Достапни линкови

Зоран Михајлов - Ги забораваме спортските херои


„Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ е насловена книгата на доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов, што како издание на „Арс Либрис“ се појави неодамна. Публикацијата содржи помалку познати приказни за успесите на македонските спортисти низ историјата.

„Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ не е жалење за минатото, туку книга која говори за мојата новинарска кариера низ која сум минал многу нешта. Сум бил присутен на 15 олимпијади од кои девет летни, шест зимски, триесеттина светски првенства во разни спортови, меѓу кои најмногу на атлетските, зошто по вокација практично сум и атлетичар, ако се гледа од спортски аспект мојата биографија.

Вака Зоран Михајлов, еден од доајените на македонското спортско новинаство, ќе го започне кажувањето на нецели 24 часа по промоцијата на неговата книга „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ што како издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, се појави деновиве.

Малкумина знаат дека Михајлов во младоста бил одличен атлетичар, државен рекордер и првак на Македонија и на поранешна СФР Југославија. Истовремено бил и активен кошаркар. За сите постигнувања во спортот и во новинарството добитник е на повеќе награди и признанија. Меѓу другото, добитник е и на државната награда „8 Септември“ и наградата на Град Скопје, „13 Ноември“. Михајлов се вбројува меѓу 50-те најистакнати атлетски новинари и коментатори во светот, што ја добиваат наградата од АИПС (Светска асоцијација на спортските новинари) за професионално информирање, како и за афирмација на атлетскиот спорт.

Инаку, тој зенитот на својата медиумска кариера го достигнува во Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што е еден од новинарите што ги поставуваат темелите на спортското коментаторство во нашата земја. По пензионирањето, не мирува: ја уредува и ја води емисијата „Македонски спортски легенди“ на Наша ТВ, редовно објавува колумни во дневниот весник „Нова Македонија“, пишува за порталот „Улица.мк“ и подготвува нов проект на Радио РФМ.

„Благодарејќи на големото искуство, патувањата, средбите со спортистите...како резултат на сето тоа, практично, дојде и книгата наречена „Спортски стории“ што говори не само за мојата кариера, туку и воопшто за кариерите на многу спортисти. Тука има приказни, на пример, за сите наши освојувачи на олимписки медали. Тука е Аце Русевски, тука е Шабан Трстена, Шабан Сеидиу...потоа Стојна Вангеловска, познатата кошаркарка која беше и капитен на женската кошаркарска репрезентација на Југославија. Со неа го освоивме сребрениот медал во Сеул 1988 година. Бев сведок на сите тие настани и практично читателите изворно ќе се запознаат со сето она што значело нивни спортски успех и како се доаѓа до тој спортски успех. Добро да се забележат тие настани затоа што често ги забораваме нашите спортски херои“, вели Михајлов.

Дополнува дека спортот е значаен секогаш и за секоја нација, зошто тој практично и афирмација и дека затоа не ретко велиме дека спортот е амбасадор на една земја исто како што е и културата. Сепак, вели дека мора да каже оти во минатото, во поранешната заедничка држава во која и започнал да известува од големите приредби, имало силни репрезентации и тогаш било чест и гордост да се оди на Олимпијада „бидејќи си во центарот на вниманието“. Кошаркарите – олимписки шампиони, ватерполистите исто така, ракометарите...слично и во поединечните спортови... Мате Парлов, браќата Качар и ред други спортисти.

Истакнува дека тогаш и новинарите значеле нешто во тој свет на спортот кога ќе оделе на тие првенства. Дека се чувствувале горди. Е, за жал, како што вели, во Македонија „требаше да мине и се уште минува тој долг транзициски период и дека иако има вложувања и желба, спортот не е на она ниво на коешто треба и посакуваме да биде“.

„Овде се вложува меѓутоа треба да се направи една стратегија, да се знае што се сака и конечно да почне тоа да се реализира. Тогаш можеби би дошле и до повисоки спортски резултати. Вака останува, од време на време, само да се радуваме на успесите во екипните спортови, на пример на ракометарите или еве сега на пласманот на одбојкарите на Европското првенство. Така преку нив некако заживува екипниот спорт, но сметам дека во основа треба да се променат многу работи за да тргне спортот и да имаме квалитет каков што имавме на времето“, истакнува Михајлов.

Како пример за ова го наведува фактот дека тогаш атлетската репрезентација на Југославија била составена од една четвртина спортисти од Македонија, а како што ќе рече „тоа говори нешто“. Дека имало квалитет со кој сме можеле да се пофалиме, „а државата беше да не заборавиме 22 милиони жители“.

Од таму, новинарот смета дека „треба да се купи нешто од напредните, не од оние најразвиени земји, туку од другите, како на пример Словенија која горе долу има ист број на жители како Македонија и да се пресними моделот на работа“. Или можеби од други земји од НАТО каде сме веќе со една нога, а зошто да не и од државите на Европската унија.

„Треба да ги купуваме и тие нивни вредности во спортот за да може полека, полека да се доближиме до нив и да станеме рамноправни партнери на големите спортски приредби“, категоричен е коментаторот.

Инаку, во договор со „Арс ламина“, Зоран Михајлов се подготвува да го започне испишувањето на својот нов проект – Мала спортска енциклопедија со 50 најистакнати македонски личности во сите спортови во 20 век.

„Тоа ќе биде како основа за идните генерации спортски новинари само да го продолжат тој мој труд и да почнат на пример со бележење на своите приказни од почетокот на овој век...еден вид надополнување на таа мала енциклопедија и така со ред. Да создадеме една комплетна спортска енциклопедија која ќе живее и ќе се обновува на секои две или три децении и во која ќе има место за новите спортски личности“, тврди Михајлов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG