Достапни линкови

Човечката индивидуалност на малиот - голем театарски фестивал „Лица без маски“


Со проектот „Како се прави човек“ на Хана Миленковска, овој четврток, на 4 април во Кино Култура, ќе започне 12-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, посветен на независното творештво, кој втора година по ред останува без поддршка од Министерството за култура.

Приказната се повторува. Главно на крилјата на ентузијазмот и со силна верба во развиениот концепт на Скопје и на македонската култура, по 12 пат, ќе им се случи Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, кој генерално се бави со промоција на професионалното независно театарско творештво.

Ова подразбира дека, од 4 до 9 април, на неколку сценски простори во градот , ќе бидат изведени вкупно шест претстави, меѓу кои и „Кокошка“ од Николај Кољада, којашто нашата Ана Батева ја режираше како прва претстава за СПАМ студиос и театарска работилница СФУМАТО од Софија, „Машината на Пинокио / Ти не си еден од нас“ на Паола Алесандри и старите познаници театарот „Софија Амендолеа“ од Рим, Италија, интерактивниот перформанс „Јас сум актер - човек“, на Теа Беговска, „Соништата на Хамлет“ на исклучителниот актер и режисер Ментор Зимберај од Косово и „Дневникот на лудиот“ во изведба на Бобан Алексоски, а во режија на Ѓорѓи Ризески. Отворањето на манифестацијата ќе биде сторено, овој четврток во 20 часот, на матичната сцена во Театарот на Навигаторот Цветко, со проектот „Како се прави човек“ во колективно авторство, со Горјан Милошевски како драматург и во режија на Хана Миленковска.

Кон ова како само уште информацијата дека покрај познатите локации Кино Култура и МОБ, претставите ќе се играат и во театарот „Сенки и облаци“ и галеријата „Колектив“, а сето она што ќе се случува ќе биде овозможено благодарение на „финансиската инекција“ од Град Скопје.

Сцена од претставата „Кокошка“ на Ана Батева

Продуцентот Миодраг Костиќ, инаку директор на „Лица без маски“, знае да каже дека втора година по ред тие ја немаат поддршката на Министерството за култура. Од таму, тој истакнува дека имаат бројни тешкотии околу подготовката на програмата која на достоинствен начин ќе ја продолжи заложбата за афирмација на независното театарско творештво. Дека борејќи се да не го прекинат континуитетот на Фестивалот од една страна, а од друга барањето на публиката него и натаму да го има и во иднина, тие иако свесни за ситуацијата во Македонија биле предизвикани и овојпат да загризат колку што можат.

„Навистина ми е жал што Министерството за култура нема чувство или можеби стратегија за овие проекти од национален интерес коишто се случуваат веќе години наназад. Не знам чија е одлуката за тоа, дали на Комисијата или на вработените во Министерството да ја прекинат поддршката на овој проект, меѓутоа нашата цел и натаму останува истата – преку Фестивалот да се афирмира независното театарско творештво. Ова значи дека продолжуваме и во иднина, но ќе се обидеме да изнајдеме други извори на финансирање коишто нема да бидат од локалните и од националните институции“, вели Костиќ.

Сцена од претставата „Машината на Пинокио“ на Паоло Алесандри

Во контекст на програмата, уметничкиот директор на „Лица без маски“ Игор Ивковиќ истакнува дека било исклучително тешко таа да се состави со скусен буџет, па затоа се решиле покрај постојните да промовираат мали форми и мали простори кадешто би можело тие да се изведуваат.

„Тематски се поврзуваат сите овие претстави со тоа што ја бараат човечката индивидуалност, односно нашата индивидуалност во времето во коешто живееме. Со особен акцент тука ќе ги ставиме „Машината на Пинокио / Ти не си еден од нас“ на театарот „Софија Амендолеа“ од Рим кои по трет пат се кај нас и се веќе на некој начин стандардни пријатели на Фестивалот, исто така бугарската претстава „Кокошка“ на нашата режисерка Ана Батева, којашто патем живее и работи во Софија, и која на неколку фестивали во регионот освојува престижни награди...Задоволни сме од она што можеме да го склопиме и да го наречеме програма и со тоа достојно да ја продолжиме работата, да го продолжиме патот на промоцијата на независното професионално творештво и да се даде повторно шанса на сите оние млади автори коишто творат во овој сегмент“, појаснува Ивковиќ.

Сцена од проектот „Соништата на Хамлет“ на Ментор Зимберај

Тој со дополна дека претставите ќе ги оценува жири комисија во која се режисерот Бојан Трифуновски, новинарката и драмски критичар Ивана Настеска и актерот Мики Анчевски. Тие ќе одлучуваат за трите фестивалски награди: Гранд при за најдобра претстава во целина, награда за најдобра режија и награда за најдобро актерско остварување.

Фестивалот инаку се одржува во организација на независниот „Театар 007“ заедно со Јавната установа - Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје, а за неговиот визуелен идентитет овојпат се погрижи Марјан Ѕингаров – Ѕин.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG