Господине Георгиевски, Вие и основачите на ВМРО-ДПМНЕ ги повикавте граѓаните да излезат и да гласаат со „за“ на референдумот. Зошто според вас, е важно граѓаните да го дадат својот глас „за“?
Не смееме да заборавиме дека ако пропадне референдумот ние и понатаму остануваме БЈРМ, затоа што, како прво, не верувам дека веќе ќе има храбри македонски политичари кои ќе влезат во оваа битка, а сметам дека и меѓународната заедница тотално ќе се олади околу ова прашање, така што навистина сметам дека ова е шанса која треба да се искористи. Не треба на проблемот да се гледа партиски, затоа и јас се согласив да се најдам на еден список на луѓе кои имаат препознатливо вмровско минато, историја, се надевам дека и мене ме препознаваат како ВМРО-ДПМНЕ од поранешно време. Еве да повикаме и дел од оние гласачи кои се на ВМРО-ДПМНЕ и на други политички партии дека ова е едно наднационално прашање и јас кога сум зборувал за тоа прашање во минатото секогаш така сум пристапувал – дека тоа е работа која цела Македонија треба заеднички да ја реши.
Дали вие ќе гласате на референдумот?
Да, да јас ќе гласам. Сакам да потсетам дека јас сум политичар кој прв го отвори ова прашање, храбро на начин како што денеска го решава господинот Заев. Ќе потсетам дека уште во 2000 година, кога бев премиер, имаше обид со господинот Симитис токму тоа име Северна и Горна Македонија да го решиме проблемот. За среќа тоа беше само за меѓународна употреба, не требаше да биде за внатрешна употреба и не можам да не спомнам дека главни противници беа тогашното раководство на СДСМ и новинарите кои беа околу тогашното раководство на СДСМ.
Како иронија на историјата и на судбината сега тие што тогаш не ми дозволија јас да го решам, самите го решаваат и тоа на многу потежок начин. Јас како политичар имам една консеквентност во минатите 15-20 години по тоа прашање и навистина секогаш сум го потенцирал тој дел дека тоа не е ништо трагично, дека тоа нема никаква врска со идентитетот и оние кои сакаат да ја однесат дискусијата во тој правец и барем во 10 интервјуа сум кажал дека е дојде тој ден кога ќе мора ние да го решиме тој проблем. Мене ми е мило што денеска таа иницијатива ја води господинот Заев и ќе ми биде жал ако пропадне затоа што навистина тоа прашање ќе остане во наредните децении повторно затворено, а она што е најинтересно ние ништо не сме решиле ако пропадне, значи ние ќе си останеме БЈРМ и сите колективно ќе глумиме дека гледаме дека не сме БЈРМ, а фактите го зборуваат дека три децении веќе живееме со тоа име.
Го спомнавте начинот на употреба на терминот. Проблематично ли е што тој ќе биде и за внатрешна употреба?
Ако беше само за меѓународна употреба, тоа навистина ќе беше идеален компромис. Мене ми е жал што многу политичари во Македонија, вклучувајќи ме и мене, наидувајќи на мал отпор од опозицијата и на одредени медиумски кругови, ретерираат кога правеа обиди, кога сакаа да го решат проблемот. А некои па и не сакаа, да речеме претходната власт 11 години немаше намера ништо да реши. Ако добро ги сфаќам овие пораки коишто доаѓаат од опозиционерите на овој договор, велат да беше само за меѓународна употреба ќе го прифателе и тие, па 11 години правеа проблеми и од тоа кога беше само за меѓународна употреба. Тука се поставува прашањето што е патриотизмот? Јас деновиве слушам еден поранешен премиер и еден поранешен министер за надворешни работи кои велат дека тие одбиле подобар договор отколку сега овој што е потпишан од Заев и од Димитров. Сега ја го поставувам прашањето, тоа ли е патриотизмот – да сте имале подобар договор за Македонија, а заради својот личен комодитет или заради пет проценти плус рејтинг да не прифатите подобар договор за Македонија. Јас сметам дека тоа е негативна референца за некој политичар.
Ова за внатрешна употреба повеќе ја доживувам како една иритација од аспект што еве сега можеби Грците не начекаат во тесно или сфатија дека владата мора да потпише и малку бараа преку леб погача и сметам дека во тој дел не можам да кажам дека Договорот е идеален, меѓутоа повторно сакам да потенцирам дека не значи задирање во идентитетските прашања, затоа што идентитетските прашања, како што ни е објаснето и од она што можеме да го видиме во Договорот, и кај јазикот и кај националното изјаснување е зачувано. А сметам дека тоа беше една од најдолгите дискусии кога се отвораше тоа прашање.
Целото интервју со Љубчо Георгиевски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.