Достапни линкови

До полноќ ЗА, Против и Бојкотирам, потоа молк до недела


Архивска фотографија- човек пред монтажна куќа што е дел од кампањата „ЗА“ референдум, Скопје
Архивска фотографија- човек пред монтажна куќа што е дел од кампањата „ЗА“ референдум, Скопје

Од полноќ започнува предреферендумскиот молк. Во изминатиов месец на политичката сцена се појавиjа малку актери, но со многу пораки, оценуваат аналитичарите.

Интензивна кампања "за" на речиси сите видови на медиуми, интензивна кампања за бојкот претежно на социјалните мрежи и на интернет порталите, неодреден став на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот, но со силна критика кон Договорот од Преспа и по некој повик да се излезе в недела и да се гласа против ја одбележаа кампањата за претстојното изјаснување на граѓаните. Референдумската јавна пропаганда помина со малку актери, но со многу пораки на политичка сцена, оценува аналитичарот Петар Арсовски.

Фактот што главната опозициска партија немаше активна кампања, сакајќи на тој начин да ја намали важноста на референдумот, направи таа да недостасува како актер на политичката сцена, но затоа иницијативата Бојкотирам и иницијативата За европска Македонија имаа многу пораки” вели Арсовски.

Коалицијата За европска Македонија претежно составена од владини лица на чело со премиерот Зоран Заев месецов секојдневно на средби со граѓани и преку медиумите ги објаснуваа придобивките од Договорот со Грција, но и тоа што ќе го добие земјава од зачленувањето во ЕУ и НАТО.

Коалицијата "за" со меѓународна поддршка

Тие бараат од граѓаните да излезат и да гласаат за на прашањето “Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на договорот за името меѓу Македонија и Грција” најчесто со тврдењата дека македонскиот јазик и идентитет се зачувани со договорот за името.

“Конечно нашиот народ треба да дојде до она што е најпосакувано - да бидеме членка на НАТО и ЕУ. Не ни е лесно, бидејќи треба да ставиме географска одредница на името, но добиваме конечно вековно признавање на нашиот народ и јазик” , порачува Заев на средбите.

И неговиот владин коалициски партнер Али Ахмети е во кампања "за", па на своите гласачи им порачува референдумот е клучот за влегување на Македонија во ЕУ и НАТО.

На повикот да се излезе на референдумот се приклучија и повеќе странски политичари и дипломати, па Скопје периодов пречекуваше и по неколку високи гости на ден.

Германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот секретар за одбрана Џим Матис, австрискиот канцелар Себастијан Курц, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, високите челници на ЕУ Јоханес Хан и Федерика Могерини, десетици министри и премиери дојдоа во Македонија со пораката- да се искористи историската шанса да се излезе на референдумот, а некои од нив и јасно порачаа дека не може да се оди напред во евроатлантските интеграции без решен спор за името.

ВМРО-ДПМНЕ докрај воздржани

ВМРО-ДПМНЕ е за евроатланските интеграции, но е против Договорот од Преспа кој е "лош и капитулантски", тврдат од опозициската партија. Иако со недели најавуваа дека ќе го кажат својот став, по партиските консултации излегоа со позицијата секој да одлучи што ќе прави в недела следејќи ги како што велат својата свест и совест. Партиските челници учествуваат на дебати со постојани тврдења за штетноста на договорот, најмногу напаѓајќи го тоа што владата прифати името да биде за севкупна употреба. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски не откри што лично ќе прави на 30 септември.

Договорот за менување на името е штетен и треба да се отфрли. Тој е против македонските национални интереси, против македонската држава. Тој е „диво месо“ вметнато во здрав организам што нè гуши и допрва ќе нè влече надолу ако не се спротивставиме” им порачува Мицкоски на своите следбеници.

И дел актуелното партиско раководство, но и поранешните видни членови се согласуваат дека договорот е лош, но за разлика од него повикуваат да се излезе и да се гласа против.

Изолирани повици за гласање против

Меѓу луѓето што јавно соопштија дека ќе излезат на гласање се актуелниот градоначалник на Кавадарци и потпретседател на партијата Митко Јанчев, Костадин Богданов член на Извршниот комитет на партијата, заменик генералниот секретар Петар Богојески, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров кој рече дека ќе излезе на референдумот.

Против бојкот сум од причина што политичкиот простор за бојкот претходно беше веќе заземен од политички структури кои се маргинални или кои имаат различни стратешки структури од ВМРО-ДПМНЕ и ги немаат во нив членството во НАТО и ЕУ” рече Тодоров деновиве.

Некои од поранешните партиски лица повикаа да се гласа против, но има и такви кои велат дека треба да се гласа за, како на пример поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски.

Не смееме да заборавиме дека ако пропадне референдумот ние и понатаму остануваме БЈРМ, затоа што, како прво, не верувам дека веќе ќе има храбри македонски политичари кои ќе влезат во оваа битка, а сметам дека и меѓународната заедница тотално ќе се олади за ова прашање, така што навистина сметам дека ова е шанса која треба да се искористи”, рече Георгиевски за Радио Слободна Европа.

Иванов и Бојкотирам

Претседателот Ѓорге Иванов кој е жесток критичар на договорот со Грција, но повторува дека се залага за евроатлански интеграции минатата недела од Соединетите Американски Држави, соопшти дека на 30 септември нема да излезе и да гласа на референдумот за Договорот со Грција.

“Како да не се сфаќа дека со релативизирање на трајното, ние се релативизираме и како народ. Со оваа спогодба се обидуваат да не понижат, како што ниту еден народ не бил понижен. Сакаат да не направат недоветни сметајќи дека не знаеме како се викаме“, рече Иванoв.

Млади за Македонија, движењето Бојкотирам, партијата на Јанко Бачев Единствена Македонија, Глас за Македонија на Солза Грчева, Левица, Светскиот македонски конгрес, Обединетата македонска дијаспора, се дел и од организираните структури кои стојат зад повиците в недела да се остане дома.

Некои од нив, на пример, Левица покрај аргументирање зошто според нив договорот е лош, се залагаат и Македонија да не влезе во НАТО истакнувајќи постојано, алијансата е воен пакт, односно како што велат, реликт од студената војна, а не безбедносен сојуз.

Бачев, пак, кој во кампањата влезе заедно со уште триесетина организации, исто така е против тоа земјава да стане дел од НАТО и од ЕУ, но од други причини. Тој се залага земјава да биде во сојуз со Русија и да влезе во Евроазиската економска унија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG