Достапни линкови

Прешево меѓу Србија и Косово и надежите за подобар живот


Прешево, живот на границата која може да се помести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Прешево, живот на границата која може да се помести

Во еден од најсиромашните региони во Србија, Прешево во 2001 година имаше краток конфликт кога етничките Албанци побараа приклучување кон соседното Косово. Откако Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, потег што Белград го отфрла, не се се спомнуваше такво нешто. Но, ова лето, претседателите на Косово и на Србија Хашим Тачи и Александар Вучиќ, сигнализираа отвореност за „прилагодување на границите“ за да го решат долготрајното непријателство.

Медиумите шпекулираат со размена на северно Косово, населено претежно од етнички Срби околу поделениот град Митровица, и долината Прешево, мнозинска албанска област во јужна Србија.

Од 75.000 жители на оваа долина, се верува дека 60.000 се етнички Албанци, иако тие ги бојкотираат пописите што ги организира Белград.

Сместена меѓу Србија, Македонија и Косово, долината е погодена од голема невработеност и постојано следена од српските безбедносни служби.

Иако нема официјални бројки, стотици војници и полицајци работат во долината.

Официјалните податоци велат дека невработеноста е околу 70 насто.

Распаднатите фасади во Прешево сведочат за мизеријата.

Просечната месечна плата достигнува едвај 100 евра.

Во другиот град во долината, Бујановац, каде што фабриката за минерална вода „Хеба“ обезбедува работни места, просечната плата изнесува 200 евра што е половина од српскиот просек.

24 годишниот Јонуз Камбери за агенцијата Франс Прес вели:

„Без изгледи за работа, сите ќе заминеме“.

Овој невработен металски работник има малку да каже за промената на територии.

„Како и да е, тие нема да ме прашаат за моето мислење“.

Според 64-годишмиот Србин Братислав Трајковиќ, од мултиетничкото село Рељан, разамената на територии е „глупост“:

„Не би сакал тоа да се случи, но ако сите си заминат, тогаш ќе морам да заминам и јас".

Тоа го вели и Ненад Ѓорѓевиќ од Славујевац:

„Се шегуваме, но можеби еден ден тоа ќе биде вистина, а можеби не. Ние се шегуваме. Тие велат половина од пругата е наша, половина е ваша“.

Арменд Алиу, заменик-градоначалник на Прешево наведува дека српската држава „ги игнорирала едноставните барања“, како што е индустриската зона за привлекување инвеститори, нов граничен премин со Македонија и учебници на албански јазик.

„Наш стар сон е да бидеме дел од Косово, но ние се обидуваме да бидеме претпазливи и да не го загрозуваме територијалниот интегритет на Косово“.

Неколку стотици километри на северозапад, во Косово, Назми Алиу, пензиониран 71-годишен пожарникар пак се плаши дека преместувањето на границата ќе го стави под власт на Белград.

Алиу живее во Суходол, албанско село во близина на северниот дел на Митровица.

„Не сакаме да станеме српски државјани, но што можеме да правиме? Не треба да прифатиме да станеме дел од Србија, бидејќи толку долго чекавме да бидеме ослободени“.

И Белград и Приштина се под притисок на Брисел да склучат договор. Србија преговара за влез во Европската унија, а Косово би сакало да ги отвори разговорите за членство со блокот и, исто така, да им се приклучи на Обединетите нации.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG