Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ по Хелсинки - Oдлична или загрижувачка ситуација?


Архивска фотографија - Делегација на ВМРО-ДПМНЕ на средби на самитот на Европската народна партија
Архивска фотографија - Делегација на ВМРО-ДПМНЕ на средби на самитот на Европската народна партија

Самитот на Европската народна партија во Хелсинки донесе нови несогласувања во ВМРО-ДПМНЕ откако таму отпатува актуелното раководство и исклучените членови. Од европските политичари, пак, стигнаа пораки дека не смее да има насилство, а дека е неопходна внатрепартиска демократија.

ВМРО- ДПМНЕ функционира одлично е ставот на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, ден по самитот на Европската народна партија што се одржа во Хелсинки. Петар Богојески, кој, исто така, заедно со други исклучени од партијата беше на самитот, спротивно од партискиот лидер, во Скопје се враќа со впечаток дека ситуацијата во ВМРО-ДПМНЕ е загрижувачка.

Двајцата, во изјави за Радио Слободна Европа, оценуваат дека сега е можно да седнат и да разговараат за состојбите во партијата.

Јас навистина немам личен проблем и лична фрустрација за ниту една личност во Република Македонија и сè што е во интерес на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ апсолутно сум подготвен да седнам и да разговарам и да донесеме најдобро решение коешто ќе помогне Република Македонија побрзо стане земја-членка на Европската унија“, вели Мицкоски.

Се сретнавме многу кратко и во Хелсинки, вели Богојески, кој очекува во Скопје да седнат и да разговараат.

Нормално дека очекувам сите да бидеме загрижени и да бараме решение како до подобро, подемократско и помодерно ВМРО-ДПМНЕ“, вели Богојески.

Различни перцепции за партиските состојби

Но, за ситуацијата и двајцата имаат сосема различна перцепција. Мицкоски тврди дека на конгресот Македонија била преставена со една официјална делегација, чии четири члена имаа право на глас, а на конгресот како што вели, имаше разни гости, студенти, официјални и неофицијални лица.

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, пратеничката Емилија Александрова и разрешениот заменик генерален секретар Богојески се сретнаа со повеќе европски функционери, а синоќа имаа состанок и со досегашниот претседател на Европската народна партија Жозеф Дол. Од другите земји, како на пример Србија или Словенија, има и повеќе партии кои се дел од Европската народна партија, вели Мицкоски на забелешката дека сепак, исклучените членови имаа високи средби.

„Јас не би го коментирал повеќе тој дел. Единствена официјална делегација која што ја претставуваше Република Македонија, со официјални лица кои учествуваа во работниот дел на конгресот, беше онаа која што ја предводев јас во името на ВМРО-ДПМНЕ и тука нема што да додадам или одземам“, вели Мицкоски.

Се согласувам со изјавата на Дол дека не треба да има насилство, вели Мицкоски, коментирајќи ја пораката од европскиот политичар. Дол наведе и дека „сите членки на Европската народна партија мора целосно да спроведат внатрепартиска демократија, да го почитуваат правото на сопствено мислење и да ги бранат нашите вредности и принципи, вклучително и силна проевропска посветеност“.

„Кај оние сестрински партии кај кои фракционерството со статут не е дозволено, а верувајте тоа се мнозинство, повеќе од 90 отсто, се знае по вертикала начинот на носење одлуки каков е. Вие имате внатрепартиска демократија, внатрепартиска дебата, сè до моментот на носење одлуки“, вели Мицкоски.

Бидејќи се работи за партиски конгрес, нормално сестринските партии беа најмногу заинтересирани за случувањата во ВМРО-ДПМНЕ, вели Богојески.

Загриженоста е уште поголема, особено по случувањата во последните месец-два и тоа поведение на разрешувања, шиканирања, исклучувања од партијата, навреди кон семејствата на поединци од партијата итн. Вториот дел се сосема погрешните политики кои ВМРО-ДПМНЕ ја изолираа од меѓународната заедница и таа изолација во живо ја видовме тука во Хелсинки“, вели Богојески.

Мицкоски нема да му одговори на Мијалков

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се соочи со остри критики и на меѓународна и на домашна сцена. Германската политичарка и претседател на асцијацијата на жени во Еврпската народна партија, Дорис Пак, по средбата со Мицкоски во Хелсинки, на Твитер напиша дека ЕНП не смее да го толерира однесувањето на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кон осумте пратеници кои гласаа за уставните измени, спротивно на ставот на партијата.

Еврокомесарот Јоханес Хан, пак по средбата со него, исто така на твитер напиша дека бил кристално јасен дека ратификацијата на договорот од Преспа мора да се финализира без никакви пречки.

Во Скопје, пак, истовремено и второ јавно писмо до Мицкоски упати поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, кого претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го исклучи од партијата. Мицкоски, исто како и за првото писмо вели дека нема што да додаде ниту, пак, да одземе туку дека тие се фокусираат на новата програма, ребредирањето на партијата, новите структури.

„Јас само на сите да им препорачам, на оние кои што одлучиле по поинаква траекторија да го водат својот живот, слободно нека измислуваат, нека конструираат, нека се служат со измислици, нека пишуваат писма, а јас ќе продолжам да работам, па ќе видиме на крај кој е тој што ќе заврши онака како што треба“, вели Мицкоски.

Мијалков вчера го обвини партискиот лидер дека доживеал голем срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија, со тоа што на Конгресот на ЕНП во Хелсинки, освен официјалната партиска делегација, биле поканети и претставници на оние кои го поддржаа Преспанскиот договор и беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG