Достапни линкови

Вториот инвестициски бран погоди 65 домашни компании


Заев: Не планирам реконструкција на владата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:52 0:00

Заев: Не планирам реконструкција на владата

Сите 65 компании кои денеска добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој тврдат дека во нивната сопственичка структура нема поврзаност со носител на јавна функција. Од Фондот ги охрабруваат компаниите да бидат креативни, конкурентни и извозно ориентирани.

Убав новогодишен подарок денеска добија шеесет и пет домашни компании, на кои Фондот за иновации и технолошки развој им доделија грантови за развој на своите дејности. Вкупниот износ на инвестициите е повеќе од 824 милиони денари во рамки на вториот инвестициски бран, кој, пак е дел од третиот столб од Планот за економски раст на Владата. Откако во првиот бран, дел од компаниите добитници беа посочени како блиски до одредени функционери во власта, сега директорот на Фондот, Јован Деспотовски тврди дека секоја од фирмите која е добитник на одредена финансиска помош доставила документ за сопственичката структура, односно потврдила дека не е поврзана со носител на јавна функција.

“Сите компании кои се дел од вториот инвестициски бран имаат доставено изјава за сопственичка структура што ја воведовме како новина со протоколот за проценка на ризик. Сите имаат доставено изјава во којашто пишува дека нема носител на јавна функција во сопственичката структура,” изјави Деспотовски.

Тој вели дека искуството покажува дека изминатата година домашната економија се придвижила напред, а компаниите биле подготвени да вложат и свои средства во иновации и технолошки развој. Во прилог на тоа Деспотовски додава дека само во вториот бран компаниите вложуваат речиси иста сума колку што вложува и владата во нив.

Вицепремиерот за евроинтеграции Кочо Анѓушев вели дека се искористени сите предвидени средства во Буџетот и неговиот ребаланс за поддршка на економијата и тие опфаќаат над 250 домашни компании.

“Мерките ќе бидат распоредени преку три столбови на исплата. Прво директно преку финансиска поддршка на инвестициите, натаму преку активни мерки за вработување и трето преку фондот за иновативност и технолошки развој за мали и средни претпријатија. Вкупната сума е онаа која беше предвидена во буџетот, односно повеќе од 35 милиона евра”, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Премиерот Зоран Заев уверува дека планот за економски раст ја постигнал предвидената цел. Поддршката за отворање на центри за технолошки развој и иновации ја разбудило и креативноста на компаниите, вели премиерот.

“И натаму остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции со буџет повисок од 37 проценти во однос на буџетот со кој ја завршуваме годината. Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, за поддршка на создавање на нови вработувања, за поддршка на малите идсердните претпријатија, за странски инвестиции во технолошки развојните индустриски зони, за субвенции во иновативната дејност технолошкиот развој и истражувањето”, изјави премиерот Заев.

Иако ИТ секторот останува водечки, во вториот инвестициски бран има проекти од 16 различни индустрии кои опфаќааткомпании од сите делови на Македонија. Овие проекти ќе ангажираат 385 лица, од кои 85 се нови вработувања, а компаниите ќе исплаќаат плати коишто се двојно над просекот во Македонија.

Инаку во првиот инвестициски бран, грантови од Фондот за иновации добија и фирми кои јавноста веднаш ги поврза со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и со пратеникот од СДСМ Хари Локвенец, но тие се откажаа и ги повлекоа инвестициските проекти во моментот кога другите компании добија обврска да достават изјави за поврзаност на сопственичката структура со носители на јавни функции.

Од тогашните 77-те компании добитници на грантови од Фондот, четири се изјаснија дека се поврзани со јавни функционери.

Фондот за иновации и технолошки развој тврдеше дека процедурата по која бил спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата на РМ бил целосно транспарентна и дека на првиот јавен повик од Третиот столб се јавиле 236 компании од земјата, а 80 од нив кои ги исполниле критериумите ги добиле бараните средства во првиот инвестициски бран.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG