Достапни линкови

Без млади нема промени


Стефани Спировска, МОФ
Стефани Спировска, МОФ

Потребни ни се младите како дел од нашето општество и силен двигател на промени кои допрва треба да ни се случат, пишува во Стефани Спировска од Младинскиот образовен форум во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Младите во Република Македонија се незадоволни, неслушнати, недоволно вклучени во општествени процеси и образовани колку што се понудило на нивната генерацијата. Истражувањата велат дека 60% од нашите млади би си заминале од земјава доколку им се пружи прилика, а една третина од младите активно бараат начин да заминат од земјата.

Вината може да ја бараме во државата, во транзицијата, во Европската унија, во моменталната власт или онаа која замина или пак во културата која ја имаме, но состојбата е алармантна и на истата мора да се фокусираме што поскоро – со цел да не ги загубиме и оние млади кои сè уште се тука. Анализата направена од Младинскиот образовен форум во првата половина од 2018, покажаува дека младите не заминуваат само од економски, туку и од културни, социјални и политички причини. Поинаку кажано, тие не си заминуваат единствено за да најдат работно место, туку и поради нивото на општествената култура во кое тие утре треба да се градат како личности, нефункционалниот здравствен систем, неправичниот и селективен правен систем,и слабиот квалитет наобразованието.

Одливот на младите е феномен со кој се соочуваат многу европски земји, но тоа не значи дека државите треба да се откажат од креирање механизми за нивно враќање во националните држави, особено во земјите во развој како што е Република Македонија, туку напротив, треба постојано да се трудат да ги подобрат условите во државата. Системот наместо пречка, треба да биде сигурност и поттик за младите луѓе. Државата мора да ги препознава и поддржува нивните квалитети, да им понуди квалитетно образование и преку низа политики да им овозможи на младите да се доквалификуваат, да започнат со пракса или да пронајдат работа. Потребно е да се изгради систем во кој политиките за вработување, образование и учество на младите ќе се имплементираат и редовно ќе се следат со цел од резултатите да извадиме заклучоци кои понатаму ќе ги насочиме кон потребните промени, наспроти досегашното половично имплементрање на законските решенија.

Младите нема да бидат мотивирани да се вратат или да останат во Македонија сè додека не се промени начинот на кој фигурираат во општеството – непрепознаени како социјална категорија и само парцијално вклучени во процесот на донесување на одлуки. Тука зборувам за низа поволности кои за младите се апстрактни концепти, било тоа во форма на младинска картичка, студентско вмрежување, бесплатен превоз, социјално праведен студентски стандард, младински размени или ефективен студентски парламент кој гласно ќе ги претставува студентите во академската заедница. Би било неразумно да градиме политики на задржување на младите во местата од кои потекнуваат по секоја цена. Потребно ни е тие да се запознаат со различни социјални концепти и контексти од оние во кои израснале, потребно ни е да се доквалификуваат и да ги искористат своите капацитети, но на крајот од денот потребни ни се тие.

Потребни ни се како дел од нашата средина и како силен двигател на промени кои допрва треба да ни се случат, но многу поважно е какво општество им е потребно на младите и каква држава сакаме и треба да им овозможиме.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG