Достапни линкови

САД и ЕУ избегнаа трговска војна


ЕУ и САД не воведуваат нови царини
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

ЕУ и САД не воведуваат нови царини

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон изјавија дека се договориле двете страни да се воздржат од воведување дополнителни царини додека траат разговорите за меѓусебната трговија.

„Ова беше многу голем ден за слободната и фер трговија“, рече претседателот Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа по средбата со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

„Веќе денес Соединетите Американски Држави и Европската унија имаат билатерални трговски односи од трилион долари - најголеми економски односи во светот. Сакаме понатамошно зајакнување на овој трговски однос во полза на сите американски и европски граѓани“.

Трамп изјави дека двете страни биле согласни да се стремат кон целосно укинување на царините, ограничувањата и субвенциите, како и тоа дека ќе работат на решавање на проблемот со царините за челик и алуминиум.

„Ние, исто така, ќе работиме на намалување на бариерите и на зголемување на трговијата со услуги, хемикалии, лекови, медицински производи, како и соја, а сојата е голема работа“, рече Трамп, додавајќи дека Европа ќе го зголеми увозот на американски течен гас.

Тоа го потврди и Јункер кој најави дека разговорите продолжуваат и натаму.

„Кога бев поканет од претседателот во Белата куќа имав една намера. Имав намера да склучам договор денеска. И ние денеска направивме договор. Ние идентификувавме голем број области на кои треба да работиме заедно кон нула тарифи за индустриската стока, што беше моја главна намера, да предложам спуштање на нула тарифи за индустриската стока“.

Трамп изрази увереност дека во разговорите ќе бидат решени проблемите со големите тарифи што САД ги стави на увозот на челик и алуминиум од ЕУ и тарифите што ги стави Европа на американски производи.

Остана нејасно дали двете страни направиле напредок во спорното прашање за можните американски царини на увозот на автомобили од Европа.

Но, Јункер рече дека тие се согласиле да не наметнуваат нови тарифи додека се одвиваат разговорите.

Европската унија од 1 јуни е под американски царини од 25 насто за увоз на челик и 10 насто на алуминум, бидејќи Трамп смета дека европските земји не го отвораат доволно нивниот пазар за американски производи.

Брисел возврати со царини за некои типично американски производи како што се моторите „Харли Дејвидсон“ и путерот од кикирики.

Но, Трамп се закани дека ќе воведе санкции и за европски автомобили, потег што според економистите, ќе има големи последици врз економиите на двете страни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG