Достапни линкови

Популизмот и јакнењето на руското влијание на Балканот


Популизмот ѝ помага на Русија да го јакне влијанието на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00

Популизмот ѝ помага на Русија да го јакне влијанието на Балканот

Стратегијата на мека сила на Русија најде плодна почва на Балканот, но и во Централна Европа и на Балтикот. Ова се наведува во анализата на новинската агенција Асошитед прес во која се оценува дека референдумот во Македонија и изборната победа на лидерот на босанските срби Милорад Додик и одат на рака на Москва.

Една недела пред клучните избори, лидерот на босанските Срби Милорад Додик, отпатува за Русија за трката во Формула 1 - не затоа што е голем обожавател, туку на уште една средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Ова очигледно беше прикажување на влијанието на Русија во еден од најчувствителните региони во Европа, Балканот каде што Западот се обидува да поттикне помирување и реформи по бруталната етничка војна.

Кратката можност за фотографирање со Путин му помогна на Додик да ја добие трката за да го пополни српското место во тричленото претседателство на Босна.

Додик отворено се залага за тоа Србите да бидат разделени од остатокот од Босна и е санкциониран од Соединетите Држави за неговата политика.

Но, тој се покажа како клучен сојузник во обидите на Москва да ја поткопа западната политика на балканската интеграција.

Додека влијанието на Русија е најочигледно на Балканот, порастот на популизмот во Централна Европа и одговара на Москва, а про-руските сили, исто така, добро напредуваа во друг агол на Европа.

Во Летонија, опозициска партија, фаворизирана од големото етничко руско малцинство во земјата, доби најмногу гласови на парламентарните избори, иако партијата се очекува да наиде на потешкотии во обидот да формира коалициска влада.

Победата на Додик во Босна уште повеќе ја засили позицијата на Москва во Западен Балкан, бидејќи сега може да блокира секаква стратегиската одлука - ако тоа го каже Путин.

Русија жестоко се противи на тоа што повеќе балкански земји се приклучуваат кон НАТО.

Западните власти изразија страв дека Русија ги искористила своите историски словенски и православни христијански врски во регионот за да ги поткопа западните политики за интеграција.

Политичкиот аналитичар од Сараево, Адан Хускиќ вели:

„Она што го имаме е високото ниво на непотизам и корупција и високи нивоа на заробување на државата, што значи дека всушност поблиските врски со западните демократии е по природа многу тешко“.

Стратегиската цел на Русија не е да наметне власт над Балканот, туку да се „искористат и зголемат постоечките тензии“, се вели во извештајот на Европскиот совет за надворешни односи.

Руските сојузници на Балканот активно сееја недоверба во западните демократии, презентирајќи ги Вашингтон и Брисел како непријатели кои сакаат да ги уништат нациите од нивниот идентитет и национална гордост, притискајќи ги да се интегрираат во Европската унија.

Додик е совршен пример. За него Западот и НАТО се непријатели, додека Русија е пријател полн со почит кон словенските браќа.

Зафатена со сопствените проблеми – должничката криза, имиграцијата или претстојниот Брегзит – Евопската унија со години го занемаруваше Балканот.

Загрижени, некои официјални претставници во Брисел сега се плашат дека Балканот би можел да биде зафатен со конфликти, освен ако брзо не биде прифатен во Унијата.

Овие стравувања не се неосновани: тензиите меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово, кои прогласија независност во 2008 година, се во пораст и покрај напорите на ЕУ да го зајакне трајното решение меѓу двете страни.

Во знак на зголемени непријателства, Белград ја зголеми борбената подготвеност на своите војници пред две недели поради присуството на специјалната полиција на Косово во северниот дел на Србија.

Во Македонија, надежите на САД и ЕУ дека брзо ќе се постигне договор меѓу Македонија и Грција за промена на името на Македонија и отворање на патот на земјата во НАТО, беа погодени од слабиот одѕив на референдумот на 30 септември.

Резултатот од гласањето ги зголеми стравувањата од нестабилност во земјата.

Русија негира дека се меша во која било балканска или балтичка земја.

Сепак, двајца руски воени разузнавачи работеле од Србија во 2016 година, кога се обидоа да организираат државен удар во соседна Црна Гора за да ја сопрат таа земја од пристапувањето во НАТО.

Српскиот аналитичар Бошко Јакшиќ смета дека референдумот не успеал во Македонија, бидејќи Русите се мешале во претходната националистичка, автократска влада.

„Го видовме тоа претходно во Црна Гора и го гледаме во Србија, што им помага на Русите да инвестираат минимум и да постигнат скоро максимум на нивното политичко влијание“, вели Јакшиќ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG