Достапни линкови

Пред да го фрлиш вишокот, погледни му на гладот в очи


Викторија Мирческа, Ретвитни оброк
Викторија Мирческа, Ретвитни оброк

Со фрлањето на половина од вчерашниот ручек и недојадената вечера тони и тони неискористена употреблива храна завршува во депониите. Ги храниме кантите и контејнерите додека покрај нив поминуваат гладни луѓе молејќи за корка леб, сонувајќи за топол оброк, пишува Викторија Мирческа од иницијативата „Ретвитни оброк“ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Конзумеризмот, трката со време, брзото темпо на живеење нè тера да преживуваме, да трчаме, да брзаме, да работиме, да јадеме колку да каснеме, да почнеме, а да не дојадеме или да купуваме и готвиме обилно, а потоа истото да го фрламе. И така, секој ден одново, без многу размислување, затоа што нема време.

Фрлајќи ги половина од вчерашниот ручек и недојадената вечера, истовремено и желбата за нешто друго утредента, се натрупуваат тони и тони неискористена употреблива храна во депониите.

Ги храниме кантите и контејнерите додека покрај нив поминуваат гладни луѓе молејќи за корка леб, сонувајќи за топол оброк.

Не само што е тажно и иронично, туку е сурово и глупаво однесување кое не му личи на разумниот современ човек.

Разумот, самосвеста и емпатијата треба да се најистакнатите карактеристики за луѓето. Тие ќе нè натераат да размислиме колку ни треба пред да купиме или зготвиме одредена храна, да бидеме свесни што и колку јадеме и да сочувствуваме со другите кои немаат можност да си го дозволат истото. Кога сочувствуваме размислуваме како може ние да придонесеме и помогнеме во подобрувањето и менувањето на околината, градот, светот.

Со секое непресметано и непромислено пазарење трошиме многу повеќе пари, подоцна и енергија и време за негово искористување, а на крајот остатокот го фрламе загадувајќи ја околината, поттикнувајќи ново непотребно производство на истото и почнување на истиот круг на нелогично и себично однесување. Зар не можеме подобро и поинаку?

Можеби никогаш не сте го размислиле детално процесот и кругот во кој секојдневно трчате, но не е бесконечен. Сè што треба да направите е да се симнете од тркалото и да размислите, затоа што тоа е она што ве разликува од лабораториското глувче.

Станете свесни кога одите на пазар и во продавница што и колку навистина ви треба за она што планирате да го зготвите во денот, не купувајте за да се најде во следните денови, затоа што ако немате точен план најчесто тоа се расипува и се фрла.

Кога готвите имајте на ум за колку луѓе, колку е доволно и дали ако остане вишок би го јаделе и утредента. Ако сепак ви остане побарајте амбалажа која не ви е потребна, излезете пред вашата порта, зграда и видете дали има некој на кој би му обезбедиле оброк во денот, ако нема никој оставете ја безбедно храната во кеса до кантите или контејнерите, не внатре во нив, па оној кој навистина има потреба да може достојно да ја вкуси и да биде благодарен иако не ве гледа за да ви каже колку му значи вашето мало внимание.

Доколку имате малку поголема количина храна која ви останува од прослави, празници, отсега постои систем за донација на храна „Сите сити“ преку кој ќе може храната да се дистрибуира до оние на кои им е најпотребна или да ја контактирате невладината организација „Љубезност“ за да ви понудат опции и начини како да се донира она што ви останува.

Вишок неискористени продукти може да донирате во граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“ каде група ентузијасти ќе ги зготват и ќе подготват комплетен топол оброк за бездомниците.

Но, не мора секогаш да е само вишок, може да ја разбудите хуманата страна и свесно да одлучите дека ќе зготвите малку повеќе за да има на кого да го дадете, или дека наменски ќе подготвите неколку оброци кои ќе ги донирате готови на „Ретвитни оброк“ секоја сабота пред Спомен-куќата на Мајка Тереза од 12.30 часот или сами ќе ги поделите на оние што ги среќавате секојдневно по улиците, а кои, за жал, навистина сè повеќе ги има.

Дополнително, може да бидете уште посвесни и поодговорни кога имате избор за ист или сличен производ кој ви е потребен или место каде што јадете, да ги одберете оние компании и ресторани кои знаете дека донираат и помагаат на различни начини за ранливите категории граѓани („Фрешис“, „Рустикана“, „Везилка“, „Гала кујна“, „Промес“, „Тинекс“, „Виталија“, „Санилес“ и многу други.)

Доколку немате време за готвење, а сепак сакате некако да заштедите и дополнително да влијаете за да не се фрли вишокот од готовите јадења во рестораните, кои секако се во добра состојба, секогаш можете да си резервирате и купите оброк или десерт преку платформата Храна за сите каде секојдневно има попуст на одредени производи.

Начини и решенија секогаш постојат, потребно е само да сакате да ги погледнете и да ги промените навиките. Со тоа, не само што ќе заштедите и ќе помогнете, туку навистина ќе се почувствувате подобро, ќе придонесете за подобра околина, посреќни луѓе и навистина ќе почнете да го менувате вашиот свет кој е дел од заедничкиот свет.

Промените секогаш почнуваат од поединци кои го направиле првиот чекор пред големите револуции. Поединци кои ја покажале другата страна, кои не седеле само дома пред телевизор или компјутер коментирајќи како нешто не чини, туку нашле начин за барем да се обидат да покажат како може поинаку. Сите можеме да ја пронајдеме или да ја следиме другата страна. Сами избираме и придонесуваме за тоа во каков свет ќе живееме.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG