Достапни линкови

Кој им се заканува на независните од ВМРО-ДПМНЕ?


Архивска фотографија- седница за гласање на уставните измени, 19.10.2018
Архивска фотографија- седница за гласање на уставните измени, 19.10.2018

Евроамбасадорот Самуел Жбогар деновиве изрази загриженост за притисоци врз пратениците кои гласаа "за" уставните измени. Тоа го потврдуваат и самите тие и реагираат на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ќе ги прателе на темната страна на историјата.

Со седницата на комисијата за уставни прашања утре почнува третата фаза на уставните измени за чие финализирање повторно како и во првата фаза потребни се 80 гласа. Но, во меѓувреме, повторно се отворија дебатите за притисоци кон пратениците кои порано беа членови на ВМРО-ДПМНЕ и гласаа “за” во првата фаза.

Сè уште имам притисоци, вели за Радио Слободна Европа, пратеничката од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Нола Исмајлоска- Старова нагласувајќи дека тие се ,пред се, на социјалните мрежи.

“Ми личи како и малку да е оркестрирано тоа, затоа што вообичаено таквите содржини се појавуваат на анонимни профили, а потоа се споделуваат од луѓе што ни се познати”, вели Исмајлоска- Старова не прецизирајќи од кого мисли дека се оркестрирани нападите.

Сепак таа е попрецизна за изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој викендов од протестниот марш во Велес имаше порака и за оние кои што застанале рамо до рамо со власта и кои како што рече, скокале по медиумите блиски до власта и дехидрирале со плукање по него и врз ВМРО-ДПМНЕ”.

“Нема да им помине затоа што ќе дојде денот кога и вие задно со нив ќе бидете разголени и разобличени пред судот на овој народ и ќе ве пратиме во темната страна на историјата. Од прв до последен”, рече Мицкоски.

Исмајлоска- Старова ваквата изјава вели дека е неточна од повеќе аспекти особено за тоа дека го напаѓале ВМРО-ДПМНЕ.

“Ваквите неумешни изјави го зголемуваат притисокот врз нас поради одлуката да гласаме “за” измени на Уставот”, тврди Исмајлоска- Старова.

Таа е една од осумтемина кои гласаа во првата фаза. Покрај неа “за” отворање на Уставот беа и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Елизабета Канческа-Милевска и Зеќир Рамчиловиќ. Пред домовите на некои од нив беа организирани и протести.

Од Министерството за внатрешни работи на прашањето дали имаат информации за притисоци и дали е пријавено до нив велат дека согласно направените безбедносни проценки ги преземаат сите неопходни мерки за гарантирање на безбедноста на пратениците.

“Мерките ќе траат дури тоа биде потребно, а ќе се утврди според безбедносната проценка. Веќе се поднесени и кривични пријави за закани кон пратениците на социјалните мрежи, а ваквата појава ќе биде санкцинирана и во наредниот период. МВР ја гарантира безбедноста на сите граѓани и секако на пратениците”, велат од МВР.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, пак, откако се сретна со пратениците од независната пратеничка група на Твитер напиша “сериозно е загрижен поради информациите за постојани притисоци врз нив и нивните фамилии”.

Мицкоски, пак, се пожали и за притисоци, како што рече дневна основа врз граѓаните но и врз членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од Министерството за внатрешни работи ги демантираат како што ги нарекуваат дезинформациите изнесени од страна Мицкоски и ги отфрлаат како неточни.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG