Во текот на организирањето и спроведувањето на референдумот се регистрирани вкупно 40 нарушувања поврзани со остварување на правото на глас и референдумот, соопшти јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Привремената комисија за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот. На подрачјето на надлежност на Вишото јавно обвинителство Скопје еден предмет е оформен во текот на кампањата, додека останатите настани се однесуваат на денот на референдумското изјаснување. Станува збор за предмет оформен со спојување на три кривични пријави поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонија и Светскиот македонски конгрес, а се однесуваат за ист настан, против премиерот Зоран Заев за негов говор во кампањата за наводно изречен јавен повик за поткуп при избори. Предметот е оформен, распределен кај надлежен јавен обвинител и по него се постапува во насока на проверка на наводите во кривичните пријави.
„На подрачјето во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје регистрирани се 29 настани за кои беше известен јавниот обвинител. Во најголем дел пријавените настани се однесуваат на незначителни инциденти, од кои 27 се разјаснети уште веднаш. На денот на гласањето не се регистрирани нерегуларности на подрачјето на Основното јавно обвинителство Куманово, Основното јавно обвинителство Крива Паланка, Основното јавно обвинителство Велес, Основното јавно обвинителство Кавадарци и Основното јавно обвинителство Гевгелија,” изјави Бајрами.
До овој момент до Основното јавно обвинителство не се доставени кривичните пријави кои ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги поднесе за изборни нерегуларности поврзани со референдумот.
„Обвинителството штом ќе ги добие секако дека ќе постапува по нив, но до овој момент такво нешто нема поднесено ни ВМРО-ДПМНЕ, ниту друга политичка партија. Меѓутоа ние будно ги следиме сите активности поврзани со референдумот, сите укажувања и ако се процени дека постојат индиции за сторени кривични дела ќе се постапиме“, изјави Бајрами.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе поднесе кривични пријави против 200 луѓе: претседатели, заменици претседатели, членови и заменици членови на избирачки одбори во општините Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај, како и против полицајци, затоа што се сомневаат дека во овие општини имало сериозни изборни нерегуларности.
Потпретседателот на партијата Александар Николоски изјави дека Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ оценил дека на референдумот биле злоупотребени над 50 илјади гласови и имало полнење кутии и затоа не го признаваат резултатот од гласањето, оценувајќи го како груб и незапаметен фалсификат. Николоски соопшти дека до нив дошле информации за притисок да се излезе на гласање, а тие што не излегле или гласале против биле прераспределувани на други работни места во администрацијата или биле бркани од работа од приватни фирми.
Во меѓувреме реагираа и од канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети, од каде укажаа дека еден од најистакнатите проблеми на денот на референдумот, се избришани лица од Избирачкиот список поради тоа што по распишувањето на референдумот, а пред гласањето извадиле нови лични карти поради истекот на важност. Според омбудсманот ова е најнеосновано бришење од Избирачки список, а одговорноста е кај некоординираноста меѓу институциите. Од канцеларијата посочија дека на референдумското гласање со овој проблем се соочиле 30 до 40 илјади граѓани.
Покрај тоа, се провлекува и прекршување на избирачкото право и на затворениците и притворените. Поточно, од 30 до 50 проценти од нив не може да гласаат затоа што се избришани од Избирачкиот список, поради истечена лична документација. Меѓудругото, посочија дека болните, старите и изнемоштени лица во голем број старечки домови немале можност да гласаат, односно не било организирано гласање во домот. Овие ситуации биле и истакнати во Посебниот извештај за остварување и заштита на избирачкото право, кој бил доставен до Влада уште во февруари годинава.