Достапни линкови

ОН: Човековото здравје загрозено, потребни се итни мерки


Најроби- форум за заштита на животната средина во светот
Најроби- форум за заштита на животната средина во светот

Во последниот “Глобален извештај на Обединетите Нации за заштитата на животната средина“ се апелира да се преземат итни и драстични мерки за превенција на планетата. Bо спротивно човековото здравје може да биде сериозно загрозено, а цели региони би се соочиле со прерана смрт на милиони луѓе.

“Штетата врз планетата е толку сериозна што доколку не се преземат итни мерки, здравјето на луѓето може да биде загрозено”, се вели во најновиот извештај на ОН кој истовремено се смета за најсеопфатна проценка за состојбата на животната средина во последните пет години.

Во извештајот, кој го подготвија 250 научници и експерти од повеќе од 70 земји, се посочува дека доколку не се преземат драстични мерки за заштита на животната средина, многу градови и региони во Азија, Блискиот Исток и Африка може да се соочат со милиони прерани смртни случаи до средината на овој век. Исто така, се предупредува дека загадувачите во нашите слатководни системи ќе станат главна причина за смрт до 2050 година, а ендокрините нарушувања ќе влијаат на плодноста на мажите и на жените, како и врз невролошкиот развој на децата.

Сепак, извештајот го нагласува фактот дека во светот има наука, технологија и финансии кои треба да бидат насочени кон поодржлив развој, иако се уште недостасува доволна поддршка од јавноста, бизнисмените и политичките лидери.

Шестиот “Глобален извештај за животната средина” беше објавен денеска кога министрите за животна средина од целиот свет се во Најроби за да учествуваат на највисокиот форум за заштита на животната средина во светот. Четвртото Собрание на ОН за животна средина се очекува да се справи со критичните прашања, како што се запирање на фрлањето на храна, ширењето на употребата на електричните возила и справување со загадувањето со пластика во океаните и многу други слични предизвици.

"Науката е јасна. Здравјето и просперитетот на човештвото се директно поврзани со состојбата на нашата животна средина. Овој извештај е огледало на човештвото. Ние сме на крстопат. Дали ќе продолжиме на нашиот сегашен пат, што ќе доведе до мрачна иднина за човештвото, или ќе се фокусираме на поодржлив пат за развој? Тоа е изборот што нашите политички лидери мора да го направат сега ", вели Џојс Мјуја, заменик извршен директор на ОН за животна средина.

Проекцијата на идна здрава планета со здрави луѓе се заснова на нов начин на размислување, каде што моделот "засади сега, исчисти подоцна" е променет во “економија со речиси нула отпад до 2050 година”. Според извештајот, инвестирањето во зеленило со два проценти од БДП на земјите ќе донесе долгорочен раст толку голем колку што се проектира во моментот, но со помало влијание врз климатските промени, недостатокот на вода и губењето на екосистемите.

Потребна е итна акција сега, бидејќи секое одложување на активностите поврзани со климатските промени ги зголемува трошоците за постигнување на целите на Парискиот договор или враќање назад што во одреден момент ги прави промените невозможни.

Извештајот дава совети за примена на диети со помалку месо и намалување на фрлањето на храна како во развиените така и во земјите во развој, потоа за намалување на производството на храна за 50 отсто, за да можат да се нахранат проектираните 9-10 милијарди луѓе на планетата до 2050 година. Денес 33 проценти од глобалната храна за јадење се фрла, а 56 отсто од фрлената храна е во индустријализираните земји, се вели во извештајот.

Урбанизацијата се случува на глобално ниво, а извештајот посочува дека иако тоа е можност за зголемување на благосостојбата на граѓаните, истовремено претставува намалување на еколошкиот ефект преку подобрување на управувањето, планирање на користење на земјиштето и зелена инфраструктура. Понатаму се наведува дека стратегиските инвестиции во руралните области ќе го намалат притисокот за мигрирање на луѓето. Извештајот повикува на акција за спречување на протокот на 8 милиони тони пластика во океаните секоја година. Иако ова прашање доби големо внимание во последниве години, сé уште нема глобален договор за справување со морските отпадоци.

Научниците забележуваат напредок во собирањето статистички податоци за животната средина и истакнуваат дека има огромен потенцијал за унапредување на знаењето користејќи ги тие податоци и дека е потребна посилна соработка меѓу јавните и приватните партнери.

Според авторите, политичките интервенции кои се однесуваат на цели системи, како што се енергија, храна и отпад, наместо поединечни прашања, како што е загадувањето на водата, можат да бидат многу поефикасни. На пример, стабилна клима и чист воздух се меѓусебно поврзани; активностите за ублажување на климатските промени за постигнување на целите од Парискиот договор би чинеле околу 22 билиони долари, но комбинираните здравствени придобивки од намаленото загадување на воздухот би можеле да изнесуваат дополнителни 54 билиони долари.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG