Во почетокот на разговорите двајцата лидери се согласија дека Русија и Северна Кореја имаат, како што изјавија,„многу да направат“ за да ги зајакнат економските врски.
Путин, исто така, ги поздрави напорите на Ким за нормализирање на односите на Пјонгјанг со Соединетите држави.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пак, оцени дека неговиот самит со Путин ќе помогне заеднички да ги координираат ставовите во врска со проблемите на Корејскиот полустров.
Ким кој во Владивосток допатува ден пред средбата со Владимир Путин ова го изјави и пред почетокот на самитот:
„Дојдов во Русија со добри чувства, се надевам дека оваа посета ќе биде успешна и корисна. Се надевам дека преку преговорите со драгиот претседател Путин ќе можам да разговарам за одредени прашања за помирување на Корејскиот полуостров и за развојот на односите меѓу нашите земји. Мој срдечен поздрав до целиот руски народ“.
Самитот во Владивосток, според повеќето руски и странски аналитичари, е одраз на напорите на Русија да се постави како суштествен играч во ќор-сокакот со нуклеарните амбиции на Северна Кореја.
За Кремљ, како што се оценува, самитот исто така е е шанса да покаже дека е глобален дипломатски играч, и покрај напорите на САД и другите западни земји да го изолираат.
Како потврда на ова е и фактот што првата посета на Ким Џонг Ун во Русија доаѓа на околу два месеца по неговиот втор самит со американскиот претседател Доналд Трамп, кој не успеа поради спорот околу санкциите.
Москва и Пјонгјанг традиционално имаат блиски врски, иако овие односи малку време беа прекинати откако беше намалена руската финансиска поддршка по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.