Фокус - Бојкотот на референдумот е чин на кукавичлук или на врвна храброст?
„Teнка е границата помеѓу храброста и лудоста“ – вели еден колумнист во Фокус во својот текст посветен на анализата дали бојкотот на референдумот е чин на кукавичлук или напротив чин на врвна храброст. Па ги реди оние што повикуваат да не се бојкотира: меѓународната заедница, големите западни сили, актуелната власт, владите на соседните држави, најбогатите олигарси во државава со валкана деловна биографија, скоро сите медиуми, институции и центри на моќ, па дури и политичките сончогледи кои до вчера беа верни подопашести муви на главатарите на ДПМНЕ, а сега се подопашести муви кај Заев, и повикуваат да се гласа, дури и против. Е па, оној кој на сите повици за гласање вели „не, фала, бојкотирам“ и на тој начин застанува против консензусот кој води до цензусот, зарем тој е кукавица!? Или можеби токму тој е храбриот во контекстов? Или барем храбро луд. Колумнистот во Фокус завршува со пораката: „Тенка е границата помеѓу храброста и лудоста, а се преминува без виза“.
Капитал - Кој стои зад „скандалите“ на власта?
Воведната колумна во Капитал е насловена како „Ситуација“ во која авторот изложува свое мислење, како што и самиот нагласува, за причините за „хиперпродукцијата на таканаречени скандали во последните денови и претенциозните инфантилни анализи во разните ’телевизиски саботажи‘“. Авторот излегува со спротивна теза дека случаите не се произведени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од други центри, а според авторовото убедување, од центри претежно блиски на Илинденска. За опозициската партија вели дека внатре во неа не знаат кај им е главата и дека во моментот не се способни за таква продукција. Она што може да се забележи сега, откако почна кампањата за референдумот, е обид за внатрепартиска битка за позиционирање и репозиционирање за тоа кој ќе биде претседателски кандидат на СДСМ, пишува Капитал.
Неделникот наведува дека високиот рејтинг на СДСМ во голема мера влече енергија и логика од високиот рејтинг на Заев, што го изработи на терен првин како најдобар градоначалник во Македонија, и особено во последните три години во кои со голема дрскост и херојство го урна митот на непобедливоста на ВМРО-ДПМНЕ.
„Производството на скандали и релативизирањето на конкретните економски резултати како и на оние во надворешната политика, очигледно потекнуваат од некој кому всушност бодат очи во СДСМ – затоа и се произведуваат!“
Капитал смета дека ваквиот развој на ситуацијата може да биде во правец на сценариото за креирање замка – некој на Заев му кажува дека заради мир во куќа тој треба да биде кандидатот и идниот претседател на државата! Тоа би значело губење на Владата (извршната власт) и веројатно, па и сигурно губење на лидерството во Партијата. А тоа не е добро ни за Заев, а што е многу поважно за иднината на земјата! Мислење на авторот на анализата во Капитал е дека Заев треба да остане премиер, реформите не само да продолжат, туку и драматично да се продлабочат, кадровската политика мора да се подобри. Заев им е потребен на Владата и на земјата во периодот на преговори со ЕУ. НАТО го сметам за завршена работа, порачува Капитал.