Достапни линкови

Едно учат, друго се бара на пазарот на труд


Архивска фотографија - студенти.
Архивска фотографија - студенти.

Анализа на квалитетот на стручното образование не е направена, но искуствата на работодавачите покажуваат дека неусогласеноста на курикулумите со очекувањата на компаниите се некои од главните предизвици со кои се соочува пазарот на трудот.

Од бизнис секторот велат дека има голем број стручни работни места за кои младите луѓе не се подготвени и оти има недостиг на кадар во градежништвото, земјоделството и туризмот, а се повеќе има и побарувачка за програмери.

За зајакнување на одредени производствени гранки во државата според упатените потребно е и ревидирање на наставните програми.

Не ни е соодветно образованието за потребите на пазарот на трудот и мора да внесуваме иновативни технологии за да ја подобриме конкурентноста на пазарот“, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Како проблеми се посочува неможноста да се влијае врз стручната настава што се спроведува во училиштата и непостоење финансиски поттикнувања за компаниите кои организираат стручна настава.

Според согледувањата има области во кои потребно изведување на практична настава и усогласување на наставните програми со потребите на земјоделството, градежништвото и туризмот, со што значително би се унапредиле овие дејности.

„Ќе ви кажам пример од автопатот кој неодамна се отвори, делницата од Смоквица до Демир Капија, во моментите кога се селектираше и ангажираше кадар во повеќе специфични области од градежништвото немавме кадар, па мораа да доаѓаат луѓе кои работат во Албанија и Грција“, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија.

Дополнува дека и во земјоделството не може да се зборува за вештини, кога нема информации како да се менаџира производство и да се продаваат производите. Тој вели дека има и други области во кои има примери за успех и иновативност, но тоа се исклучоци, а не генерална состојба.

Но и желбите на младите луѓе се во спротивставена позиција со потребите на пазарот на трудот. На сметка на тоа, Дарко Велков менаџер во „Вработување“, вели дека во Македонија има сè по ограничен број на лица кои може да бидат распоредени на одредени занимања.

Огромна е разликата во бројките. Ние сме како тромав џин кој треба да се заврти нагло. Многу професии младите малку сакаат да ги работат. Тоа се градежништво, рударство, месари заварувачи, сите стручни дејности кои има конкретна примена во големите индустрии. Просек во градежништвото е возраст над 45 години, а во рударската индустрија 50 години. Зборуваме за нешто што е прашање на време кога таму ќе снема кадар. Младите немаат интерес да аплицираат колку и да е атрактивна платата“, вели Дарко Велков.

Тој дополнува дека има потреба и од програмери.

„Во моментот ако има 10 илјади програмери сите ќе бидат вработени“, вели Велков.

Нашите соговорници ги препознаваат училиштата и стопанските комори како фактори кои треба да имаат водечка улога и пружање подршка во координацијата меѓу образованието и потребите на пазарот на трудот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG