Економското јакнење на руралните жени од различни етникуми од западниот и источниот регион на Македонија има големо значење, како за подобрувањето на стандардот на селските семејства, така и за заедништвото. Оваа оценка ја изнесуваат жените-членки на Здруженијата на жените Радика Де од Дебар и Агровинка од Виница, кои се носители на проектот со учество на жени од повеќе рурални општини од западниот и источниот регион. Координаторката на проектот, Фадрија Ајроска, вели дека соработката промовира културни вредности и ги зближува жените од различни етникуми.
„Жените од руралните средини немаат можности да се истакнуваат. Овие проекти се одлична можност тие да ги искористат своите капацитети и можности. Исто така, овие активности на жените овозможуваат да се разменуваат идеи од Источниот и од Западниот регион на Република Македонија, а тоа има големи ефекти. Седум месеци одржуваме обуки, семинари и работилници, при што се дружевме и промовиравме култура од двата региони“, вели Ајроска.
Слична оценка има и Олга Стојменова од здружението од Виница.
„Оваа активност лично сметам дека многу значи, бидејќи соработката е битна. Жените разменија искуства. Реализиравме три обуки на кои дојде до израз потребата од познавање на различните менталитети“, вели таа.
Учесничките во овој проект, Анита Малоска од дебарско и Виолета Арсовска од кумановско, истакнуваат дека е битна размената на искуства во изработката на ракотворби, што значи и продолжување на традициите на старите занаети.
„Овде на продажниот простор имам ракотворби, изработени чорапи и пуловери со тенок конец. Ги плетев самата, а оваа работа ја имам научено од моите родители. Младите сега немаат многу интерес за овие активности, но ние се трудевме да ги научиме. Битно е што разменивме искуства и познанства“, вели Малоска.
„Воодушевена сум од убавините на дебарскиот крај, како и од жените, за кои имам одлични зборови. Се дружевме и сметам дека има потреба од повеќе вакви проекти“, додава Арсовска.
Покрај успешниот проект, што е финансиран од страна на ЕУ, организаторите велат дека поголемиот дел од жените учесници во овој проект станаа и добри пријателки.