Достапни линкови

Заминува ли менувањето на времето во историја?


За околу еден месец од сега македонските граѓани ќе треба да ги поместат стрелките на часовникот еден час наназад оти ќе почне зимското сметање на времето. ЕУ, пак, предложи укинување на префрлување на времето од зимско на летно и обратно за што сега се очекува да се изјаснат земјите членки.

Последната недела од октомври вообичаено до македонските граѓани стигнува техничката информација „во сабота кон недела на полноќ почнува зимското сметање на времето, а стрелките на часовниците поместете ги за еден час наназад”.

Првите денови по поместување на стрелките, исто така вообичаено, почнуваат и поплаките на дел граѓани најмногу за раното стемнување што придонесува и за промена во биоритамот на луѓето.

Особено функционирањето е отежнато за оние кои се вработени, а кои поради современите тенденции работниот ден го почнуваат подоцна и го завршуваат подоцна - најчесто околу 17 часот, кога веќе е и стемнето.

Но, зимското сметање на времето всушност е вистинското, природно време, па повозрасните граѓани кои ги анкетиравме паметат дека во Македонија подоцна е воведено поместувањето на стрелките. За повеќето од нив поранешното пресметување било и подобро.

„Па јас би се вратил на тоа старото, претходното време, мислам дека е тоа што сега ќе се смени, тоа е старото.“

„Порано не се менуваше времето, се знаеше, Бугарија часот е напред, Грција исто напред, Југославија не го менуваше никогаш, подоцна испадна тоа.“

„Беше подобро по старо, повеќе време наутро да се наспие човек, по одморен да биде, а ако не си одморен не можеш да дадеш се од себе“, велат граѓаните.

Летното сметање на времето е договореното правило за поместување на часовниците напролет, во последната недела од март. Овој систем во светот е стар повеќе од еден век. Предложен е 1905 од британскиот претприемач и градежник Вилијам Вилет, но бил прифатен во 1916 година со цел заштеда на јаглен.

Во Македонија летното сметање на времето е воведено во 1983 година, кога таква одлука била донесена на ниво на тогашната Сојузна федеративна република Југославија. Во независна Македонија подоцна во 1996 година, менувањето на летно и зимско сметање на времето е утврдено и со Закон за сметање на времето. Од тогаш, согласно законот и Владата на седница носи одлука кој ден точно треба да се поместат стрелките.

Природното време не одговара на современиот биоритам

Но, според доктор Ивица Милевски од Институтот за географија, иако зимското сметање на времето е природното, поради современиот начин на живот, пологично е летното пресметување на времето. Со зимското сметање сонцето изгрева еден час понапред, но и заоѓа еден час понапред па во зимските месеци тоа е некаде околу 16.30 минути. Токму поради тоа и поради сменетиот стил и начин на живот се поставува прашањето за сметањето на времето додава професорот, напоменувајќи дека прво и самото преминување од едно во друго сметање на времето е стрес и дека во тие први неколку дена има последици врз биоритамот на луѓето.

Ако се префрлиме постојано на летно сметање на времето тоа ќе биде многу подобра опција отколку да бидеме во зимското сметање на времето, затоа што ако се продолжи со летното сметање на времето најрано стемнувањето ќе биде околу 17 часот и 20 минути, за разлика од зимското сметање на времето кога кон крајот на декември се стемнува околу 16.20, а нашиот биоритам не е навикнат тогаш да е ноќ”, вели Милевски.

Споредувајќи со поранешниот начин на живот, тој додава дека сè до шеесеттите години на минатиот век со работа се почнувало во пет или шест часот, а се завршувало во 14 или 15 часот.

Сега се поинакви условите и по завршување на работното време според зимското време веднаш преминуваме во ноќ и затоа оние држави што се во средноевропската часовна зона меѓутоа на источната страна, како што сме ние, Србија, Унгарија, имаат проблем затоа што многу рано се стемнува за современ начин на живот и современ биоритам”, вели Милевски.

Менувањето на времето заминува во историја?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:42 0:00

И Европа во дилема

Проблемот со стемнувањето рано во текот на зимата е најизразен во овој дел од Европа. За разлика од тука, во други земји кои се во иста часовна зона како и ние, односно централно европска, се стемнува многу подоцна, на пример во Франција или во Италија. Европската унија, пак, предложи укинување на ритуалот кој ни беше обврска два пати годишно. Ова доаѓа истовремено додека граѓаните во Калифорнија се подготвуваат да донесат иста таква одлука во ноември.

Гоце Атанасов

На пролет напред, на есен назад. Така ги поместуваме стрелките на часовникот веќе неколку децении. Но, по сè изгледа, на ваквиот своевиден ритуал како да му се гледа крајот, барем во Европската унија. Брисел официјално предложи менување на Законот за зимско и летно сметање на времето и наместо него, остава секоја влада сама да си решава за тоа. Тоа значи дека Франција, на пример, може да избере да стави крај на ритуалот. Но, Германија, каде што живее колекционерот на часовници Вернер Стехбарт, може да реши да го задржи. Тоа ќе го направи среќен.

„Во почетокот бев навистина задоволен. Мислев дека тоа е одлично. Но, сега откако размислив малку всушност беше забавно да ги менувам моите 365 часовници. Другата работа е тоа што двапати ги бришев од прашина годишно и ако не мора повеќе да ги менувам, веројатно никогаш нема да ги исчистам“, вели Стехбарт.

