Достапни линкови

Бразилскиот џију џицу атрактивен за кумановци


Членови на спортскиот клуб The Strongest&Roots BJJ во Куманово, кои тренираат бразилски џију џицу.
Членови на спортскиот клуб The Strongest&Roots BJJ во Куманово, кои тренираат бразилски џију џицу.

Бразилскиот џију џицу е ралативно нов спорт на овие простори и е атрактивен и за мажи и за жени. Андријана Цветковска е една од трите жени во Куманово и единствен натпреварувач кои се занимаваат со овој спорт. Таа досега осовоила и домашни и меѓународни признанија.

Бразилската џију џицу е модерна спортската вештина во борење со точно определени правила. Овој спорт секому е приемчив, а подразбира слободна борба и станува еден од најпопуларните состави на натпреварувања, вели 24 годишниот Мартин Стефановски (професор по физичка култура) тренер во клубот (The Strongest&Roots BJJ) во Куманово. Клубот постои веќе пет години, започнале со тројца членови, со годините бројката се зголемила на 30-ина, на возраст од шест до над 30 години. Дел од нив се натпреваруваат, а поголем дел од членовите сезонски и рекреативно вежбаат.

Според Стефановски во државава има малку клубови, спортот е атрактивен и за жени, но во кумановскиот клуб членуваат само три девојки, од кои Андријана Цветковска (30) е единствен натпреварувач.

„Ова е релативно нов спорт на нашите простори и сè повеќе добива на популарноста и кај машките и кај женските“, вели Андријана.

РСЕ: Им препорачувате ли на девојките да се занимаваат со оваа боречка вештина?

„Секако, првенствено заради аспектот на самоодбрана што го нуди оваа боречка вештина. Ние не тренираме само спорт, судијата, противник, креваме рака, се гушкаме потоа и добиваме медали. Имаме елементи на самоодбрана, како одбрана од напад на улица, напад од две насилни лица и многу други елементи“, вели таа.

Цветковска раскажува дека неполни две години тренира бразилска џиу џицу, смета дека е елегантен спорт, дека вежба со машки кои не и попуштаат, а во нејзината категорија под 60 килограми бел појас до сега освоила вкупно осум признанија, на државни и меѓународни натпревари. На државно ниво е првак, а на меѓународни натпревари има освоено први, втори и трети места. Таа им препорачува на девојките да започнат со тренирање на овој спорт поради самозаштита.

„Мислам дека овој спорт е добар за жените во ова време, бидејќи има многу често напади, насилства. Сега би можела да се одбранам, но подобро да не се случи“, вели Цветковска.

Андријана Цветковска.
Андријана Цветковска.

Таа вели дека во другите држави има повеќе жени спортистки отколку кај нас, а Стефановски, пак, додава дека единствениот кумановски клуб со неговите членови го пробива патот кон распространување на овој спорт.

„Бразилското џиу џицу е најдоброто нешто за истерување на егото од личноста. Сите кога ќе зачекорат на тренингот се полни со себе, мислат дека околу нив се врти светот, а по тренинг-два сфаќаат дека реалноста е нешто сосема друго. Тоа е нешто најдоброто во овој спорт, секој ден сме со реалноста и сфаќаме што сè може да се случи. Дознаваме дека не сме ние центарот на светот, туку сме сите заедно дел од нешто поголемо“, вели Стефановски.

Тој вели дека духот е најважен, тој управува со телото. Свесниот и несвесниот дел му „наредуваат“ на телото.

„Ако ние сме духовно смирени и знаеме како да реагираме во одредена ситуација, бројот на инцидентите значително ќе се намали“, смета овој млад кумановец.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG