше порано да заигра“. Љупчо Митревски е уште поконкретен: „Абе овој многу малку метли донесе, треба многу метли, има многу ѓубре за чистење“.