Европската комисија кон средината на септември, на барање на Финска, предложи промена на законот со која ќе се стави крај на префрлувањето на времето од летно во зимско и обратно. Секоја промена ќе треба да биде одобрена од националните влади и Европскиот парламент, процес кој може да трае до две години. Европската унија реши да го менува законот откако спроведе истражување кое покажа дека огромен број Европејци сакаат да се ослободат од ритуалот. На улиците во Франкфурт, луѓето беа ентузијасти во врска со ваквата можноста. Марија Ванија вели:

Мислам дека е добра идеја да се вратиме во нормала. Други земји веќе го направија тоа. Промената на часовниците не беше толку корисна. Мислев дека вреди, но всушност не ни е потребно.“

Јулиус Ословски пак вели:„За првпат го слушам тоа, но мислам дека е добро. Јас сум љубител на летно време и отсекогаш мислев дека е глупаво да ги менувате часовниците напред и назад секоја година. Затоа мислам дека е одлично ако можеме да се држиме на едно време.“

Кристина Балсен додава:

„Мислам дека е добро. Менувањето на часовниците секогаш ме вознемируваше, а сега со децата е уште полошо. Тие ја забележуваат промената на времето и се мачат со тоа.“

Томас Милановски пак вели:

Секогаш ми се допаѓа летното време. Треба да имаме малку повеќе време за себе, а тоа звучи како летно време. Но, генерално, ЕУ треба да се грижи повеќе за работите што се важни.“.

Марсел од Париз пак додава:

„Претпочитам кога има повеќе светлина во вечерните часови, ќе го извлечете максимумот од дневната светлина и мислам дека е добро.“

Еврокомесарката Виолета Булц претставувајќи го предлогот оцени дека укинувањето на менувањето на времето ќе има позитивни резултати:

„Има и економски придобивки зад ова. Мислам дека е скоро шега, но исто така е вистина дека и на кравите им тешко да разберат дека треба да се молзат еден час порано или подоцна, бидејќи нив секој ден времето им е исто.“.

Според неа, октомри 2019 година би требало да биде последен пат кога Европејците ќе мора да ги прилагодат своите часовници. Во Брисел ја минимизираат и можноста дека оставањето на владите сами да решаваат, може да доведе до уште поголема збунувачка мешавина на временски зони.

На Европа наскоро може да и се приклучи и Калифорнија. Таа ова прашање ќе им го постави на своите гласачи во исто време со изборите за Конгресот во ноември. Критичарите на менувањето времето велат дека тоа не донесло значителни заштеди на енергија и економски придобивки. И, дека всушност ги зголемува здравствените проблеми особено кај малите деца и постарите лица, предизвикува поголем број на сообраќајни незгоди и ја намалува продуктивноста на работниците.

Поддржувачите, пак, велат дека вештачкото создавање дополнителна утринска дневна светлина во текот на зимата и подолга вечерна светлина во лето може да помогне да се намалат сообраќајните несреќи и да се заштеди енергија. Надвор од ЕУ, неколку европски земји престанаа да се префрлаат меѓу летото и зимското време, меѓу нив и Русија, Турција, Белорусија и Исланд.

Македонските бизнисмени бараат да се следи европскиот тренд

И додека трае дебатата кај земјите членки на Европската унија, за македонските бизнисмени чии најголеми партнери се од земјите членки на блокот немаат дилема дека Македонија треба да го следи нивниот пример.

Треба да се земе предвид фактот дека земјите од Европската унија се најголемиот трговски партнер на државата, вели Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Ако имаме исто пресметување на времето тоа би значело и полесно оперативно да комуницираат со нив, да се доставуваат производите и слично. Значи од оперативен план тоа е подобро за бизнисмените“, вели Исени.

Тој додава и дека интерно во Коморота спровеле и анкета меѓу своите членки како различните часовни зони со нивните партнери влијаат врз нивната работа.

„Членството вели и дека нема некоја голема разлика и дека тие се снаоѓаат во дадените околности. Значи како проблеми не се истакнати од нашето членство. Но, сепак нашиот став е дека треба да се следи европската пракса”, вели Исени.

Со сличен став се јавија и од Стопанската комора месецов. Од таму наведоа дека „ако Унијата одлучи таквото сметање на времето да се усогласи тогаш би требало да се размислува во тој правец и кај нас”. Од комората сепак наведоа дека треба да се направат многу пошироки анализи и согледувања какви ефекти тоа би предизвикало во нашето стопанство.

Дали Македонија е во вистинската часовна зона?

Последно во земјава поширока јавната дебата за времето имаше пред околу пет години. Тогаш всушност се предлагаше да не се укинува зимското сметање на времето туку стрелките на часовникот да бидат еден час нанапред.Тогашната влада размислуваше Македонија да ја смени часовната зона и да биде во иста со Грција и Бугарија. Со тоа, како што се аргументираше ќе се направела заштеда и во компаниите и во приватните домови.

Во однос на природната поставеност на Македонија, ова не е соодветно, вели професорот Милевски, а земјава се наоѓа во вистинската часовна зона. Тој додава дека околу 90 отсто од територијата на Македонија лежи во средно европското часовно подрачје, а останатите десет отсто кои навлегуваат во источно европската зона се меѓу пехчевско и беровско.

„Тоа е еден условно кажано шилец од територијата што навлегува кон Бугарија и само тој дел би припаѓал кон источно европска часовна зона”, вели Милевски.

Инаку кај земјите членки на Европската унија има три временски зони. Осум членки ЕУ применуваат плус два часа во однос на средното време по Гринич и меѓу нив се Бугарија, Кипар, Естонија, Финска, Грција, Летонија, Литванија и Романија. Ирска, Велика Британија и Португалија го сметаат времето по Гринич, а најголем дел од земјите членки, односно 17 држави се во иста часовна зона како Македонија. Меѓу тие земји се Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG