Достапни линкови

Руската пропаганда ќе продолжи до зачленувањето во НАТО и ЕУ


Руски милиони за анти-НАТО пропаганда
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Руски милиони за анти-НАТО пропаганда

Се очекува Москва да ја продолжи својата пропагандна кампања за кочење на односите меѓу Западот и Балканот, искористувајќи ги политичките и економски пукнатини во регионот, предупредуваат меѓународни аналитичари.

Македонија ги доби поканите од НАТО и ЕУ, но процесот сè уште не е завршен, а тоа сè уште значи плодна почва за влијание на трети страни врз политичките текови не само во земјата туку и во цел Западен Балкан се до денот на формалното зачленување, предупредуваат аналитичари.

Европскиот совет за надворешни односи, во својот најнов извештај, предупредува дека се очекува Москва да ја продолжи својата пропагандна кампања за кочење на односите меѓу Западот и Балканот, искористувајќи ги политичките и економски пукнатини во регионот.

Односите на Македонија и Запад не ја радуваат Русија, зошто тоа е уште еден чекор поблиску на западните организации до руските граници.

Москва не е среќна поради ширењето на НАТО

„Русија не е среќна со проширувањето на НАТО“, изјави македонскиот премиер Зоран Заев, на последната заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Скопје.

Русија, најверојатно, ќе ги прошири и напорите да се поврзе со формални институционални, општествени и политички сојузници и да создаде, како што се вели во Извештајот, „отфрлени хибридни играчи“. За такви цели, како што повеќе пати објавуваа голем број западни медиуми, Кремљ секогаш има силна финансиска логистика.

Претседателот на Одборот на српскиот Парламент за европски интеграции Ненад Чанак, во интервју за РСЕ вели дека регионот се соочува со се поагресивна руска пропаганда, а дека целата руска надворешна политика се фокусира на преземање улога на преговарач за иднината во однос на ЕУ.

Руски милиони за информативна пропаганда

„Лани Русија издвоила 1.800.000.000 евра за пропаганда во Европа, а особено на Балканот. Со други зборови, дојде до ситуација таа руска пропагандна машинерија да меле се пред себе и создава рамка за дејствување на руските служби на овие простори“, вели Чанак.

„Во Црна Гора, на пример, иако е таа членка на НАТО, Москва се надева дека ќе го искористи сојузот меѓу локалните православни славофили, паравоената Балканска војска и руската моторџиска група Ноќни волци“, стои во извештајот.

На Балканот се шират и руските медиумски операции, предупредува авторот на Извештајот, и додава дека „агенцијата Спутник има несразмерно влијание во регионот, а дека Москва се обидела да финансира и новинарски редакции со политички ставови блиски до агендата на Владимир Путин“.

XS
SM
MD
LG