Сите партии во косовскиот парламент, освен Српската листа, одобрија три предлог закони за проширување на мандатот на Косовските безбедносни сили.
Парламентот всушност гласаше да ги прифати предлозите на владата и да ги упати на комисиска расправа по што пратениците ќе гласаат за овие закони.
Премиерот Рамуш Харадинај рече дека тоа е „нешто што се прави за сите граѓани на Косово“.
„Јас ве уверувам дека на Косово сите ќе бидат безбедни, сите заедници. Ова е нешто што се прави за сите граѓани на Косово. Во врска со функцијата на Косовските безбедносни сили, сите три закони имаат само една цел: заштита на територијалниот интегритет на Косово, заштита на косовските граѓани и нејзините малцинства, воена и цивилна заштита и учество во меѓународни воени операции“, рече тој.
Од друга страна, ваквиот потег на Приштина во Белград беше оценет како закана за мирот и опасност за Србија и Србите.
„Не може да има други вооружени сили на Косово освен КФОР, сè додека е во сила резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“, рече српскиот министер за одбрана Александар Вулин.
Шефот на канцеларијата на српската влада за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, пак рече дека Србија „бара и очекува остри реакции од меѓународната заедница“.
„Вовед во создавање на т.н. војска на лажна држава, независно Косово може да има непредвидливи последици за безбедноста во регионот и бараме и очекуваме остри реакции од меѓународната заедница која е овластена и морално и политички одговорна за спречување на понатамошна ескалација и понатамошна милитаризација на нашиот регион“, рече тој.
Претходно, претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека можното формирање косовска армија, како и евентуалното заминување на УНМИК не ѝ остава на Србија никаков друг избор од заштита на „својот народ“.
„Заминувањето на УНМИК и формирањето косовска армија ќе ја доведе Србија во многу тешка позиција. Многу тешка позиција, во која немаме ниту избор, ниту право да избереме нешто, ниту да правиме нешто освен да ја заштитиме нашата земја и нашиот народ“, рече Вучиќ.
Тој не прецизираше каква акција би можело Белград да преземе на Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година.
Инаку, УНМИК беше распореден во Косово во 1999 година, по интервенцијата на НАТО.