Достапни линкови

Секирарски со ЕЛИФ и МЕЛИФ освојува награди


Борис Секирарски од Куманово, дипломиран физичар-метеоролог.
Борис Секирарски од Куманово, дипломиран физичар-метеоролог.

Кумановецот Борис Секирарски е долгогодишен метеоролог, кој за своите иновации во метеорологијата добива награди. Освен тоа тој е и поет, сликар, музичар, но метеорологијата го држи приматот.

Кумановецот Борис Секирарски, кој има 57 година, е дипломиран физичар-метеоролог и над три децении работи во УХМР во Скопје. Тој во последните години како дежурен синоптичар, со своите иновации ЕЛИФ и МЕЛИФ (Систем за информирање за поплави, врнежи и брзи поплави и мобилен ЕЛИФ) на меѓународните манифестации освои златен и сребрен медал на ИНОВАМАК18 во Скопје и на Интернационалната изложба на иновации во Загреб, Хрватска. Ова не е негово прво откритие, а следно кое можеби ќе си го добие соодветното место е за помош на екипите во гаснење пожари. Секирарски не е само метеоролог, тој слободните мигови ги исполнува и со сликање, забележување стихови, со алгоритамска музика.

Скромен и ненаметлив по својата природа, овој кумановец упорно работи во откривање новини во метеорологијата, но како што вели, златниот медал во Скопје на ИНОВАМАК2018 и сребрениот медал во Загреб за него биле изненадување.

„И таму меѓу сто и педесет експонати добив сребрен медал за иновацијата ЕЛИФ и МЕЛИФ, како што популарно се нарекува“, вели тој.

Двете откритија се тесно поврзани со интернетот и, како што додава Секирарски, денес не би можеле да замислиме да не постојат мобилни уреди, со самото тоа што и телевизорите се умни, како и градовите и селата. Доколку не би постоеле веројатно би имало нешто слично, но на ваков начин широко применлив сигурно не.

РСЕ: Да не беа социјалните мрежи, интернетот дали овие ваши откритија ќе имаа ваков публицитет?

„Секако не. Првин немаше да знам за Саемот ИНОВАМАК во Скопје тие денови кога и уредот беше комплетиран и почна да работи, да функционира и се се случи во неколку денови. Јас дознав за Саемот за иновации во Скопје и Здружението НАИМ дозна за мене и сето тоа почна во една насока во која јас не ни помислував дека може да се случи.И на крајот по наградите, целата таа популарност на самиот уред и самата идеја дека кај нас нешто вака се случува им се допадна на луѓето и тоа се рашири многу“, вели Секирарски.

За примена на ЕЛИФ или МЕЛИФ или двете заедно Секирарски појаснува дека како да сме навикнати да живееме во време на обесштетувања, субвенции и дека не може да се предвиди кога ќе почнеме да живееме со превенции на лошите случувања. Сепак, оптимист е дека ЕЛИФ првин ќе профункционира во Македонија, барем на еден регион, оти не би било добро да почне некаде на друго место. Овој уред мора да се потврди, зашто Секирарски вели дека не настапува како компанија, туку како уред направен во домашни услови, па треба да достигне некои стандарди.

РСЕ: По ЕЛИФ и МЕЛИФ има ли нешто друго?

„Сите овие работи се поврзани со брзо дејствување. Се обидувам да бидам што побрз и што повеќе веднаш, со проценките, со мерењата, со сè. Почнав со една идеја за помош при појава на пожари за Балкан и таа е слична и на некој начин ќе помогне каде и да се случи пожарот веднаш да има информација. Ако не друго, барем за ветерот како ќе дува, за да не тргнуваат екипите за гаснење на пожарот на „слепо“ и да влезат некаде па да се случи некоја нова несреќа. И тој проект веќе е до некаде и може да функционира, иако првпат го споменувам.“

Физичар, метеоролог, сликар, поет, музичар? Секирарски вели дека не е лесно да се одговори на тоа прашање. Метеорологолијата е најголема обврска и таа го држи приматот. Предизвик е да се истражува, но уметноста му е најдрага. ЕЛИФ и МЕЛИФ се најбитни засега, а на уметноста можеби ќе и се врати пак еден ден.

„Поезија пишувам во момент најчесто кога има несоница, тогаш е најлесно да се напише, кога имате премногу мисли во главата, а се обидувате да заспиете. Сега е многу лесно да запишете сè што ќе ви дојде како идеја, а потоа малку да го подработите за да стане нешто повеќе. Пишувам помалку откако издадов една електронска верзија на збирката. Некако на српски јазик се случи сето тоа, можеби затоа што како генерација многу читавме на времето и библиотеката беше на некој начин интернет. Таму наоѓавме сè, или таму пребарувавме. Книгите тогаш беа повеќе на српски јазик и така тоа се случи, но јас тоа го сметам како некој начин на моето изразување, како акварелот во уметноста и моето изразување во поезија.“

За музиката Секирарски вели дека е дел од неговите истражувања во информатиката.

„Се обидов сликите што ги сликам да ги претворам во музика без да знам дека постои цела една област на алгоритамска музика во светот и тоа е една алтернатива како што ЕЛИФ и МЕЛИФ се алтернатива во метеорологијата. Истражувајќи, инсерти од некои од моите слики ги претворив во мелодии. Некои ги пуштив слободно без обврски на било што на социјалните мрежи. Се разбира, тоа не е популарна музика, но е оригинална и еве пак, тука од кај нас.“

Сето она што Секирарски го работи е со многу труд, љубов и ентузијазам. Тој вели дека во овие години не бара профит, иако неуморно и постојано нешто работи, истражува, со надеж дека кога-тогаш на пошироката заедница ќе и биде од полза.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG