Достапни линкови

Нема систем, ако нема одговорност во културата


Министерот бега од одговорност, премиерот треба да постапи
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:32 0:00

Бузалковска – Министерот бега од одговорност, премиерот треба да постапи

Сè додека некој не признае дека направил некаква грешка, тогаш и добрите решенија и лошите решенија ќе бидат инцидент, а не систем и нема да имаме подобрување на оваа слика во културата, вели режисерката Зоја Бузалковска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Бузалковска, конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура предизвика големи реакции во јавноста. Се покажа ли дека културата сепак не е од национален интерес?

Не сакам така да кажам, меѓутоа може да се каже делумно да, дека во некои сегменти или во некои одлуки на комисиите се добива впечаток на некаква произволност, односно нејасност по кои критериуми се постапува во одлучувањето. Како нештата да не зависат од стручноста, критериумите, вредностите, од тоа кој е тој којшто аплицира, што направил досега, што е тоа со коешто аплицира итн. Јас велев уште на почетокот - да се водиме од програми, а не од проекти, да се водиме од програми, а не од институции. Ми се чини дека овде го имаме точно тоа, имаме институции коишто се фаворизирани виз-а-ви некои други, имаме проекти коишто се фаворизирани виз-а-ви програми или коишто се одобрени или не се одобрени, се преценети или се потценети. Оваа година на пример сме сведоци во театарската дејност, зборувам за тоа затоа што таму најдобро ги познавам работите, на големо намалување на буџетот. Од друга страна, се појавија нови институции, се појавија нови претенденти за буџетските средства и некои од институциите кои навистина имаа одлични резултати минатата година, оваа година добиваат многу помали средства, потценувачки би рекла, и средства со коишто навистина не можат ништо да направат. Гледаме на пример дека еден просек во театарската дејност е да се добијат меѓу 500 илјади и еден милион денари по претстава. Тоа е буџет, одговорно тврдам, со којшто не може да се направи квалитетна претстава, освен ако не се работи за монодрама или дуодрама, па дури и таму, со денешните очекувања, тоа се мали средства.

Настрана од конкурсот. Имаат ли Министерството за култура и Владата слух за решавање на најгорливите проблеми?

Не сум сигурна, до овој момент не добиваме такви сигнали, мора да кажам дека сум многу загрижена по првичните реакции, особено од реакциите на министерот за култура, затоа што тој, чувствувам дека смета дека е сосема доволно ако се направи една, изгледа дека дури и про форма, ревизија или проверка на оние проекти коишто не поминале. Се разбира, втората работа којашто сакам да ја кажам е дека некој мора да понесе одговорност за целата оваа ситуација. Не е еден, двајца или тројца незадоволници, навистина многу институции, многу уметници изреагираа во врска со целото ова. Јас своето барање за повлекување го адресирав до премиерот, затоа што мислам дека, особено сега, кога министерот практично бега од одговорност, дека тој е оној којшто треба да постапи во оваа ситуација. Она што е многу побитно е дека при оваа ревизија мора навистина да се размисли, да бидеме слушнати дека мора да се промени моделот на одлучување. Не е добро тројца или петмина да одлучуваат за толкав широк спектар на понуди од секоја дејност, од секоја област, голем е притисокот и врз нив, а она со коешто располагаат е малку за да може да донесат соодветни одлуки, и одлуките на крајот најчесто ќе бидат политички, да не речам партиски и секакви поинакви во поделбата на јавните пари.

Зошто изостанува преземањето на одговорност?

Сè додека некој не признае дека направил некаква грешка, тогаш и добрите решенија и лошите решенија ќе бидат инцидент, нема да бидат систем. Сè додека буџетските средства не бидат доделувани врз основа на добри резултати од доброто работење на тимовите раководени од стручни, компетентни лица, сè додека во Министерството не седат исто такви компетентни лица коишто навистина ќе знаат за што и кого станува збор во одлучувањето, ние нема да имаме подобрување на оваа слика во културата.

Целото интервју со режисерката Зоја Бузалковска може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG