Достапни линкови

МОМИ со интимните дневници во Отворено графичко студио


НесТ е насловен најновиот проект на уметничката група МОМИ, што од 13 до 20 декември, ќе биде изложен во Отвореното графичко студио на Музејот на Град Скопје. Станува збор за интимен перформанс на седумте авторки, за концепт на гледање на „обичните“ работи од друга преспектива за 28 дена.

Марија Сотировска, Кристина Хаџиева, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Ана Ивановска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска, или заедно МОМИ, по цела година од иницијалната идеја, еве ги со новиот уметнички проект насловен како НЕсТ (NesT). Тие, во периодот од 13 до 20 декември, во Отвореното графичко студио на Музејот на Град Скопје, се претставуваат со седум објекти (книги). Пред да се создадат објектите главната задача на секоја од нив била да води дневен запис (бележник) за интимните, лични, културни, социјални настани, мигновени сознанија, од Млада до Полна месечина во месец август. Дневниците меѓусебно ги разменувале и врз основа на забележаното во нив секоја од уметничките имала задача да создаде друга книга со седум страници во која ќе даде свој ликовно-уметнички концепт за секој дневен запис. Целта на ваквиот концепт била „оздавање процес на доследност, истрајност, посветеност, забележување и следење на развојни фази, гледање на „обичните“ работи од друга перспектива за 28 дена.

Од таму, нималку не чуди, што кураторката Ана Франговска во својот текст „Индиректен луминизам“ пишува дека нивниот проект НЕсТ или гнездо „во себе артикулира еден мошне комплексен процес во кој, во неколкуте вклучени фази во процесот на реализација на проектот од идеја до финален продукт, се провлекоа неколку женско дискурзивни аспекти како суштински елементи во уметничкото осмислување и градење на делата“. Згора на тоа таа забележува дека „самиот наслов е прва за реципиентот или последна за уметниците директна асоцијација со жената, домот, фамилијата, блиските, оние за кои се грижиме и спрема кои најмногу покажуваме љубов и одговорност“. Вториот пресуден аспект, како што појаснува Франговска, „е значењето на Месечината, месечевите мени и неговата инкорпорираност и значење како женски принцип, но и аналогијата со репродуктивниот систем на жената, т.е. нејзиниот месечев циклус“. Конечно, кураторката заклучува дека „целиот процес е еден интимен перформанс на седум авторки, во кој тргнувајќи од себе, го спознаваш другиот, притоа согледувајќи ги сличностите и разликитеи, користејќи го дневникот како метајазик за другиот, создаваш автореференцијално дело кое ќе те отсликува тебе преку другиот. Дека правецот на движење е од поединечното, кон општото и повторно кон индивидуалното“.

Маја Кировска, како гласноговорничка на МОМИ, пак, објаснувајќи ја генезата на НесТ ќе рече дека предлогот за концептот го дала Кристина Хаџиева, којашто пред извесно време се преселила и живее во природа. Посветена е на спознавање на природата и на светот околу неа. Нивниот одговор бил дека сите ја чувствуваат потребата подобро да се запознаат меѓу себе, па така „запознавањето“ почнало додека секоја од нив го пишувала сопствениот дневник, но особено потоа кога ги размениле во групата.

„Идејата беше секоја од членките на групата, на МОМИ, во тек од еден месец, во август, да води дневник за она што и оставило впечаток. За сите доживувања, чувства, не мора тоа да е некаков детален опис на сите настани во текот на денот, туку едноставно она што ти оставило впечаток, што побудило чувства кај тебе. Планот беше во нашите дневници сето тоа да го изразиме преку пишан текст, поезија, цртеж и слично и секоја од нас тоа го направи на најразличен начин“, вели Кировска.

Таа дополнува дека овие дневници нема да одат во јавност бидејќи тоа се интимни исповести, туку дека тие си ги споделиле меѓу нив како блиски пријателки. Потоа секоја од нив имала задача да го интепретира она што го прочитала во дневниците и да направи еден вид на портрет преку цртеж или било каква експресија во современ медиум во вид на една книга.

„Ние ќе имаме седум книги на овие изложби бидејќи сме седум уметнички во МОМИ. Во секоја од овие книги секоја од нас даде видување за останатите авторки во групата и за самата себе. Вистинско уживање беше да се читаат дневниците на другите. Можам да кажам дека сите, пред сè, имале убави случувања и сето тоа придонесе да знаеме како ни течат нештата и да се запознаеме повеќе како личности. Ние се дружиме долго време, но со брзиот начин на живот се помалку имаме време да се гледаме, да разменуваме искуства и да посветиме внимание едни на други. Ете затоа, всушност, идејата на овој проект е да се застане за малку. Да се земе воздух и да се погледа она што е кај тебе и кај другите“, забележува Маја.

Прашана за тоа дали овие нивни интимни дневници можат да сведочат за времето во кое сите заедно живееме, Кировска со појаснување дека тоа е возможно иако се работи за седум различни индивидуи кои воделе дневници кои циркулираат во различни сфери на нашето битисање.

„Дневниците се рефлексија на сето она што сведочи за нашето време, а потоа и видувањето на самиот автор е интепретација на истото тоа, па така, на неколку нивоа фактички го рефлектира нашето живеење“, вели уметничката.

Според неа, бидејќи НесТ како проект е составен од седум компактни дела е многу погоден за да се пренесе во други градови, па и во други земји. Сè уште не преговарале за негово претставување во други галерии, но останува можноста МОМИ тоа да го направат во периодот што следува.

„На нашата уметничка сцена во последно време популарен е медиумот на цртеж во книга. Ова не е сосема класичен цртеж во книга, ние имаме сосема различни медиуми и така ги нарековме книги, па сам по себе концептот е и атрактивен и погоден да се пренесува на други места“, истакнува Кировска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG