Достапни линкови

Зачестено сајбер насилството меѓу учениците во Битола


Сајбер насилството се врши со објавување на фотографии, снимки, негативни пораки со омаловажување и навреди. Најчесто насилниците бираат за жртви ученици кои се помирни и подисциплинирани, велат психолози.

Зачестено е сајбер насилството меѓу учениците ви Битола, покажа трибината за меѓуврсничко насилство што се одржа на Педагошкиот факултет, а на која присуствуваа наставници, педагози и психолози.

Сајбер насилството е омаловажување и малтретирање на врсниците преку интернет, а посебно преку социјалните медиуми. Зголемената популарност на социјалните мрежи во последните неколку години само создадоа нов канал низ кој младите, лесно, со неколку тапкања по тастатурата, сокриени, можат да навредуваат некого. Иако не е дозволено да се фотографира или снима друго лице без дозвола, често пати се објавуваат туѓи фотографии и недолични коментари заедно со нив што наидува на омаловажување и исмејување од средината.

„Се среќава кај учениците од повисоките одделенија седмо, осмо и деветто. Ние гледаме воспитно да делуваме за намалување на сајбер насилството. Технологијата да се користи за позитивни цели, а не вршење на насилство. Сајбер насилството се врши со објавување на фотографии, снимки, негативни пораки со омаловажување и навреди. Тоа се случува најчесто кога децата не се во личен контакт , а кога ќе се видат може да премине во физичко и психичко насилство меѓу учениците“, рече психологот Аница Златевска од основното училиште „Коле Канински“ од Битола.

Кои ученици се најчесто жртви на ваквото насилство?

„Најчесто насилниците бираат за жртви ученици кои се помирни, подисциплинирани и нема да вратат на нивните влијанија“ , рече психологот Елена Милошевска од основното училиште „Гоце Делчев“.

Ваквото насилство ја погодува психолошката личност на учениците. Се случува да бидат избегнувани на училиште, да остануваа сами, да нема со кој да се дружат. Неприфаќањето од средината е голем товар со кој се соочуваат некои ученици.

„Психолошкото насилство остави големи траги врз децата.Се јавува изолација, сепарационизам, навредување, исмејување, облици кои допираат до психолошката природа на личноста и имаат влијание врз менталното здравје на децата“, рече Љупчо Кеверески, професор од Педагошкиот факултет во Битола.

Не ретко учениците кои трпат меѓуврсничко насилство стравуваат да одат на училиште за да не бидат мета на нови навреди.

„Чест симптом е недоаѓањето на училиште што пак доведува до последици врз успехот на ученикот. Кај секој ученик имаме индивидуални ситуации, некои се повлекуваат во себе, а некогаш има случаи и тие насилно да делуваат врз другите ученици. Но, чести се случаите кога отсуствуваат од училиште зашто учениците се плашат да се соочат со она што се случува на училиште“, додава психологот Милошевска.

Просветните работници и психолошките служби се сложија дека треба да се работи на превенција на меѓуврсничко насилство.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG