Достапни линкови

Обид на жените да ги прекројат локалните буџети


Женските здруженија алармираат дека јавните финансии не смеат да бидат забранета зона за жените.

Жените од Дебар и од неколку други градови на нашава земја ќе се обидат да го „прекројат“ локалниот буџет за 2016 година, односно да кажат како да се потрошат дел од парите. Оваа активност, која стартуваше во Дебар, се реализира преку Акција Здруженска во партнерство со локалните здруженија на жени, кои алармираат дека јавните финансии не смеат да бидат забранета зона за жените.

Жените се многу малку вклучени во процесите на одлучување, особено кога се работи за јавните финансии. Со оваа активност, ние ќе им појасниме што е буџетот и да го поттикнеме нивниот интерес да знаат како се управува со јавните финансии во кои и тие придонесуваат.
Марија Савовска, извршен директор на Акција Здруженска

Активноста насловена како „Жените буџетираат“, организаторите велат дека во Дебар има многу добра клима ефектите од овој проект да се реализираат. Кампањата се одвива преку улична анкета, а главна цел е да се поттикне интересот на жените да влијаат врз управувањето со локалниот буџет, вели Марија Савовска, извршен директор на Акција Здруженска.

„Оваа кампања фактички почнува од Дебар, каде што обичните жени ќе го прекројат општинскиот буџет. Тие ќе се обидат од еден износ од општинскиот буџет да му дадат намена, бидејќи жените се многу малку вклучени во процесите на одлучување, особено кога се работи за јавните финансии. Со оваа активност, ние ќе им појасниме што е буџетот и да го поттикнеме нивниот интерес да знаат како се управува со јавните финансии во кои и тие придонесуваат“, вели таа.

Во оваа активност во Дебар е вклучена организацијата на жените Радика Де. Претседателката на оваа здружение, Фадрија Мустафовска, нагласува дека соработката со локалната комисија за родова еднаквост при Општина Дебар е на високо ниво. Таа вели дека има поддршка за овој проект од локалните власти.

„Станува збор за проект за родово буџетирање во кој се вклучени повеќе општини од државава. Ние како прва општина денеска стартуваме со оваа кампања, и да допреме до жените од регионов и да видиме колку се тие информирани како се трошат локалните пари. Во изминатите месеци работевме на мониторинг на оваа проблематика и наидовме на добар прием кај општината Дебар. Ги добивме сите потребни информации и имавме многу добра соработка со комисијата за еднакви можности, односно комисијата за родова еднаквост каде најдовме одлична соработка. Така успеавме оваа прашање да се подигне и на Совет на општина, а воедно ветено е да се поддржат и други проекти поврзани со понежниот пол“, вели таа.

Проектот кој е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, за граѓанско општество, спроведуван преку Фондацијата отворено општество Македонија, има за цел да го унапреди третманот на родовите прашања во буџетското планирање на локално ниво, а покрај Дебар, проектот се спроведува и во Тетово, Гостивар, Куманово, Битола и Свети Николе.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG